Светиот праведен Јован Кронштадски и Јапонската Православна Црква

На 14 Април, е спомен од прославувањето на светиот Јован Кронштадски, и неговото вбројување во списокот на светите. По тој повод, објавуваме краток текст за не толку познатата мисија на овој вселенски пастир. Раскажува, матушка Марија Мацушима, сопруга на православниот свештеник во Св. Благовештение, Нагоја, Јуничи Мацушита.

Животот на светиот праведен Јован Кронштадски, еден од најпочитуваните Руски светители, е тесно поврзан со Јапонската Православна Црква. За време на едно поклоничко патување во Русија, есента, 2006 г., имав можност да влезам во затворениот Андреевски храм во Кронштад и успеав да се запознаам со животот на едно духовно чедо на светителот – во Леушинското подворје во Санкт-Петербург.

Свети Јован Кронштадски е роден во 1829 г., во сиромашно село Сура, во близина на Архангелск. Благодарение на трудољубивоста и упорноста, тој се запишува во Архангелската духовна семинарија, а по нејзиното завршување – во Санкт-Петербургската духовна академија. На 26 години, јерејот Јован бил назначен за свештеник во Андреевскиот храм во Кронштад – пристанишен град во близина на Петербург. Тој секој ден служел Божествена литургија и за брзо време се прославил со исцеленија на болни и други чудеса.

За дејноста на кронштадскиот пастир регуларно се пишувало во весникот на Јапонската Православна црква „Сејкјо симпо“ („Православен гласник“). Во бројот од 5 ноември, 17 година Меиџи (1884 г.) се раскажува за чудесното исцеление на еден болен човек по молитвите на јерејот Јован. Списанието од 10 февруари, 27 година Меиџи (1894 г.) пишува за „благотворителноста на отец Јован“, кој организирал дом за работници, шнајдерска работилница, прифатилиште за бездомници и школа. Свети Јован Кронштадски се допишувал со рамноапостолниот Николај Јапонски, кој бил само седум години помлад, и испраќал донации за младата Јапонска Црква.

Икона на светиот праведен Јован Кронштадски, осветена на Леушинско подворје.
Икона на светиот праведен Јован Кронштадски, осветена на Леушинско подворје.

Во дневникот од 8 јули, 1900 година, свети Николај забележува: „Пристигна пакет со црковни предмети од отец Јован Кронштадски: свето Евангелие, три престолни крстови, дарохранилница, кандило, две свештенички полни одејанија, шест прибори воздух, два прибора литургиски садови и др. Сите предмети се сребрени, свилени, нови, прекрасни. Да го благослови Бог отец Јован со уште поголема благодат за неговата широка љубов! Дарот е изложен во крстилницата, за да им се покаже на христијаните, кои сите го знаат името на слугата Божји, отец Јован Кронштадски“.

Во месец мај, 36 година Меиџи (1903 г.) во спомен на осветувањето на храмот во чест на Благовештението на Пресвета Богородица во Кјото, праведниот Јован му подарил на храмот Свето Евангелие. На крајот на книгата зачуван е своерачен натпис од свети Николај за тоа, дека Евангелието – е подарок од отец Јован Кронштадски. За Евангелието од кронштадскиот батјушка спомнал и Светејшиот Патријарх Алексиј II за време на проповедта при посетата на Кјото во 2000 г.

Свети Јован Кроштадски обично се изобразува на иконите со путир во рацете. Пастирот секогаш ја потцртувал важноста на учеството во Божествената литургија и црковните таинства. Во Андреевскиот храм, кој собирал речиси 7000 луѓе, секој ден се служела Божествена литургија, и според руската поговорка, „немало каде јаболко да падне“. Пастирот физички не можел да му оддели време на секого за време на Тајната исповед, затоа почнал да прибегнува кон општа исповед.

За време на руско-јапонската војна, 1904-1905 година, во Јапонија завршиле неколку десетици илјади руски воени заробеници. Од нив, во логорот на заробениците во Мацујама се наоѓале 3000 луѓе. За извршување на богослужби и треби во логорите на заробениците, свети Николај испратил православни свештеници – јапонци.

