СВЕТИ ЃОРЃИ КУРБИНОВО – РЕНЕСАНСНИОТ БИСЕР НА ПРЕСПА

На 09.12.2017 г., кога си спомнуваме за големиот настан од осветување на храмот на Св. Георгиј во Киев, ви ја приложуваме репортажата за нашиот вселенски светилник, посветен на истиот светител во Курбиново, Преспа. 

… 25 април, 1191 г., една мала група на зографи, на Бога само познати, го зографисуваат скромниот  храм посветен на Св. Ѓорѓи  Победоносец, создавајќи го највредниот уметнички ансамбл на средновековието, ренесансниот бисер на Преспа… Да не дозволиме неговата валоризација да остане само ипишана на хартија, стоел низ вековите спротиставајќи се на ијадници војски, окупатори, на природни непогод. Но дали ќе упее да се спротистави на нашата негрижа и невнимание?

Со непремостлив контраст меѓу скромната надворешност и  раскошнта ренесансна  внатрешност ,во пазувите на Баба планина ,со векови стои скромниот дом на Ангелот од Курбиново под будната стража на својот патрон Св.Ѓорѓи Победоносец.Промислата господова не дозволила манастирот  да потклекне под нападите на војските на Византијците,Османлиите Балканските и Светските војни .Стилот на ателјето на мајсторот  кон крајот на XII век   ќе биде пренесен и употребен во катедралите во Пистоја и Пиза, градови од италијанскиот регион Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фрескосликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса.

1952 г.,  е прогласен за споменик на културата. Манастирот се наоѓа во атарот на село Курбиново, во непосредна близина на Преспанското езеро, на магистралниот пат Битола – Ресен, на некогашниот римски “Виа Егнатиа”, кај крстосницата “Макази”, каде што се одделува пат за преспанските села. Кај с.Асамати, патот се дели и еден од краците води кон селото Курбиново. Околу 3 км над селото, под планината Баба, т.е. Националениот парк Пелистер, се шири прекрасен панорамски поглед на Преспанското езеро, каде се наоѓа црквата “Св. Ѓорѓи”  мала, скромна, еднокорабна градба која оддалеку и не се познава дека е црква, сè додека не се примети олтарот. За постарите истражувачи од 19 и 20 век, црквата Св. Ѓорѓи беше само незабележителна селска црква, без импозантни архитектонски облици, скромен надворешен изглед, без ктиторски натписи дури и отсутна од споменичката топографија на Преспа. Првиот проучувач на средновековната уметност на овие простори, рускиот археолог и историчар П. Н. Милјуков не ни ја посетил. Првите историчари на уметноста што го посетија, беа Г. Мије и Ѓ. Бошковиќ 1933 г., кога и направија огромен истражувачки пропуст со грешка на датирањето на црквата од 16-17 век. Во споредба со другите споменици со особена ликовна вредност, сознанијата за манастирот Св. Ѓорѓи, Курбиново созреаја дури во втората половина на 20 век. Заслугата за воведувањето на црквата Св. Ѓорѓи во науката, со првата дескрипција на живописот и точното датирање врз основа на стилска анализа му припаѓа на српскиот историчар на уметност Радивоје Љубинковиќ, автор на првата монографија за Курбиново – Стара црква села Курбинова – Преспанско Језеро – 1942 г., објавена во списанието Старинар. Првите полемики беа околу  датирањето на црквата. Кон крајот на 1958 г., е разрешена оваа дилема, при конзеравторските  под  раководство на А.  Николовски и З. Блажиќ, кога e откриен  запис од „Чесната трпеза“, на северниот дел на олтарот  – 25 април  1191 година. 1961 г., на 12-от конгрес на византолозите во Охрид беше фрлена првата светлина во откривањето  и значењето на црквата Св. Ѓорѓи. Од страна на некои Византолози беше оценета како селски провинциски споменик, бледа копија на цариградската црковна градителска традиција и ументост се додека не настапи со излагање Р. Љубинковиќ. Заедно со С. Радојчиќ, А. Грабор, М. Хаџидакис, Д. П. Рајс ги произнесоа своите научни опсерватории и ги отворија вратите на Св. Ѓорѓи  во светската ризница на вредности. Направени се аналогии со Св. Пантелејмон Нерези, Св. Кузман и Дамјан во Костур, но и со други цркви од Кападокија, Кипар, Синај, Русија, до Палермо и Венеција.

