Диспут со Јеховини Сведоци – за Светото Предание, Светото Писмо и Црквата (I)

Одредбата на Архиерејскиот Собор на Руската Православна Црква, Московска Патријаршија „За псевдохристијанските секти, неопаганизмот и окултизмот“ од (декември 1994 год.), особено наведува: „Светиот Архиерејски Собор го повикува сите верни чеда на Руската Православна Црква насекаде да го проповедаат Евангелието на нашиот Спасител Господ Исус Христос, да основаат школи за катихизација, да им ја разјаснуваат на луѓето погубноста на лажните учители, да им помогнат на оние, кои привремено отстапиле од верата, подлегнувајќи на пропагандата на секташките проповедници. Сепак, соочувањето со лажните ставови, не треба да биде проследено со нетолерантен однос кон самите носители на доктрините кои не се во согласност со христијанското учење… Ние ги повикуваме сите членови на Црквата да се молат за оние кои се опседнати со лажните учења и цврсто да го чуваат она што ни е предадено, клонејќи се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука (1. Тим, 6, 20).“

Предложената дебата се одржа летото 2003 година во (г. Орехово-Зуево Московска област). „Јеховините сведоци“, за време на некои средби (една дебатна сесија се одржа во Москва, со други учесници од страна на „јеховините сведоци“) го употребуваа не само синодалниот превод на Библијата, туку и „Преводот на Новиот Свет“ (понатаму: ПНС). Беа разгледани 14 теми.[1]

Учесниците на дебатите се однесуваа коректно и со почит[2] еден кон друг.

За Светото Предание и Светото Писмо

Православен: Јас сум радосен, што се согласивте на оваа средба. Во Светото Писмо се вели: Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така (Дела 17, 11). Навистина, многу е важно да се проучуваат библиските текстови за разјаснување на било кое прашање.

Јас предлагам како прва тема да го разгледаме прашањето за тоа, што за нас е главен критериум: Светото Писмо или Светото Предание?

Јеховин сведок: Библијата – е скапоцен дар од Бога. Во неа се говори за вистината за Јехова, кој е Он и какви се неговите норми и намери. Само од Библијата можеме да дознаеме, како можеме да му угодиме на Бога – Јехова. Речено е: Вака вели Господ, твојот Искупител, Светецот Израилев: Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш. О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови (Иса. 48, 17-18). Автор на „Еврејските“ и „Грчките“ библиски текстови – не е човек, а Бог, Кој живее на небесата.  Ќе ви прочитам: Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата (2. Тим. 3, 16); и уште: Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух. (2. Петр. 1, 20-21).

Православен: Сакам да го обратам вашето внимание на текст од Посланието на апостол Петар: И долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение, – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост; како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел (2. Петр. 3, 15-16). Тука се говори за тоа, дека постојат две категории на луѓе, кои за своја погибел ги изопачуваат, Писмата, – а тие луѓе се „неуки и неутврдени“. Неуки – тоа се луѓе крстени, кои не ја познаваат верата. Неутврдени – тоа се луѓе кои не се членови на Црквата, некрстени и ненаучени. Секоја од овие две групи на луѓе, ја чита Библијата, комуницира не со Словото Божјо, туку со сопственото субјективно разбирање на таа Книга. Светото Писмо треба правилно да се толкува. За евреите, кои не поверувале во Господа Исуса Христа е речено: Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува. Па и до ден денс, кога се чита Мојсеј, покривалото им лежи на срце (2. Кор. 3, 14-15). Евнухот на Етиопската царица, кога ја читал книгата на пророк Исаија, на поставеното прашање од апостол Филип: Го разбираш ли тоа, што го читаш? Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?” Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него (Дела 8, 30-31). Светото Писмо секогаш е потребно да се толкува. Во библиската книга Неемија е речено: И читаа разбирливо од книгите, од Законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното (Неем. 8, 8).

