Монашки „кавги“

Послушникот на еден старец живееше во една колиба, десет милји оддалечена од скитот. Еден ден посака да го извести старецот да дојде да си го земе лебот. Но потоа помисли:

– „За неколку леба ли да го терам братот да оди десет милји? Ќе му ги однесам јас“.

Си ја стави торбата на вратот и тргна.

Одејќи, се сопна од еден камен и си направи толкава рана на ногата, што не можеше да ја сопре крвта. Од преголемата болка што ја чувствуваше почна да плаче.

– „Зошто плачеш, авва?“ – слушна зад себе некој сладок глас како го прашува.

Ја сврте главата и виде еден убав ангел.

Но не се исплаши, туку со прстот му ја покажа раната.

– „Престани да плачеш, за оваа ситна работа“, – му заповедаше ангелот. „Чекорите што ги направи заради љубовта кон братот ги имам изброено и ќе си ја добиеш наградата од Бога“.

Старецот се охрабри и радосен го продолжи патот.

Оттогаш претпочиташе да им служи на браќата.

Еден ден пак зеде лебови за да му однесе на некој друг пустиножител кој живееше многу подалеку. Но се случи да доаѓа и тој со истата цел и се сретнаа на патот.

– „Брате мој“ – рече првиот старец, – „со голем труд стекнав едно мало богатство и ти сакаш да ми го земеш“.

– „А што, тесната врата само тебе ли те собира, авва? Направи малку место за да поминеме и ние“ – му одговори братот.

Додека го зборуваа тоа, пак дојде ангелот и им рече:

– „Оваа кавга како благоухан ливан се издигнува кон небото“.

(Од Старечникот)

Преземено: https://vladikadimitrij.wordpress.com/