„Отец Сергиј Сузуки од Мацујама пишува: бара да му се дозволи да извршува општа исповед, како што му е дозволено да извршува на отец Јован Кронштадски, заради преголемиот број на луѓе кои сакаат да се исповедаат и да се причестат кај него. На отец Сергиј, очигледно, оние офицери кои се исповедале кај отец Јован му раскажале за таа исповед и го поттикнале да побара таква дозвола и за него. Навистина, во Мацујама има 3069 болни и здрави затвореници. Како може да се справи со толкав број сам? Затоа, јас без да се колебам му дозволив и му испратив книга, каде што има “општо исповедање на гревовите“ со забелешка, после исповедните молитви, еден од исповедниците гласно и посебно да ја прочита, после што свештеникот ќе ги прочита молитвите кои следат после исповедта и разрешувањето. Предпричасниот канон и правилото треба да бидат исполнети како и обично. Ако некој има нешто посебно да си каже од душа, тој треба да се исповеда одделно“, – читаме во дневникот од свети Николај од 5 март, 1905 г. Од тој запис следи, дека рамноапостолниот Николај Јапонски, добро бил запознаен со служењето на праведниот Јован Кронштадски.

Делата на протоерејот Јован почнале да се објавуваат на јапонски јазик на крајот на XIX век, речиси веднаш после нивното објавување на руски јазик. Во септември, 1895 г., свети Јован Кронштадски своерачно му предал на Јован Сенума Какусабуро (кој бил испратен од свети Николај Јапонски во Санкт-Петербургската духовна академија за продолжување на образованието после Токиската семинарија), зборник од своите проповеди „Беседи за Бог-Творецот и Промислителот на светот“. За тоа се соопштува во предговорот на јапонскиот превод на книгата.

Јован Сенума мечтаел за средба со познатиот кронштадски свештеник и, за да се види со отец Јован, специјално долго го чекал пастирот во работничкиот дом, основан од него. Наеднаш, свети Јован Кронштадски излегол од една малечка црна кочија, придружуван од ѓаконот и чтеците, и буквално отрчал во домот. Кога Сенума се претставил и објаснил дека дошол од Јапонија, пастирот многу се израдувал, се приближил, го прегрнал и благословил студентот-академист. Како одговор на молбата на Сенума: „Помолете се за незнабожечката Јапонија“ – отец Јован одговорил: „Јас секој ден се молам не само за сите верници, но и за неверните во Јапонија“.

Свештеникот му предал на јапонскиот академист шест свои книги (три тома проповеди, два тома од дневникот и мисли за богослужбите) и го испратил со зборовите: „Кога ќе се вратиш во Јапонија, приложи ги сите свои сили за служење на Пресветата Троица“.

Подареното руско издание на книгата „Мојот живот во Христа“ на свети Николај Јапонски, било преведено во 33 година од Меиџи (1900 г.), од Матеј Уеда. Уште пред нејзиното официјално објавување, одделни делови од неа регуларно биле преведувани во „Сејкјо симпо“.

Ако го отвори човек првиот том од дневникот „Мојот живот во Христа“, веднаш ќе обрне внимание на фотопортретот на отец Јован. Под таа фотографија ги читаме зборовите: «Вся ко благоугождению Твоему и мудрствующе и деюще» („Сè за благугодување Тебе, и мудрувајќи и работејќи) – и потпис, „протоереј Јован Сергиев“. Таа молитва, која се чита за време на литургијата пред читањето на Евангелието, станала поднаслов на книгата.

„Мојот живот во Христа, или Минути на духовна трезвеност и созерцание, благоговејно чувство, душевно исправување и покој во Бога“ – е дело, кое во најголем степен ја одразува личноста на праведниот Јован Кронштадски. Тука пастирот ги собрал и своите дневникови записи, и зборовите од молитвите. Целосниот текст на таа возљубена од сите книга е достапен на интернет и на руски, и на англиски јазик. Пастирот не го цитира само, Светото Писмо, во книгата, зборовите од Библијата и Евангелието се гледаат како надополнување на сопствените мисли на свештеникот. И во наши дни на научно-техничка револуција и грамаден обем на знаења, светиот праведен Јован Кронштадски не ја одрекува улогата и местото на науката, туку повикува да се освети својот живот преку Божествената правда и премудрост. Ако во срцето, врзано од врските на знаењата и мудроста на светот, се вдахни малку Свет Дух, тогаш и светот ќе стане сосема поинаков.

