Суета над суетите (Лк. 12,13-21)

Дали можеме да си го дозволиме тој луксуз секое утро да одвојуваме парче од себеси за другиот?

Едно мало девојче, со неполни шест години ѝ рекло на својата мајка за нејзината несреќна, но богата тетка: Тета не е богата, таа само има многу пари. Понекогаш и мало дете може да ни ги отвори очите за вистината дека не е важно да имаш туку да бидеш.

Убеден сум дека никој не би сакал себе си, својата фамилија или работното место да ги нарече суета над суетите. Тоа се поврзува со недостатокот и отфрленоста – ништожност и досада. Меѓутоа, тоа е единствениот сигурен начин да бидеме богати пред Бога. Библијата е полна со апсурди доколку ја гледаме од наша перспектива. Многу работи ги гледаме поинаку, затоа и не се сложуваме со нејзината порака. Замислете само група од луѓе кои живеат под мотото суета над суетите.

Ние се плашиме да не изгубиме нешто. Избегнуваме неуспех. Ги губиме нервите поради тоа што ќе речат другите за нас. Мораме да собереме повеќе бодови, да им се допаѓаме на другите, да имаме пријатели. Кој од нас се буди со помислата: Денес сакам да изгубам сè, особено својата себичност. Сакам ли да се умртвам себе си? Можеме ли секое утро да си го дозволуваме тој луксуз, да одвојуваме парче од себеси за другиот?

Во мојот живот постојат многубројни примери за луѓе кои што одвоиле парче од себеси за мене. Понекогаш и не знам кој повеќе дарувал, но можам да кажам само едно. Тие луѓе направиле нешто добро за мене, без да ја имаат во предвид мојата благодарност.

Можеби и нас, а сигурно и мене, Бог денес ми вели: Безумниче, со какви мисли ја поминуваш ноќта? Постојано нешто лажеш, комбинираш и поради тоа се измачуваш самиот и другите околу тебе, бараш, бидејќи сакаш само да имаш и да изгледаш добро пред другите, да те фалат. Цела ноќ ја поминуваме со помислата како понатаму, но Бог секому нежно и со љубов му вели: Будалче, јас сето тоа го знам и се грижам за вас. Секако, не станува збор за потполна ладнокрвност и рамнодушност спрема животот. Станува збор за целосна надеж во Бог, во тие најтешки моменти кога не можеме да врземе крај со крај и кога ништо не оди од рака.

Не го сакаме зборот безумник, а камо ли суета над суетите, а тој став нè води во потполна надеж во Бога. Мораме да се освестиме дека правиме зло, доколку нашата надеж ја полагаме во нештата, а не во Бога. Бог е толку добар, што се грижи за сè: за полските цвеќиња, за врапчињата, за тревата, а колку многу за нас. Всушност, потребна е вера. Тоа е секојдневната вера со која што покажуваме дали сме богати со Бог или со материјалните нешта во кои ја полагаме целата надеж. Не е важно колку имаш, туку дали си богат со Бог. Не плаши се од иднината, бидејќи Бог е веќе тука.

о. А. К.