Јеховин сведок: Сите наши собири се организирани на следниов начин: сите собири заедно формираат едно светско собрание, каде водечко јадро се помазаните членови на „Управниот совет“. „Главната светска управа“ се наоѓа во Њујорк (Бруклин). За светското управување на нашата организација е претскажано во Библијата: Така вели Господ Саваот: „Во тие дни ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат – ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас (Зах. 8, 23). Единството се остварува на тој начин, што сите лојално му се потчинуваат на организираниот канал за комуникација, на „верниот и мудар раб (слуга)“. Исус рекол, дека „слугата“ е должен да раздава храна навреме и да се грижи за целиот негов „имот“, за Неговите интереси за Царството на земјата. Ќе прочитаме: Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така; вистина, ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него (Мат. 24, 45-47). Тој „верен слуга“ не е индивидуален христијанин, бидејќи денес на земјата сеуште живее „остаток“ од следбениците на Христа кои се помазани со духот, и кои одат по неговите стапки, а тие се околу 144 илјади. Денес тие се дел од духовниот Израил, помазан со духот на Божјото собрание. На оние што постапуваат по тоа правило, нека биде мир и милост, ним и на Израилот Божји! (Гал, 6, 16); спореди: А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има (Иса. 43, 10).

Овој остаток верно ја исполнува должноста на „работ“ со тоа што тој го превзема раководството во проповедање на Благата вест за Царството, и со тоа што тој навреме ја раздава духовната храна. Слушнете што е кажано: И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот (Мат. 24, 14). Вие го прочитавте текстот за покривалото на незнаењето, но не го прочитавте до крај. Слушнете: Но, кога ќе се обрнат кон Господа, покривалото им се симнува. А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода (2. Кор. 3, 16-17). Христос – е „глава“ на Црквата, помазан со духот на собранието од 144 илјади, и он преку нив обезбедува правилно поучување во верата за „големото мноштво“. А кај вас православните кој им обезбедува на верниците правилно разбирање (толкување) на библиските вистини?

Православен: Многу од овие прашања кои вие ги наведовте во вашиот говор, ние ќе ги разгледаме, кога ќе говориме за Црквата. Одговарајќи на вашето прашање за правилното разбирање на Библијата, јас сакам да го насочам вашето внимание на терминот „Предание“. Многубројни секти немаат правилно разбирање за овој поим.

Јеховин сведок: Не! Спротивно! Ние имаме претстава за тоа, што е тоа предание. Христос рекол: … Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? (Мат. 15, 3); и уште: ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание. Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби (Мат. 15, 6-8). Вие православните за жал, цело време се држите до преданието на старците (сп. Марко 7, 5), учејќи учења и човечки заповеди.

Православен: Говорејќи за Преданието (Светото Предание), ние, пред сè, го имаме во вид не преданието на старците и учењата и човечките заповеди, туку апостолското  Предание и црковното учење.

Во Новиот Завет за апостолското предание и за неговото значење е кажано многу. Да погледнеме некои од тие текстови: Ве пофалувам, браќа, дека сè мое помните и ги држите заповедите така, како што сум ви ги предал (1. Кор. 11, 2). Тука ние гледаме, дека апостол Павле ги поттикнува со пофалба оние кои се придржуваат до преданието.

Јеховин сведок: Јас сакам да го проверам тој текст според преводот на „Новиот Свет“. Погледнете, тука е кажано малку поинаку, отколку во Синодалниот превод: „Ве пофалувам вас за тоа, дека во сите работи се сеќавате на мене и цврсто се држите на традициите, како што јас ви ги предадов вам“ (ПНМ). Во некои англиски преводи зборот „предание“ во овој текст (1. Кор. 11, 2) е заменет со зборот „учење“.

Православен: Оваа замена е неприфатлива. Ајде да ја погледнеме старогрчката варијанта на овој текст (буквален превод): Ве пофалувам, браќа, дека сè мое помните и како што сум ви го предал вам, го држите преданието. Како што гледаме, тука не станува збор за традиции и учења. Учење и традиција може да создаде било кој човек персонално, за разлика од преданието, кое се прифаќа и предава понатаму. Пример за тоа се следниве зборови на апостол Павле: А јас го примив од Господа она, што ви го предадов (1. Кор. 11, 23). Свети Викентиј Лиринскиј учи: „Предание – е тоа што ти си примил, а не тоа што си измислил“.

Јеховин сведок: А што ако апостолското предание – е самото Свето Писмо на Новиот Завет?

Православен: Не. Преданието, е пред сè усно предавање. Кажано е: И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание (2. Сол. 2, 15). Како што гледаме, на прво место стои зборот слово (усно предавање на верата), а зборот послание доаѓа после него.

