Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 37-мо

Саботата во Светлата Седмица, по Велигден

19 април  / 2 мај 1970 година

Драг отец во Христa, Серафим!

Навистина Христос Воскресна! Радувај се во Господа! Благослови нè, оче!

Се разбира, ние ќе постапиме како што сакаш ти и нема да го печатиме твоето писмо. Сепак, морам да те уверам дека меѓу оние православни верници кои ја ценат својата вера над сè друго, и кои се свесни за она што се случува во светот, твоето писмо воопшто не е причина за потсмев кон тебе, туку напротив, многумина ги инспирира и ги зацврсти во борбата за вистинско православие во денешно време. Ако има некакви граматички грешки во него (јас самиот не забележав ништо особено), би биле незначителни, покрај очигледниот факт дека е напишано од сè срце и ја изложува ситуацијата, која мора да биде позната на оние кои го сакаат православието и сакаат да се борат за него. Можеби би можело да се смета за “грешка”, или барем за неразумно од ваша страна, да се споменат трите имиња отворено, но тоа е така, и мислам дека тоа е грешка по Божја промисла за овие тројца, кои се јавуваат како предавници на православието, од рангот на (иако повеќе префинети) Архиепископот Атинагора и Архиепископот Јаков, и  време  е  православните верници да дознаат за тоа.

Архипескопот Јован Шаховској веќе 40 години проповеда “поетско” христијанство што е против монаштвото и секој вид на строго православие; отец Шмеман јасно се обидува да го направи православието протестантско; и отец Маендорф, со неговите неодговорни клевети и напади против свештениците и верниците на Руската Задгранична Црква (во февруарското издание на „Православна Црква“) покажува таква нетрпелливост да ги следи нивните стапки, при што се отклонува дури и од обичната чесност и праведност. Овие луѓе, очигледно ја водат Митрополијата во “Источно-обреден протестантизам,” и сега архиереите на Митрополијата едногласно се приклучија кон непријателите на Христовата Црква за да ја достигнат оваа цел, при што е премногу доцна да се стори нешто за Митрополијата. Секој кој сака да остане во Христовата црква, мора да ја остави сега, пред да биде фатен во нејзините стапици.

Ти си бил привремено исклучен, но слава му на Бога за тоа, бидејќи страдаш исповедајќи го вистинското и искрено православие, истовремено охрабрувајќи многу други. Само стој цврсто! Тие ќе се обидат да те убедат да бидеш толку скромен, така што, на сè што имаш кажано да гледаш како на грешка, а потоа ќе те убедат да ги следиш во ерес од “смирение.” Не.  Монасите од Света Гора се вистински монаси, и тие се скромни, но знаеш што велат за Патријархот Атинагора, и тие одбиваат да го следат или да се молат за него како за епископ. Сега самата Митрополија ви забранува да се молите за своите Епископи на службите – ова е сигурен знак дека твојата врска со нив е завршена. За што да им се “извиниш”, за тоа дека ги немаш сите факти кои ги поткрепуваат твоите изјави? Но, овие факти секако дека постојат, и ние ќе испечатиме многу од нив. Почитуван отец, сметаме дека со твоето писмо им се оддава почит на верниците на Митрополијата; ова е една од ретките искрени и чесни работи  кои излегоа од Митрополијата во последниве месеци. Но, раководството на Митрополијата не го сака тоа, таа е горда на своите отпадници, за тоа што го даваат своето признание во светот. Тогаш не двоуми се да дојдеш и да се придружиш кон нас, кои се собравме околу некои од малкуте православни епископи, останати денес.

Искрено, со нетрпение очекуваме да го напуштиш Св. Тихон што е можно поскоро; пред да ти направат притисоци и да те убедат да дејствуваш за нив. Митрополитот Филарет моментално поминува неколку недели во Европа и во Светата Земја, веројатно затоа немаш слушнато од него. Зарем не е можно да одиш и да останеш во едно од нашите места, додека се чека исходот од твојата молба? – во Џорданвил, манастирот на отец Пантелејмон во Бостон, или во Синодот во Њујорк?

Ние со задоволство ќе те поканиме да останеш со нас, но ние сме навистина далеку и имаме само две мали колиби во шумата во примитивни услови. Меѓутоа, ако сега или во иднина сакаш да дојдеш со нас, ти си повеќе од добредојден. Веќе осум месеци како живееме во планиниските подножја на Калифорнија, околу 250 милји северно од Сан Франциско, во тотална пустина, каде најблискиот град е оддалечен 2 милји, со само 50 луѓе, а на 40 милји во трите правци нема жива душа, освен некои ловци, туристи, и сл.

Глеб и јас, обајцата сме ракопроизведени за чтеци, и се надеваме до крајот на годината, со Божја милост, да примиме монашки постриг. Архиепископот Антониј од Сан Франциско служеше Литургија овде, на отворено небо, на местото каде што се надеваме дека ќе започне изградбата на нашиот параклис оваа година. Игумен Пантелејмон од Бостон, исто така, нè посети.  Самите ги читаме дневните служби, но за Божествена Литургија и Света Причест мора да одиме во Сан Франциско (како што направивме за Божик и Велигден), или чекаме свештеник да нè посети нас.

Се надеваме дека ќе ни пишеш наскоро, и ги просиме твоите молитви за нас грешните.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј.

Превод: Елена Богдановска