Сè почна
Кога благодатта стана медоточна
Излевајќи се врз глави млади
Посака да чуе глас од човек кој не стари
Ангелот воспеваше “ Радувај се “
Како риби безгласни го следевме
Восхитени од гласот кој се протега насекаде
Нашите очи ги подигнавме угоре
Пофална песна примивме:
Тебе Ти се радуваат Ангелски собор,
човечки род,
И тогаш се приближивме
Чуј дете и погледни
Како маж се станува
Од пофалбата водени
Душата се нахранува
Како повторно да Ти благодариме
Господи над водите,
Кој и сега ја напојуваш душата наша –
На челадта
Ги прославуваш
Оние кои Тебе Те прославуваат
Не ја одминуваш
Верата која пред Тебе ја положија
Како Икона
Која се изобразува,
Настаната од рака водена
Во светот станува виделина,
Така Акатист
На Твој Светија
Испиша љубовта
Во која зависта нема сила
Води го умот
Да пренесе не раката
Како духот
Ја премина реката
Немаше потреба да прелета,
Се јави и од лавовска јама
Од пештери, бездни земни,
На сред планина во срца човечки
“Благословени сте вие
Кои го слушате словото и исполнувате
Награда нема да ве одмине
Вас кои Мене ме прославивте”
Две раце подадени
Акатисти и Икони
Две очи отворени
Ги прославија Твоите Светии
Утехи и зборови
Прават постојани промени
Паѓаш, но стани
жалоста ќе се измени
Радоста ќе те опфати
Прозори отвори
Уста ќе возглаголи:
“Голем си Ти Господи во Твоите Светии”
(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
при Слепченскиот Претеченски манастир)