Преданието вели  дека црквата е поставена на стари темели кои датираат од 9 век. Околу црквата некогаш постоеле и манастирски конаци. На 6 мај, на верскиот празник Ѓурѓовден, кога селото има слава, луѓето доаѓале во манастирот и традиционално тука се одржувале веселби. Зависно од тоа дали Ѓурѓовден се паѓал пред или по Велигден, се послужувала посна или мрсна храна. Една година, кога за Ѓурѓовден требало да се служи посно, селаните одлучиле славата да ја поместат по Велигден, за да имаат мрсна гозба. Божја волја или нешто друго, кога казаните веќе ја привршувале својата работа, дошло до лизгање на земјиштето и целиот конак се урнал, се раскажува дека и многу луѓе загинале. И оттогаш, црквата низ вековите опстојува како самостоен објект затоа што никој, никогаш не ги изградил пак. Токму поради тие конаци, курбиновци, како и народот од преспанскиот крај, црквата „Свети Ѓорѓи“ ја викаат манастир.

При испитувањата во седумдесеттите години е открилена средновековна некропола, откриен е детски гроб со прилог чаша. Од  десната страна на влезната порта е најден гроб на двајца архиереи. Фасцинираше нивната висина од околу 190 сантиметри. Постои уште едно предание дека на прагот во црквата е погребан некој монах, што не е ретка практика во монашкиот подвиг, како симболика за презир на гордоста и страстите. Инаку, до 1920 година Свети Ѓорѓи била сакрална црква, за што сведочат и гробиштата во близина. Всушност, некогаш тука се наоѓало селото Курбиново. До 50-те години на 20 век  била напуштена, отворена и откриена. Им служела на ловџиите да се затскријат од невреме и од студ, а и малите деца од селото знаеле често тука да играат и да палат оган. Живописот е автентичен од 12 век, а имало и детали од 15 век, но тоа е симнато и сега е останато само тоа од 12 век. Од 1959 година се направени неколку реставрации во смисла на закрепнување на постојното. Оригиналниот под на црквата е променет во 1974 година и од него е останат само оној пред црквата. 1974 г на платно е пресликана источната страна, која на изложба во Москва ќе го освои второто, а на изложба во Париз ќе го освои првото место. Богослужба во манастирската црква имало сè до 1920 година, но откако се изградила нова црква во селото, во црквата Свети Ѓорѓи не се служи Литургија. Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново осветена е во 1991 година. Зад црквата, преку рекичката што тука тече, има извор со вода за која курбиновци веруваат дека е лековита. Велат, за главоболка, за несвестица и други помали болештини.

Изградена во 1191 год.  за време на владеењето на Исак II Ангел кој бил внук на основачот на Нерези, принцот Алекс. Иако ктиторот не ни е познат, ни неговиот општествен статус, јасни се неговите естетски и интелектуални барања со оглед на префинестоста на зографот што го избрал. Во XVII век била запуштена, а во текот на XIX век била обновена. Црквата „Св. Ѓорѓи“ е еднокорабна градба со полукружна апсида. Долга 17 метри и широка 7 метри, ѕидовивите се дебели 1 метар, претставува  најголемата еднокорабна црква во Македонија. На западната страна нема нартекс (двор каде се собираат верниците). Има два влеза и изградена е главно од камен и помалку од тули. Се претпоставува црквата била со дрвен покрив на две води, Црквата има специфичен начин на обработка на фасадите, кој што денес може да се забележи само во долните делови на западниот и јужниот ѕид. Во екот на главното декорирање, оваа фасада со ефект на вештачки тули е прекриена со новата програма за декорирање на екстериериерот на црквата. Во новиот фасаден фрескопис доминира светлата окер боја со исклучок  на нишите каде е основата е сина.

На јужната фасада  фасада постојат остатоци од 4 композиции о циклусот Св. Ѓорѓи. Постои мислење дека некогаш имало 8 композиции, кој би требало да го краси просторот околу влезот. Во лунетата го среќаваме Св. Ѓорѓи во еден редок деисис за средно византискиот период, како посредник на Прсвета Богородица, наместо Св. Јован Крстител. Најблизок по својата положба и хронологија му е мозаикот над главниот влез во Св. Марко во Венеција.

Средниот појас на западната фасада бил украсен со фигурите на тројца свети коњаници и со една низа фигури во цел раст во лунетата што се наоѓа над вратата. Средниот коњаник во лунетата е Св. Ѓорѓи. Фрагментите од ореолот, штитот и подигнатото копје, како парадира на коњ, овозможуваат да се претпостави дека светиот патрон бил претсавен според неговиот најнов  тип. Натписот во 2 реда на архиволтата над лунетата, денес содржи само неколку разбирлизви зборови, при што станува збор за  вера и бесмртност. Лево е претставен Св. Теодор  и Св. Димитрија, десно. Овие идентификувања  што се овозможени од физиономијата на светите воини се потврдени со фактот дека во 19 век,  еден трет слој (денес отстранет) ја украсувал фасадата на црквата и ги претставувал тројцата воини, овој пат како ги поразуваат своите непријатели. Оваа заедничка претстава  на тројцата воини коњаници на фасадата е мошне ретка во 12 век, и ги најавува поствизантиските програми. Ова се потврдува со присуството на Св. Димитрија на коњ во внатрешноста на црквата, над некогашната северна врата, датирана од крајот на 16 и почеток на 17 век.

Над фрагментираните слики од светите воини  коњаници, лево од лунетата се распознава долниот дел од 2 фигури во царски облеки, од кои едниот со лорос стои на раскошни и везани перничиња, додека десно од лунетата се распознава долниот дел од фигура со светла облека. Овие остатоци се најрозачарувачки бидејќи ја навестуваат врската меѓу нивното постоење и основачот, но никогаш нема да ја откријат. Не може да се открие ни  која била врската меѓу овие 2 фигури и третата во светла облека со црвен раб, која не користи перниче. Како што се гледа од ктиторот и семејството останат е само фрагмент од чевлите, според кои е дојдено до заклучок дека овој ктитор припаѓа на световната (побожна) аристократија. Со оглед  на изборот на Св. Ѓорѓи за свој патрон може да се претпостави дека  ктиторот е некој благородник воено лице, а оној што го застапувал ктиторот  пред императорот и бил негов покровител несомнено бил Јоан Каматир. Личност блиска до највисоките кругови на Византија. Клучна личност на културната и ликовната трансмисија на Охрид и Преспа со Цариград.

Фреско-живописот од дванаесеттиот век е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона. Претставува симбиоза на Цариградската концепција, која на моменти се губи и надвладува таков линеаризам и форми, што повеќе ѝ одговараат на “провинцијата”, а тоа е специфично за месните мајстори. Тоа се гледа и во издолжените и мускулатурни фигури, со посебна елеганција, но и со мошне компликуваните драперии, кои дури се прозрачни, со барокна разиграност како да лебдеат на ветар, карактеристика за ова мошне значајно сликарство. Цртежот е експресивен, динамичен со нагласена виткост, живост и раздвиженост на насликаните фигури. Тука, линеаризмот на Комненовскиот стил во уметноста е резултат на разбирањата на домашните зографи и тоа минува во фаза на барокна подвижност. Сепак тоа не преставувало пречка да се изразат најсилните внатрешни уметнички пориви на зографите. Лицата се со изразена драматичност, ретко убави, со голема доза на авангардност и некласична форма, во стил што припаѓал на некоја тогашна тенденција. Странично стрчење на веѓната аркада, слаби образи, нагласени јаболчници, специфичност на ушните школки, месестите усни, широки ноздри, а најкарактеристично е благото скршување на носната коска кон профилот, што е реткост во зографисувањето. Ваква појава е сретната во првата половина на 12 век во минијатурите од  цариградките ракописи. Некои историчари, судејќи по неговата теолошка наобразба милсат дека главниот мајстор бил од Цариград, кој соработувал со локални мајстори. Палетата на бои е строга и богата. Натписите се посебно елегантни неверојатно слични со оние во Костур, како пишувани со една рака. Програмската шема на фрескописот веројатно му припаѓа на главниот мајстор. Архитектурата на фреските е карактеристична за новите тенденции од втората половина на 12 век, кули, лакови, тераси, аркади, ѕидови итн. Кастелите се поиздолжени, пофантастични. Второстепените елементи како намештај, предмети, животни се помалубројни, но насликани со огромно внимание, детали. Сите  форми што ги создало ова ателје, човечките фигури, околината, божествената светлина се вклопени во една хармонична аналогија меѓу перпсективата, волуменот, линијата во форма на Ѕ.

Сè до крајот на 13 век во македонскиот живопис доминира комненовскиот стил. Се претпоставува дека фреските во групата на цркви околу Св. Ѓорѓи во Курбиново и Св. Пантелејмон во Нерези се дело на една сликарска школа, која со променливи достигнувања го зафаќа периодот на втората половина на XII век, делувајќи на  просторот од Костур до Ѓурѓеви Ступови во Црна Гора. Целосно, во овој комплекс на фрескоживописување, фреските во Нерези се сметаат за најсупериорни, но во исто време би можеле да се постават и фрески од Курбиново кои се извишуваат над сите, а тоа се Благовештението, фреските во олтарната ниша и Вознесението на Богородица кои се вбројуваат во највредните дела, што византиското фрескосликарство ни ги оставило во наследство воопшто.

Поделбата на просторот во црквата е јасна, симетрична, хармонична. Декорацијата е поделена на 3 насликани зони освен во западниот ѕид каде се 4. Апсидалната декорација е нагласена со геометриска орнаментика; еден троен перваз ги одвојува литургиските слики од сцените на Евангелието. Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на Големи празници, а во третата пророци. Во олтарниот простор во првата зона е насликана композицијата: Поклонување на архиереите на Христос – Агнец (Мелисмос) каде наместо дотогашната претстава на јагне,Исус Христос е претставен како русокосо дете со кадрава коса, голем по раст, спружено на чесната трпеза кое благословува над воздухот. Над главата му стои пехарот; сред простирката е Светиот Путир со лебот под крстот. Еден балдахин со неразвиени столпчиња е насликан како привид околу двата отвора во апсидата. Службата на архиереите ја сочинуваат: Св. Василиј Велики, Св. Григориј Богослов, Св. Григориј Двоеслов, Св. Григориј Ниски, Св. Јован Златоуст, Св. Атанасиј, Св.Ахил и Св. Никола. Во конхата на апсидата, на трон седи Богородица Никопеа, фланкирана од двете страни со Архангелите Михаил и Гаврил. Во рацете го држи разиграниот Исус, кој е претставен во профил.

Источен зид: Вознесение Христово – третта зона, Архангел Гаврил и Пресвета Богородица  од Благовести – втора зона, Св. Стефан (ниша на проскомидијата) и Св. Евплос (ниша на ѓаконикот)

Вознесението Христово најповеќе го открива визионерскиот карактер на мајсторот од Курбиново. Сцената е вообичаена, распоредот и елементите во неа, но внесува нови елементи во Теофанијата. Спрема Актите на апостолите (Дела апостолски I, 1-4) Христос од Вознесението се претставува веќе како во Страшниот суд, во Курбиново се наоѓа во златна туника сред живи води. Во неговата сјајна слава се крие синкаст воден свет со бранови кои влечат риби, чудни суштества, еден лав со глава на старец и со опашка на змија. Во делот на службата  за Вознесение, се читаат едно по друго два текста на Захариј – И тој ден ќе потече од Ерусалим жива вода, половина кон првото море, половина кон второто. Исто ќе биде и во лето и во пролет. И Бог ќе биде цар на целата земја… Оваа жива вода уметниците ќе ја претстават на различни начини, нашиот мајстор создал уникатна претстава со својата смелост и драма. Живата вода не само што излегува од престолот, туку и го опкружува од сите страни. Животните се страшни исто како оние од Страшниот Суд. А Христос во слава од Вознесението не ќе биде само делител на водите, извор животоносен, туку и Врховен судија, како што сведочат Делата Апостолски.

Со композицијата Благовести со Архангел Гаврил (северно) и Богородица (јужно) се отвора циклусот на големите празници на црковната година – Додекаортон (придружени со средбата на Марија и Елисавета, Симнувањето од крстот, Оплакувањето на Христа, жените мироносици на Христовиот гроб, 4 сцени секогаш присутни во тогашните ансамбли) Тој се отвора во една пониска зона на тритте други ѕидови и завршува со Вознесението и Духови. Уште од Благовести, божественото присуство се манифестира преку треперењето на едно парче небо од кое излегуваат светли зраци  што го носат гулабот на Светиот Дух. Овие елементи се карактеристични за фрескописите од 12 век, но специфичноста на гулабот е посебна, посебно неговото око во форма на рипче. Божествената светлина било да се појавува на небото или да опкружува некоја фигура во слава, отстапува од класичниот приказ на градација на сината боја во бела, туку се јавува како зелено јадро растопено во некој сјаен прстен. Божествената сбетлина ја среќаваме и во композициите: Раѓање на Христа. Крштение, Преображение, Слегување во пеколот, Вознесение, Успение и во Теофанијата Постар од деновите.

На јужниот ѕид се насликани: Пророци – третта зона, Посета на Марија кај Елисавета, Разговор на Марија со Елисавета, Раѓање Христово, Сретение, Крштение, Воскресение Лазарево – втора зона, во олтарниот простор насликани се Св. Методиј Солунски, Св. Кирил Солунски (идентификација Д. Барџиева) и Св. Кирил Александриски. Надвор од олтарниот простор насликана е претставата на Исус Христос Мир – Ирини, а до него Богородица и Св. Јован Претеча од Деисис, Св. Марина, Св. Кузман и Дамјан, Св. Пантелејмон, Св. Константин и Елена, Св. Јоаким и Ана – прва зона.

Средбата на Марија и Елисавета-во 12 век оваа композиција била вклучена во циклусот на празниците. Во Курбиново мајсторот ја разделил својата композиција од двете страни на еден прозорец и го претставил не само бакнувањето, туку и разговорот меѓу Марија и Елисавета.

Раѓањето Христово е фрагментирано, недостасуваат Мудреците и Јосиф. Тука е истакната една реткост во византискиот живопис, но карактеристична за античките сцени на капење на дете, тоа е голото рамено на  младата бабица.

Сретението Христово е многу оштетено. Останати се две мали стопала во висина на левиот лакт на старецот Симеон, кои сведочат дека го држел Исуса в раце во склад со доминтантната иконографија од крајот на 12 век, само што овде, Симеон не го потпира образот нежно кон главата на детето. Пророчицата Ана зад Симеон одвиткува свиток на кој што пишува: ОВА ДЕТЕ ГИ ЗАЦВРСТИ НЕБОТО И ЗЕМЈАТА.

Композицијата Крштение Христово е вообичаена за тоа време. Се истакнуваат само некои моменти како голиот старец и голиот младич кои се потпираат на своите урни , мотиви наследени од Антиката, и посебно внимание привлекува  еден младич во куса облека, кој брзо се оддалечува од Христа истурајќи ја својата стомна.

На западниот ѕид  се насликани: Слегување на Светиот Дух на апостолите – прва зона, Исус Христос – постар од денот во присуство на херувими, серафими и два ангели – третта зона, Влегување во Ерусалим, Успение на Пресвета Богородица, Преображениe – втора зона, претстави на жени светителки: Св. Текла, Св. Петка, Св. Теодора, Св. Варвара, Св. Недела и Св. Катерина – прва зона.

Исус Постар од денот или Старец на деновите – исклучителна по својата композиција и големина, оваа теофанија е од визијата на Данило, каде Бог Отец стои на престолот во слава, меѓу еден херувим и еден тетраморф од една и 2 серафими и 2 ангели од друга страна, додека два ангели во царска облека стојат на перничиња. Триесетте се распордени на врвот на страничните ѕидови и се доста оштетени.

Од Христолошкиот циклус следна композиција со значајни карактеристики е Влегувањето во Ерусалим, во која Христос сака да се сврти кон своите ученици. Овој детал како и присуството на едно дете кое вади трн од ногата, ја најавуваат идната иконографија на темата. Овој мотив превземен од античкиот Спинарио се среќава и во Св. Врачи во Костур, споен со фигурата на малиот Ерусалимец, кој со едната рака вади трн, а другата му ја држи возрасен човек.

Успението на Пресвета Богородица  е фреска со потврди црти, потемен колорит во кој преовладува окер – црвената боја. Лицата се со карактеристичен профил. Се смета дека е дело на вториот мајстор. Влегувањето во Ерусалим и Симнувањето на крстот може да се исто негови дела.

На северниот ѕид се насликани: Пророци – третта зона, Распетие Христово, Симнувањето од крстот, Св.Димитрија 16 век, Мироносици на гробот Христово, Слегување во адот – втора зона, Св. Онуфриј (западен ѕид во внатрешноста на северниот влез) и Св. Ефросин (источен ѕид во внатрешноста на северниот влез), а на источната страна од северниот ѕид, претставата на Св. Ѓорѓи, Св. Климент Охридски и Св. Климент Папа Римски (идентификација ан Ц. Грозданов) – прва зона.