Светото Предание е прво, а Светото Писмо е вторично. За тоа има многу докази од самото Слово Божјо:

Прва напишана книга е Мојсеевото Петтокнижие (на еврејски Тора). Во неа е изложен Законот Божји – учењето за чистите и нечисти животни, законот за десетокот, жртвопринесувања и т.н. Сепак, ние од Книгата Битие дознаваме, дека жртвопринесувања се извршувале и до запишување на Божјиот Закон. Читаме: По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови… (1. Мој. 4, 3-4). Дадениов текст ни покажува, дека древните луѓе знаеле не само за законот за жртви, туку и за ритуалните особености при нивното принесување – дар на Господа од плодовите земни, од првината на стадото свое и од маста. Ное знаел, кои животни се чисти, а кои нечисти. Читаме: И од животните чисти и од животните нечисти, и од птиците и од сè што се влечеше по земјата (1. Мој. 7, 8). Авраам го знаел законот за десеток. Кажано е: Благословен да е и Севишниот Бог, Кој ги предаде непријателите твои во рацете твои!” И му даде Аврам десетти дел од сè (1. Мој. 14, 20). Јаков исто така го знаел законот за десеток по ветувањето, он говорел: …тогаш овој камен што го поставив за спомен ќе ми биде дом Божји. И од сè, што ќе ми дадеш, ќе Ти давам Тебе дел десетти (1. Мој. 28, 22) и т.н. По ова прашање свети Јован Златоуст пишувал: „Всушност, со Ное, Авраам и неговите потомци, исто како и со Јов и Мојсеј, Бог разговарал не преку писмата, туку непосредно“ (Толкување на Евангелието според Матеј, т. 7, стр. 5).

Самиот авторитет на Светото Писмо се потврдува со авторитетот на Светото Предание. Кој нам ни кажал, дека Евангелието од Матеј го напишал Матеј, а евангелието од Марко – Марко? Кој го утврди бројот на посланијата на светите апостолите Петар, Јован и Павле? Канонот на Новозаветните и Старозаветните Книги на Библијата се дело на Црквата[3], а значи и на Светото Предание.

Од друга страна, сите Божји Зборови не се запишани во библискиот свод. Речено е: А има многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги (Јован 21, 25). Не сите пророчки книги и апостолски посланија се зачувани.

Во посланието на апостол Јуда се цитира фрагмент од Книгата Енох: А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: „Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели (Јуда 1, 14); а во првото Послание до Коринтјаните ние наоѓаме вакви зборови: Ви пишав во писмото свое… (1. Кор. 5, 9), – односно уште пред ова послание им пишувал.

Одговорете ми на прашањето: што сака да каже апостол Павле, кога пишува: Затоа, да го оставиме почетокот на Христовото учење и да се стремиме кон совршенство, да не полагаме пак основа на покајанието од мртвите дела и на верата во Бога, на науката за крштевањето, за возлагањето раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд. И ова ќе го направиме, ако позволи Бог (Евр. 6, 1-3). – Каде, и во кое послание се даваат овие почетни учења „за Крштението, за полагањето раце“? Многуте детали: како се крштева – со едно потопување или со три, поредокот за ракополагање на ѓакон, презвитер и епископ – сето тоа е зачувано на ниво на Предание и не е објаснето во детали во Светото Писмо. Завршувајќи го излагањето за значењето на Светото Предание, сакам повторно да го насочам вашето внимание на учењето на апостол Павле за Преданието: Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој живее неуредно, а не според преданието, што го добија од нас (2. Сол. 3, 6).

Тука повторно го сретнуваме зборот предание, кој не треба да го преведуваме поинаку, како тоа што е направено во Синодалниот превод. В грчко-рускиот речник на Вејсман тој збор се преведува како „пренесување (учења)“.

Јеховин сведок: Не мислите ли вие, дека, тоа што вие го нарекувате „предание“, е нешто неопределено и нејасно?

Православен: Не, напротив. Светото Предание е конкретно изразено во древните симболи на христијанската вера, во правилата на светите апостоли, Вселенските и Помесните собори, древните литургии и акти или во житијата на мачениците, во делата на Светите Отци и учители на Црквата – сето тоа се составни делови на едното Предание на Црквата…

 

За Црквата

 

За чистотата на Црковното Учење, основано, како и библискиот Канон, на Светито Преданието, сведочи и самата природа на Црквата како Тело Христово. Апостол Павле пишува: Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови?… (1. Кор. 6, 15); и уште: Вие сте телото Христово, а поодделно – членови (1. Кор. 12, 27); и уште: Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во мојата плот за телото Негово, кое е Црквата (1. Кол. 1, 24).

