Благовештение во Прилеп

Со свечена литургија во црквата Свето Благовештение, со која чиноначалствуваше Владиката Петар – Митрополит Преспанско – Пелагониски, на 07.04.2017 г., во Прилеп беше одбележан големиот христијански празник Свето Благовештение. Овој ден воедно е и патрон на најголемата црква во Прилеп, позната кај народот и како Стара црква. Владиката Петар истакна дека овој празник е празник на благата, добрата и радосна вест и порача барем во овие денови пред најголемиот христијански празник Велигден да престанат расправиите и кавгите во државава, а особено помеѓу Македонците.

„Овој празник е за домостројот на човечкиот род, односно планот за спасението на луѓето. Имено од овој празник започнува радосната вест за доаѓањето во светот на Исус Христос кој од преголема љубов кон човечкиот род по благоволението на Отецот слегол на земјата се вооплотил, примил човечко тело, се изедначил во се со луѓето, освен во гревот и Несместивиот, Кого не може ниту вселената да го смести, се сместил во светата утроба на Дева Марија. Добил човечко тело за да, со смртта ја уништи смртта и затоа овој празник е празник на радоста или благата вест. Им го честитам името на сите кои го носат името на овој празник. Порачувам оваа блага вест да се зачува во нашите срца, особено во овие тешки и кризни моменти за нашиот народ. Пораката моја е дека и во најзакрвавените земји каде што има војни тие престануваат за време на овие празнични денови, пред Велигден и за самиот празник, порачувам и кај нас да престанат вербалните расправии и кавги помеѓу Македонците, да престанат сите да се караат помеѓу себе, за да можеме да му се посветиме на Бога“, истакна владиката г. Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски.

Може слободно да се каже дека празникот свето Благовештение од цела Македонија најсвечено се одбележува во Прилеп. На литургијата присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите православни христијани им го честиташе денешниот ден.

„На сите празвославни христијани во Прилеп и Република Македонија им го честитам големиот христијански празник Свето Благовештение, кој што денеска е и слава на црквата Свето Благовешетение во нашиот град. Срцето и душата се секогаш полни кога се преполни храмовите, така е и на овој ден. Во оваа прилика на сите кои го носат денешното име им го честитам именденот и им посакувам на сите многу среќа, здравје, успех, да се гледаме само за убави работи и да ја чуваме Република Македонија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Домаќините по повод празникот за сите присутни верници подготвија и свечен ручек.

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА

Преземено: http://www.prilep.gov.mk