Страдањата Христови со циклусите Симнување  од крстот и оплакувањето се најтрадиционални од сите, поточно архаични, затоа што не го содржат моментите од 12 век. Едната Христова рака сè уште е закачена на крстот, што не ѝ дозволува на Богомајката да го прими својот син, како што е случај во Нерези. Богородица стои на едно столче за да му ја бакне раката, што е реткост за овој период, но се среќава во Италија во 13 век и во Византискиот свет, дури 14 век. Моментот со столче во Курбиново е доказ за негово присуство во Доцно Комненскиот период. Оплакувањето е тесно поврзано со иконографиите од 11 век со претставите на спуштањето во гробот. Телото на Христа е голо, изложено на мртовечкиот покров, сеуште носено од своите блиски кои не го довршиле чекорењето.

Слегувањето во адот е последниот празник што ги краси страничните ѕидови. Претставува едно од најубавите остварувања на мајсторот, хармонија на рамнотежа, силниот израз, силата и истенченоста на линијата. Самата претстава датира од 7 век, а главната поента е да се зацврстат чевечката и бозествената волја на Христа, односно акцентирањето на појавата на Христос во пеколот, 8 век. Силната светлина во темнината на адот во овој период е претставена во вид на мистичен бадем. Во Курбиново мајсторот внел нова мода на стариот тип која продолжува во 13 век. Во Св. Ѓорѓи славата е во кружна форма, во која се издвојува, односно истакнува Христовата фигура. Присуството на Авел меѓу праведните, кој бил стар и редок момент, го внесува во новите тенденции во овој период.

Во хорот на светителите,  чиј прв ред  го претставуваат архиереите на страничните ѕидови е прекинат, на нивото на иконостасот. За жал, исчезнати се монументалните претстави на патронот Св. Ѓорѓи и на спротивната страна, Христос – мир. Во долната зона на северниот ѕид ништо не е сочувано до сликата на Св. Ѓорѓи, а другите свети воини исчезнале. Светите Бесребреници се претставени преку Св. Кузман и Дамјан и и прекрасната Св. Пантелејмон во долниот дел на јужниот ѕид. Како чуварка на влезот, во  отворот на јужната врата e претставата на Св. Марина која го убива Велзевул, реткост и новост  во овој период, кој се наоѓа отспротива на еден крст, украсен со скапоцени камења. Категоријата на анахорети  (пустиножители) и калуѓери  е застапена со бистите на Св. Онуфриј и благочестивиот Ефросиниј, извонреден и најстар пример, во отворот на поранешната северна врата. На истиот северен ѕид, на западниот крај, останале фрагменти од бела кадрава коса со нимбус. Литијата на светителите продолжува со Св. Константин и Елена, Јоаким и Ана доилка. Потоа следуваат претставите на светителките Св. Текла, Св. Петка и Св. Теодора лево, а десно Св. Варвара, Св. Недела и Св. Катерина. Ликовите на некои светители се со побелена коса, тенденција што се јавува покасно: Елисавета, една од бабиците во Раѓањето на Христа, Мојсеј во Преображението, Ева во Селгувањето во пеколот. Мртовечкиот изглед на Лазар не е вообичаен. Потоа ликовите на Св. Константин и Елена, облеката ја следи императорската мода во Комненскиот период, особено круните (Камелафкионот на цар Константин и високата Стема на Елена), но и контраст меѓу темниот тен на императорот и необичната русост на неговата мајка царицата Елена. Една од највпечатливите врски со Самоиловото царство, словенизацијата и Охридската архиепископија се претставите на Св. Кирил и Методиј, кои се едни од најстарите на овие простори, потоа Св. Климент, Св. Ахил Преспански.

Поради едноставната архитектура на црквата среќаваме редуцирана орнаментика, но доста префинета и практична. Мотивите околу апсидата се геометриски, релјефни цик-цак бранови, фриз од четворолистови, натписот на Богородица од Октоихот спаѓа исто во овој систем, што е редок мотив во средно-византискиот период. Во Курбиново нема широки појаси со растителна орнаментика. Додека дезенот на ткаенините е цветен, од лилјани кои биле во мода во дворските средини за време на Комнените.

Оние што се најзаслужни за вивнувањето на Св. Ѓорѓи Курбиново во светските хоризонти на културно историските споменици се: Лиди Хадерман Мисгвиш, Донка барџиева, Димче Коцо, Петар Миљковиќ Пепек, А. Николовски, Балабанов, Блажиќ и Цветан Грозданов. Во продукција на МРТВ е снимен документарниот филм  Закопана мистрија по сценарио и текст на Цветан Грозданов.

Подготви: Марија Касовска