Јеховин сведок: Вашата организација не е Тело Христово (Црква). Православието – е историска појава, кое не е поврзано со Бога, а уште повеќе со Неговата Црква.

Православен: Мене ми се чини дека е време да преминеме на прашањето за Црквата, бидејќи ти и јас веќе го допревме тоа прашање. Како мислите, дали Црквата постои континуирано од денот на своето создавање на денот на Педесетница?

Јеховин сведок: Ние веруваме во тоа, дека Црквата како организација тука на земјата, го прекинала своето постоење, помешувајќи се со државата, односно со империјата на Константин Велики во IV век. Таа се претворила од Невеста Христова во вавилонска блудница. Сепак во текот на сите тие векови на отстапништво, потребно било да постои „пченица“ – одделни вистински христијани – помазаници. Но „пченицата“ била помешана со плевел, од кои најлошо е христијанското свештенство, кое останува најсуштествениот дел од „семето“ на сатаната. За тоа пишува и во Светото Писмо: И друга парабола им кажа, велејќи: Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива; но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: »Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа? А он им рече: »Човек непријател го прави тоа.« Слугите, пак, му рекоа: »Сакаш ли да одиме и да го исплевиме? Но тој им рече: »Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито (Mат, 13, 24-29). Времето на отстапништво, кое започнало од IV век до 1914 година, – е време, „кога луѓето спиеле“. Во пророштвата од пророк Даниил – 4, 20-21; 28-29- ние можеме да видиме, дека 2520 години, започнувајќи од 670 година до н. е., се приближува кон крајот 1914 година, кога Исус Христос започнал да управува на Небото. Датата 602 година до н.е., означува престанок на Божјото теократско царство. Како резултат на тоа, датумот 1914 година, означува почеток на неговото враќање. И така, царството завршило во 607 година до н.е., а верата исчезнала, на почетокот на 325 година од н.е. Но, како што јас веќе кажав, остатокот се сочувал и во тие времиња на отстапништво. Како што е кажано кај пророк Исаија: Да не беше ни оставил Господ Саваот мал остаток, ќе бевме исто така како Содом, ќе заприлегавме на Гомор (Иса. 1, 9).

Православен: Јас би ја нарекол вашата позиција летаргична историографија. Како е можно да замислите, дека христијанскиот свет, како што вие се изразувате, заспал и „проспал“ повеќе од 1500 години? Целта на христијанскиот свет во секој век од црковната историја е проповедање на Евангелието на Царството Христово. Испраќајќи ги апостолите на проповед на Евангелието им рекол: Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин! (Мат. 28, 19-20). Обратете внимание на вториот дел од 20 стих: Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин. Тука Христос говори за континуитет на евангелската проповед „во сите дни до свршетокот на светот“, имајќи во предвид не години, а „денови“. За континуираното постоење на Црквата во историјата, сведочи и пророштвото од Книгата на пророк Даниил: Ти го гледаше, додека еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја (Дан. 2, 34-35). Што означува овој камен, кој го искрши идолот? Што означува планината, која ја исполнува целата земја? Каменот – тоа е Христос и Неговото Учење. Спореди: A Исус им рече: А Исус им рече: Зар не сте читале во Книгите: »Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши. Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови (Mат. 21, 42-43). Тука се говори и за Христа, Кој го отфрлиле ѕидарите; и за тоа, дека Он е Глава на Црквата – тој самиот станал аголен камен; и за тоа, дека се одзема… Царството Божјо од јудеите и дека ќе биде дадено на друг народ, што ќе ги принесува неговите плодови. Впрочем, овој текст директно му противречи на вашето верување за тоа, дека царството било одземено од јудеите во 607 година до Р. Х. Реално тие го изгубиле него во деновите на Ирод Велики, првиот Јудејски цар од нееврејско потекло (Идумејанин), кога се родил и Месијата. За тоа пророкувал уште и Јаков: Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сè дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите (1. Мој. 49, 10). А за тоа, дека каменот го симболизира Христовото Учење, е кажано и во нагорната проповед: И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен (Мат. 7, 24-25). Тука се говори и за непобедливоста на Христовото Учење, или со други зборови – за тоа, дека библиската вистина нема да „заспие“, како што на пример вие учите. Господ Исус Христос јасно посведочил за неразрушливоста на Црквата и Нејзиното Учење, говорејќи: и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18). Според смислата на овие зборови, Црквата Христова постои непрестајно во континуитет, од денот на Педесетница до нашите денови, и во вечноста. За тоа е кажано и кај пророк Даниил: И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно (Дан. 2, 44).

Јеховин сведок: Како што јас веќе кажав, ние признаваме, дека помазаните со духот христијани постојат во текот на сите векови на „отстапништво“. Тие го реализираа принципот на постојано сведоштво за Евангелието на Царството.

Православен: Вие можете да наброите некои од нив?

Јеховин сведок: Пер Валдо, Јан Гус, преведувачите на Библијата Улијам Тиндл, Лутер и други.

Православен: Јас мислам, дека вие имате лоша преtстава, за тоа, во што и како верувале тие луѓе. Јан Гус е автор на големиот трактат во одбрана на иконопочитувањето, неговиот соработник Јероним Пражски бил директно обвинет поради општење со православните, за кое бил и запален, Лутер го признавал крштението на младенчињата; тие верувале во Света Троица, во Божеството на Исуса Христа, што е во спротивност на вашиот световен поглед; „валденсите“ се споија со историскиот протестантизам. Од друга страна нивните вероучења биле толку различни, што да ги претставиме нивните меѓусебни концепти и поими како еден и единствен тек на христијанските вистини е апсолутно невозможно. Јас мислам, ако Расел би живеел во нашево време, он не би можел да биде член на вашата организација дури и како „некрстен издавач“. Верувањата на раните „Јеховисти“ и сегашното „богословие“ на „Јеховините сведоци“ содржи меѓусебни контрадикторни поими и претстави.

Вистинската Црква секогаш била и е: … Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3, 15). „Утврдување на вистината“, а не меѓусебно-противречни мислења.

Кога Црквата донесува вероучителна или дисциплинска одлука, Таа не говори нејасно и неодредено. Напротив, Нејзината позиција е конкретна и се изразува со авторитет. Сведочејќи за својата вера, апостолите говореле: За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, што Му се покоруваат (Дела 5, 32); и уште: Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно (Дела 15, 28).

Власта на Црквата е уникатна и неповторлива, и се распространува од земјата до небесата: И ќе ти ги дадам клучевите од Небесното Царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата (Мат. 16, 19). Еве зошто Христос говори: … кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник (Mат. 18, 17).

Позната е древната изрека на Кипријан Картагински ( † 258): „Кому Црквата не му е мајка, нему Бог не му е Отец“.

Јеховин сведок: Јас сакам да го насочам вашето внимание на еден текст од Библијата. Мене ми е интересно да знам, како вие него го толкувате. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси. Затоа бидете будни и помнете, дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени (Дела 20, 29-32). Тука се говори за тоа, дека после апостолското време во црквата ќе влезе дух на отстапување од вистината. Тогаш неопходно ќе биде повеќе да обраќаме внимание на Светото Писмо. Апостол Павле говори: сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени.

Познато е дека императорот Константин на Никејскиот Собор ја извршувал должноста како претседател, активно раководејќи ги дискусиите. Од стравопочит кон царот, епископите, со исклучок на двајца, го признале и потпишале Символот на верата, иако за многумина тоа означувало да се оди против своите убедувања. А познато е дека Константин никогаш не се откажал од поклонувањето на Сонцето и продолжил да го кова него на своите монети. А еден ден до неговата смрт, он му принесе жртва на Зевс во согласност називот голем понтифик. Кај вас како што знам он се нарекува „рамноапостолен“? Како што гледате, ние исто така се трудиме да ја изучуваме христијанската историја.

Православен:  Вие сте ги прочитале говорите на императорот Константин на Соборот и неговите писма до Ариј?

Јеховин сведок: Не.

Православен: Тогаш јас ќе си дозволам себе да прочитам некои делови од неговите писма и говори.

„Што повеќе да кажам јас во својот мал говор, освен тоа, дека преку Неговата искупителна крв мојата душа треба да пребива во чистота“. – Од овој текст ние го гледаме неговото смирение и длабока надеж во искупителната жртва на Синот Божји.

„Промисла! Колкава рана му донесе на моето срце веста, дека помеѓу вас самите се појавиле несогласувања, многу повеќе важни, отколку во Африка, дека вие, преку кои јас се надевав да им дадам лекарство на другите, самите имате потреба од многу поголемо лекарство“. – Тука ние гледаме, каква вистинска грижа он пројавил по повод проблемите во христијанската црква, и од нејзините последици во однос на распространување на Благата Вест. Како он ја воспевал христијанската љубов: „Овој дом Господов го чуваат две стражи: од една страна – стравот Божји за исправување на помислите на некои луѓе, а од друга страна – за разумните – секогаш својствената љубов Божја, таа голема награда на мудроста“. Тешко е да се претпостави, дека човек кој има вакви изјави, може да се откаже од христијанските принципи и поими, и при сето тоа да му биде допуштено да раководи и со Вселенскиот Собор во Никеја.

