Човек, кој ги брка облаците од нашата душа – Свети Николај Велимирович

Празнувајќи го споменот на светиот владика Николај Велимирович, издвојуваме неколку негови поуки и изреки:          

   За три предмети не брзај да расудуваш: за Бога, додека не се утврдиш во верата; за туѓите гревови, пред да си спомнеш за своите; за следниот ден, пред да го видиш утрото“.

* * *

            Господ често, многу често ги затвора пред луѓето вратите на привидната среќа, додека пак вратите на вистинската среќа секогаш ги држи отворени за сите, кои сакаат да влезат внатре“.

* * *

            На своите верни, Господ секогаш навреме им допушта страдање. Тоа – е гласот на пријателот, кој на полноќ го буди заспаниот другар и вика: пожар!“

* * *

            Празнотијата која останува во душата, кога во неа го нема Бог, не може да ја наполни ни целиот свет.

* * *

            Луѓето живеат онолку, колку што во нив живее Бог. Зашто само Бог – е живот. Постојат живи и неживи, што зависи од мерата на Бог во нив, од мерата на живот, кој го носат во себе. Со страв ти велам: има неживи луѓе. Иако на неискушаните и тие им изгледаат живи! „Но тие постојат! Зарем не? “ – ќе прашаш ти. Да, но и кога огништето ќе изгасне, чадот уште долго се вие над пепелта“.

* * *

            Ах, браќа мои, каква трагедија има во стравот човечки пред огромните височини и длабочините на бездните! Тој сака низини и ритчиња. Од височини и длабочини им се врти во главата. Затоа, многумина одрекуваат две работи: Божественоста на Христа и постоењето на ѓаволот. Тие сакаат еднаквост и простота. Доколку луѓето би го создавале светот, тие би направиле само рамни полиња за зелка, и ритчиња за пикници“.

* * *

            Гледајќи на неправдата на неправедниот, често прашуваме: зошто Бог веднаш не го порази со гром и не нè спаси од неправдата? Но притоа, забораваме да се прашаме себеси: најпрвин, зошто мајката не го убива своето дете, кога првпат ќе го фати да прави лоша работа? И како второ, зошто нас – мене и тебе – Бог не нè поразил со гром, кога го видел злото што ние сме го направиле?“

* * *

            Ако се приближиш кон слугинката како кон жена, нема да имаш ни слугинка, ни жена. Ако често пиеш за туѓо здравје, ќе го изгубиш своето. Ако постојано броиш туѓи пари, сè помалку ќе имаш свои. Ако постојано броиш туѓи гревови, ќе ги умножуваш своите.

* * *

            Адам, во рајот ја изгубил верата, Јов својата ја зацврстил на буниште.

* * *

            Кога злото ќе ја фрли и последната карта, доброто ќе има уште една во рацете.