Светиот праведен Јован Кронштадски основал многу цркви и манастири. Меѓу нив, особено се издвојува Леушинскиот манастир, на 300 км од Петербург, во кого исто го почитуваат праведниот Јован Кронштадски, како во Дивеево – преподобниот Серафим Саровски. Леушинскиот манастир бил подигнат благодарение на трудовите на кронштадскиот пастир и игуменијата, матушка Таисија. Протоереј Јован бил духовник на сестрите. Во 1894 година, во Петербург се отворило подворје на манастирот. Свети Јован Кронштадски многу сакал да доаѓа тука и во последните 14 години од својот живот, 150 пати отслужил на подворјето Божествена Литургија. Од амвонот на црквата во подворјето, пастирот пророчки зборувал за страшното време на револуцијата, кое се приближувало.

Протоереј Јован Сергиев се упокои во Господа, на 20 декември, 1908 година. Во 1920 година, Леушинскиот манастир бил затворен, а подоцна потопен во Рибникот, образуван за време на една од комунистичките градби – Рибински ГЕС. Во зградата на подворјето била отворена психичка болница, а храмот на три спрата бил пренаменет. Сепак, на чудесен начин, до наши дни се сочувала иконата на Света Троица, насликана како фреска под куполата на Андреевскиот храм.

matsushima
Во храмот, во Леушинското подворје. Во ценатрот, веднаш покрај протоереј Генадиј Беловолов, авторот на статијата Марија Мацушима.

Денешниот настојател на црквата во Леушинското подворје, отец Генадиј Беловолов многу го почитува светиот праведен Јован Кронштадски и трепетно се однесува кон храмот кој му е доверен. Иако во септември, минатата година тука имаше само привремен иконостас и немало царски двери, сè беше украсено со цвеќиња и околу 100 луѓе се причестија за време на Божествената Литургија. Исповедници имаше толку многу, што отец Генадиј продолжи да исповеда, иако започна долго пред литургијата, сè до пеењето на третиот антифон.

Во храмот регуларно се одржуваат хорски проби, часови за чтеци, и вечерни курсеви по катихизис. За време на традиционалните хорски проби, во среда навечер, го слушнав древното руско знамено пеење. Веднаш после диригентот Наталија, дипломант на Санкт-Петербургскиот конзерваториум, хорот по ноти „крјуки“ многукратно повторуваше стихира на петти глас (подобна на Пасхалната стихира). Така распевот се запомнуваше и за слух, и за вид.

Неодамна, прозорците биле сменети, но старите рамки не ги исфрлиле, и од зачуваните дрвени делови од нив, решиле да направат голем крст. „Зашто тие рамки го слушале гласот на батјушка Јован“ – објасни отец Генадиј. Во тој момент, јас особено силно почувствував дека Православието се возродува во сите руски храмови.

Неделата, после Божествената Литургија, јас им се претставив на сите парохијани како сопруга на свештеник во Јапонската Православна Црква, настојателот на храмот на Благовештение на Пресвета Богородица во Нагоја. Тогаш, секој почна да ми дава по една или неколку икони со зборовите: „За верниците  во Јапонија“, и после неколку минути, јас веќе не можев да ги држам во рацете сите подароци.

Отец Џуничи и матушка Марија Мацушима
Отец Џуничи и матушка Марија Мацушима

Слично како порано, кога светиот праведен Јован Кронштадски вознесувал молитви за Јапонската Православна Црква која се наоѓа во „земја на неверни“ и за сите јапонци, во тој момент, сите луѓе, собрани во Петербург, во храмот-дете на пастирот, повторно се молеа за зацврстувањето на Православието во Јапонија. Така, преку времињата просторот се чувствува непрестајната молитвена помош од кронштадскиот пастир.

Марија Мацушима Ѕјунко

1 ноември, 2007 г.

Извор: http://www.pravoslavie.ru/orthodoxchurches/41388.htm