Љубовта ослободува – отец Андреј Конанос

„Не те потсетувам на тоа дека имам светители, ангели и архангели, дека е покрај Мене Богородица, Која има извонредна душа и преубаво срце. Не те прекорувам, не зборувам: а зошто си ваков или онаков?“ Не, Бог тоа не го зборува. Он нас не нѐ споредува. Он го сака секого.

Не знам дали си видел како уметникот создава слика, или да речеме икона, поминувајќи низ различни фази? Тој најпрвин нанесува основа, потоа постепено додава боја, сенки, руменило. Сето тоа се одвива бавно, и во почетните фази на работа, видлив резултат сѐ уште нема. Не може веднаш да се добие готова икона и да се однесе во храм. Иконата сѐ уште не е завршена. Таква икона не можеш да ја поставиш  дури ни во својата соба. Таа не е завршена. Но притоа, не може да се нарече бескорисна. Не смее да се намалува нејзината вредност, не смее да се фрли. Според нејзината основа не можат да се донесат никакви заклучоци (сѐ уште е на пат). Но, има вредност дури и во незавршениот вид.

Така нас нè Господ сака. Затоа што гледа дека сме луѓе и дека по малку, се трудиме да личиме на Него и да стекнеме љубов од Неговата љубов, живот од Неговиот живот, светлост од Неговата светлост. Он тоа го знае, и нè познава нас. Затоа нè сака. Кога не сакаш, човек може да се каже дека не го познаваш. Кој знае што навистина се случува со другиот човек – го сака. Оној кој знае „дека другиот не ми е непријател, а дури и ако е непријател, јас сум за тоа крив“, ќе го сакам овој човек. Ќе ја сакаш онаа која ти задала неиздржлива болка, која те повредила, ако сфатиш дека проблемот не е во него и не е во неа, туку во твојата внатрешна состојба која сѐ уште не е излечена. Тоа е твоја отворена рана која сѐ уште не зараснала. Тоа е твојата болка која сѐ уште не е помината.

Ние немаме непријатели. Нема непријател за кој би вредело да ја трошиш силата и да го мразиш. Нема таков непријател на овој свет. Ако се загледаш во животот на оној кој ти направил големо зло и ако пробаш да одговориш како и поради што тоа го направил, какви биле неговите мотиви, како се чувствувал, како го поминал детството, зошто дошол до таква состојба, ќе видиш дека не ти е непријател и противник.

Затоа Христос кажува: „Немојте да се плашите од оној кој може да ве повреди надворешно, зашто вашата душа никој не може да ја повреди.“ (Мт. 10, 28). Никој не може да ти предизвика штета. Кога чувствуваш дека некој ти нанел штета и дека поради тоа го мразиш, тој всушност не ти наштетил, туку нешто друго во тебе не е во ред, нешто друго те искушува.

Во тие моменти прашај го Бога:

– Боже мој, дали и Ти го мразиш човекот кого јас го мразам?

И Христос ќе ти рече:

– Не. Јас му простив. На Голгота. Но не само тогаш, Јас и сега на сите им простувам и сите ги сакам.

– Но како, Господе? Како можеш да го сакаш?

А Бог ќе ти одговори:

-Јас гледам и други работи  кои ти, чедо мое, уште не си видел. Гледам дека и тој многу страда. Гледам дека не постапил кон тебе така затоа што е лош, туку затоа што самиот се плаши и брани.

– Но, како се плаши, Боже мој? Ми направи многу зла… Знаеш колку страдање ми зададе. Ја изгубив работата поради него. Ми се одмаздуваше, ме влечеше по судови…

– Да, – вели Господ, – но верувај, кога би можел да го видиш стравот во неговата душа, конфузијата во неговото срце, немирот во неговата совест, не би го мразел. Би го засакал. Би го почувствувал она што се вика милосрдие. Нему, дете мое, му е потребна твојата љубов. Потребна му е помош, а не одмазда. Научи да се „одмаздуваш„ онака како што Бог се „одмаздува“. Он не се „одмаздува“, туку секогаш одговара со љубов и тоа разоружува.

Сфати дека, дури и оној кого не можеш да го замислиш, ја заслужува твојата добрина и простување. Само што сме неискрени. И наместо да ја покажеме својата рана, правиме гадости. Но нема лоши, сфати го тоа. Доволно е да ја притиснеш соодветната дирка во душата на никаквецот и ќе се чуе мелодијата на љубовта. Изгледа како да притискаш погрешна дирка. И затоа се слуша какофонија, се слушаат хистерични гласови, расправии и навреди. Но во тој човек постои душевен свет, кој сѐ уште не сме успеале да го откриеме, и да направиме така, да го видат сите луѓе околу него. Знам дека тоа е тешко. Тешко е, затоа што и самите во животот не сме почувствувале голема љубов. Ти предлагам да го сакаш другиот, а ти велиш: „Како да го сакам! Па ниту јас не сум осетил голема љубов во својот живот“. И така е со повеќето од нас: наместо љубов, ги наметнуваме своите лични потреби.

Едно момче ми рече нешто, што кај мене остави исклучително силен впечаток:

– Многу сакам една девојка, ја почитувам, ѝ се воодушевувам и многу сакам да  бидам со неа.

– И што преземаш? – го прашав.

– Ништо. Таа никогаш нема да дознае за моите чувства.

– Зошто?

– Затоа што сака друг. А бидејќи навистина ја сакам, ништо не ѝ кажувам за своите чувства и никогаш нема да се мешам во нејзиниот живот. Сега ги завршуваме студиите и сакав да ѝ се приближам, да поразговарам со неа, да ѝ понудам да основаме семејство. Но, кога сфатив дека размислува за друг, ја оставив на мир. Ја сакам и затоа не разговарам со неа. Ја сакам и затоа ја избегнувам.

Ете, тоа се вика љубов! Да размислуваш за добробитот на оној, кого го сакаш. А во овој случај, добробит значи да не допираш во срцето на другиот, со почит да се однесуваш кон посебниот пат на кој човекот го избрал. Љубовта те води кон тоа да правиш незамисливи постапки, да ја претвораш својата љубов во солза, во бисер, во бол, кој ќе источи жива вода и ќе ја излие Божествената благодат во твоето срце. И дури и да не се чини дека не ја манифестираш својата љубов и дека не ја покажуваш, твојата љубов всушност станува подлабока. Човекот го правиш исклучително осетлив и вистински, поетски и чесен. И еднаш ќе добиеш награда за тоа. Надвор од секое сомневање!

Извор: http://pouke.org

Претходно: Што е љубов? (и други текстови) – Архимандрит Андреј Конанос

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог