Пресвета Богородице спаси нè – Храм Пресвета Богородица, Битола

            Кон Богородица со љубов сега да пријдеме ние грешните и смирени, да паднеме во покајание викајки од длабочината на душата: Владичице, помагај ни милувајќи нè, побрзај пропаѓаме од множтвото гревови. Не одбивај ги твоите служители празни зашто Те имаме како единствена надеж.

 (тропар кон Богородица од Молебниот канон)

            Од денот кога торжествено беше донесена Чудотворната икона на Мајката Божја, во храмот Рождество на Пресвета Богородица, со благословот на нашиот Владика Mитрополитот Преспанско-пелагониски Петар, не престанавме да ги чувствуваме молитвите и благословот на Мајката Божја. Реки на народ небројни молитви, и света радост со која се исполни храмот Божји!

Па така уште од тогаш, братството на храмот со верниот благочестив народ се зафатија со усрдност и љубов, да приготват достојно место во храмот за НЕА!

Заедно сите, и братсвото и народот се потрудија да се изработи „мал иконостас“ од длабока резба, за да добие чудотворната икона на Мајката Божја ,,ПОСТОЈАНО“ место во просторот на црквата Пресвета Богородица.

Додека вредните раце, на копаничарот Јане Крстевски го завршуваа дрвениот мал иконостас, „Чудотворната икона на Мајката Божја“ стоеше во средината на храмот.

Оваа недела 23 по Педесетница, кога се слави споменот на св. Апостоли Клеопа, Терциј и Марко и на св. Маченици Зиновиј и Зиновија, Архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов и братството ги осветија новите кандила и иконостасот, кои сега постојано ќе бидат сместени до владичкиот престол, и ќе ни биде на сите молитвено место за воздишки и молби кон Богородица, која ја брише секоја наша солза! Слава на Бога за Сè!

АМИН

 

Подготви: Протоѓакон Драган Ѓоргиевски