Значењето на седумте Вселенски Собори се нагласува и во библиските пророштва: Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови (Изрек. 9, 1); и уште: и извика со висок глас, како што рика лав; а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови (Откр. 10, 3).

Да се вратиме кон нашето расудување за Црквата. Јас говорев за континуитетот на вистинското христијанство, што за мене е идентично со поимот „Православие“. Сега сакам да кажам за значењето на поимот, ракополагање. Законското, и правилно поставеното свештенство, кое има преемство од апостолите, и е залог (гаранција) за континуитетот на христијанското собрание (Црквата).

 

Протоереј Олег Стенјаев

Извор: http://www.pravoslavie.ru/106146.html#_ednref2

[1] 1. За Светото Предание и Светото Писмо; 2. За Црквата; 3. За ракополагањето; 4. За исповедта; 5. За иконопочитувањето; 6. За формата на крстот; 7. За крштевањето на младенците; 8. За називот „Јеховини сведоци“; 9. За Света Троица; 10. За божественоста на Христа; 11. За празниците; 12. За почитувањето на светиите; 13. За почитувањето на Пресвета Дева Марија; 14. За Православното разбирање на Патриотизмот.

[2] Светите Отци на Црквата скоро секогаш настојувале да покажат почит и братски однос кон оние кои западнале во ереси, нагласувајќи го единството на богодадената човечка природа.

Свети Јован Златоуст нè поучува: „Еретичките учења, кои не се во согласност со она што го прифативме, потребно е да ги проколнуваме и од безбожните догмати да се откажуваме, но луѓето треба да ги поштедуваме и да се молиме за нивното спасение“ (Иоанн Златоуст, свят. Творения. СПб., 1898. Т.1. С. 766.). .

Свети Јован Златоуст, расудувајќи за православните и сектантите, говори: „Немој да ми зборуваш со такви бездушни зборови: „Што ми е гајле? Јас немам ништо заедничко со него“. Ние немаме ништо заедничко со ѓаволот, а со сите други луѓе ние имаме многу заедничко. Тие имаат една и иста природа со нас, ја населуваат истата земја, се хранат со една и иста храна, имаат Еден и Ист Владика, добиваат едни и исти закони, се повикуваат на истото добро како и ние. Затоа нема да говориме, дека ние немаме ништо заедничко со нив, бидејќи тој глас е сатански, ѓаволска нечовечност. Нема да го говориме тоа и ќе покажеме братска грижа. А јас ви ветувам со сета увереност и гарантирам пред сите вас, дека ако вие посакате да ја разделите помеѓу себе грижата за спасението на оние кои живеат во градот, тогаш сите ќе станат добри… Да ја поделиме помеѓу себе грижата за спасението на нашите браќа. Доволно е еден човек, со пламенита ревност, да го исправи сиот народ. И кога има не еден, не два, и не три, а така големо мноштво на луѓе кои можат да се грижат за несовесните, тогаш од никои други причини, освен нашата безгрижност, а не слабост, многумина загинуваат и паѓаат со духот. Ќе бидеме ли невнимателни ако видиме борба на плоштад, или ќе потрчаме да ги измириме оние кои се борат? Ако видиме, паднато осле, тогаш сите ќе потрчаме да му подадеме рака, за да го подигнеме на нозе; а за браќата кои загинуваат не се грижиме? Оној кој хули на светата вера – е тоа осле кое паднало; отиди подигниго и со збор, и со дело, и со кроткост, и со сила; нека биде разноразно лекарството. И ако ние ги поставиме така своите работи, ќе го бараме и спасението на ближниот, и поскоро ќе станеме посакувани и сакани и од самите тие, кои добиле исправување“ (Иоанн Златоуст, свт, вт. Творения. СПб. Т. 2. С. 25‒26.)

[3] Во почетокот старозаветната црква (Стариот Завет), а потоа новозаветната Црква (Новиот Завет).

(ПРОДОЛЖУВА)

Превод: м-р Игор Ризановски

Може да ве интересира: «Криза на совеста»: како Јеховин сведок стана сведок на Православието – Артем Григорјан