Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 39-то

21 април /4 мај 1970 година

Понеделник од Томина недела

Возљубени во Христа, огласени Крег и Сузан [Јанг]!

Христос воскресна! Мило ни беше што слушнавме за вашата весела Пасха, како и тоа што добивме толку искрено и отворено писмо од вас. За веднаш да ве смирам,  јас (исто и Глеб,) не гледаме голема пречка на вашиот пат кон Православието од тоа што го напишавте. Често, ѓаволот користи бедни сопки –  недоразбирања, и т.н., за да ја ослабне нашата волја, особено во поглед на вакви богоугодни дела, какви што вие се обидувате да принесете. Обично, доволно е кратко објаснување за да се разјаснат овие прашања и да се разреши недоразбирањето. Исто така, забележав дека, како и некои други кои се новообратени во верата, кои се приближуваат кон Православието, и вие сте доживеале некои особено впечатливи духовни чувства. Но, и покрај тоа, што несомнено ви се допуштени од страна на Божјата благодат, треба да бидете малку претпазливи кон нив. Тие треба да се сметаат повеќе, како мед, намазан на работ од чашата со кој Бог ве привлекува кон посилен напиток од Светото Православие; но сами по себе, тие не содржат посебно значење. Вие ќе трагате и ќе ги барате, но подоцна кога ќе преминете од млекото, од вашите први православни “младешки денови”, кон тврдата храна на посолидна основа и искуство во Црквата, ќе откриете дека православниот духовен живот се храни на други и подлабоки начини.

Ќе се обидам колку што можам да ве посоветувам. Ќе откриете дека за многу практични прашања поврзани со водењето на православен христијански живот, може да се дадат различни одговори, во зависност од личностите и околностите. Исто така, може да пронајдете дека некои работи кои можеби си ги дозволувате сега, подоцна, кога ќе имате поголемо искуство во Православието, ќе ви изгледаат непристојни. Православието е многу строго во однос на доктрината и религиозната практика; но подобро така, бидејќи колку што човек проникнува подлабоко во Православието, ќе открие дека постепено се преобразува целиот негов живот, така што, тој со православен дух пристапува кон некои работи, кои би можеле да изгледаат како да се надвор од религијата; но во својот пристап, Православието никогаш не е “авторитарно” или “формално” и нема да пронајдете во него нешто како “ден на света обврска” (во Црквата  се пристапува не од обврска туку од љубов и посветеност), ниту пак нешто како “список на забранети книги” (иако има определена идеја за тоа, каков вид на книги треба да читаат православните христијани).

Што се однесува за тоа, што еден православен христијанин треба или не треба да чита: духовниот отец има право и должност да ги советува своите духовни чеда за било каков вид на читање, особено што треба да се избегне – ова во основа се однесува на оние кои се незрели или не читаат подлабоко и кои би можеле навистина да бидат повредени од читање нешто, што тие не се подготвени да го примат и да го сфатат на вистинскиот начин. (Како што на пример, во нашето најново издание на „Православно Слово“, стр. 30, отец Герман вели дека човек, кој не може точно да ја познае вистината, треба со сите сили да избегнува книги напишани од Сен-Симон.) Со вашата подготовка, јасно е дека имате искуство и расудување за сами да одредите што да читате. Како што растете во Православието, несомнено ќе се промени тоа што го читате, но вие треба да пресудите – со повремени совети, можеби, од оние кои се повеќе утврдени во верата. На самиот почеток, јас ќе забележам само две работи: (1) Што друго и да читате, треба редовно да читате од основните православни извори – Светото Писмо, Житијата на Светиите, духовна литература (делата на Свети Јован Кронштатски, Добротољубието, „Поклоник“, сл.) – што е особено важно за време на Великиот пост, кога филмовите, световната музика, забавите, ТВ, и несериозни читања и активности од секаков вид треба да се избегнуваат, колку што е можно. (2) По секоја цена, треба да се избегне еклектицизам – ставање католички светители, статуи на Буда, или било што друго на местото кај иконите, или читање хинду, будизам, католички или други “духовни” дела на исто ниво како и православните духовни дела. Да прочитате доволно за хиндуизмот за да бидете информирани, се разбира, е нешто друго. Постојат два вида на новообратени во Православието во околината на Сан Франциско, кои доаѓаат од хиндуизмот и може да раскажуваат за нивниот сатанизам работи од кои се крева косата на главата, што е навистина точно, како што велат Отците, дека “боговите на незнабошците се демони”.

Ова нè доведува до прашањето за Кван-јин, будистичките храмови, итн. Јас лично имав доволно искуство со будизмот и будистичките храмови, така што никогаш повторно нема да посакам да бидам во нивна близина, и го фрлив будистички идол пред кој еднаш се молев. Но, тука повторно ќе ве води вашата совест која ќе расте во Православието. Јас никогаш не бев заинтересиран за Кван-јин и дури и не се сеќавам дали има голема религиозна посветеност кон овој лик; ако вашата статуа некогаш била во храм или се користела за укажување посветеност, јас би бил многу нервозен да ја имам во моја близина, но ако (како што е можеби случај) е направена како уметничко дело, тоа би било сосема друга работа. Размислете и расудете сами. Што се однесува до будистичките храмови, јас по секоја цена избегнувам да бидам присутен во нив за време на било каква служба- што за светскиот турист, таквата служба би била “забавна”, но за нас кои сме духовно свесни, вакво “духовно” присуство кое не е од Бога, може да делува врз нас на начин на кој не можеме да го предвидиме. Што се однесува до нивна посета кога не се одвива служба, добро, ако отидете, но вашето однесување треба да биде со поголема свесност и претпазливост од обичните туристи. Искрено ви кажувам, на сите прашања за идолите и храмовите, Отците одговорија со категорично „не“! Но, во наше време на светска рамнодушност, прашањето, кое во основа не се промени, се претставува на помалку радикален начин, а разумниот и зрел човек самиот треба да дојде до овој заклучок. Ќе видите, можеби, многу работи кои сега ги сметате како неутрални или рамнодушни нема да ви изгледаат сосема исто и во иднина.

А сега би сакал да споменам неколку работи за кои што не прашавте, со надеж дека ќе влезете во Православната Црква со колку што е можно помалку “остатоци” од католицизмот. Постои извесна католичка пракса која, без оглед на нејзините незначителни придобивки не е во согласност со православниот начин на живот и може да се помеша со прилагодување кон нив. Спомнавте “медитација”. Католичката пракса на повикување слики, спомени, и сл, на светите личности од страна на нашите Отци се смета како непотребна и штетна. Да размислуваме за нешто прочитано е една работа, како што е, исто така, да се кажува Исусовата молитва или било која друга молитва во тишина; но “медитација”, е нешто сосема непознато за Православието и всушност може да ве воведе во раздуховнет пат кон духовна соблазна. Вие сте на вистинскиот пат кога ќе ја замените медитацијата со Исусовата молитва – всушност тоа што го подразбирате под “медитација” е вообичаена католичката пракса. Суштествениот принцип е дека не треба да им верувате на сопствените мисли и чувства, но да се приспособите на црковната норма.

Повторно напоменувам, во ред е да имате молитвена соба, но од она што го кажувате, јас заклучив дека сите или поголемиот дел од иконите во неа треба да бидат со Светиот Образ – кој ние ги нарекуваме “Неракотворна Икона“. (Инаку, ние не ја прифаќаме легендата за “превезот на Вероника”, имаме различно видување за потеклото, и постои посебен празник, денот после Успение, 16ти Август).  Молитвена соба со оваа икона на централно место, но и со други икони на нашиот Спасител, Неговата Пресвета Мајка, и Светиите- нормално тоа би било, икона или светец со особена посветеност. Но, во католицизмот, верувам, постои посебно толкување на зборот “посветеност” – особена сосредоточеност на еден аспект од животот на нашиот Спасител, итн, што е повторно, непозната пракса во Православието. Немаме специјална “посветеност” на утврдните свети тајни, бидејќи за нас Светите Дарови имаат одредено место во Литургијата и во животот на верниците без потреба од каква било “специјална” или “дополнителна” посветеност. И, се разбира, ние воопшто не ги прифативме сите овие подоцнежни “посветености”, како што е Светото срце, што се чини нескромно и не е во согласност со нашата Света вера.

Уште еден мал заклучок – добивам впечаток дека горите кандило пред сликата на Архиепископот Јован. Иако е општоприфатена пракса да се молите насамо на неканонизиран светец, најдобро е да ја преместите неговата слика (не може да има официјална икона пред канонизација од Црквата) малку на страна од вообичаените икони, така што кандилото да гори пред иконата на нашиот Спасител и оние светители што Црквата ги признала како такви. Црквата, не се меша во приватните посветености на луѓето, но се обидува да нè заштити од вложување преголема доверба во нашите приватни расудувања и чувства.

Па, тоа е доволно за сега. Го видовме Архиепископот Антониј во вторникот, и тој го одобрува 31 мај (недела), како датум на вашето пристапувњање во црквата. По црковната “икономија” вашето крштевање и воцрковување ќе бидат прифатени и ќе бидете примени преку исповедање на верата (како што беа Владимир и Силвија) пред Литургија во недела. Ова ќе вклучи читање на Символот на верата, веројатно откажување од грешките на католицизмот во целост (постои посебна форма за да се откаже секоја од неколкуте ереси во книгата на Hapgood Service Vook, но тоа обично не се спроведува во целост), и исповедање на гревовите. Не се потребни специфични кумови, кога некој пристапува во Црквата на овој начин. Ако се уште не сте контактирале или одбрале свештеник кој ќе ја извршува оваа церемонија, јас би ве советувал да му пишете на: В. Свештеник Јован Шачнов, 525 36-та Авенија., С.Ф. 94121 (живее околу 10 блока од црквата), пратете му фотокопија од вашето Крштениче и согласност (доколку тоа не е можно,  доволен е вашиот збор ако сте сосема сигурни дека ќе потврдите, во овој случај едноставно давате колку што е можно поцелосни информации за тоа кога, каде и од кого добивте согласност) и кратко кажете му за одлуката на Архиепископот, за нашиот разговор со него и со вас, и др. Тој потоа ќе разговара со Архиепископот и ќе ги направи сите подготовки. Отец Јован (“полничок” свештеник со бас глас) веројатно знае англиски подобро од другите, исто така е и секретар, задолжен за снимање на вакви настани. (Тој ќе ви ги даде сертификатите подоцна). Последната недела пред 31 Мај ќе треба да ја поминете во посебна подготовка и пост – што за брачни парови (кој можеби не е јасно утврден во книгите) вклучува воздржување од брачните односи, што важи за сите денови на постите.

Ние може да одиме до Форт Рос на 30-ти мај (Архиепископот ќе присуствува, и тоа ќе биде еден вид на посебен аџилак на нашите локални, американски, православни свети места пред канонизацијата на првиот американски светител), и може да се видиме таму. Во меѓувреме, се надеваме да слушнеме повеќе од вас и ќе се обидеме да одговориме на сите прашања.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител.

Превод: Елена Богдановска