Патот кон Богопознанието – Алексеј Илич Осипов (I дел)

За тоа, што нè доближува кон Бога, а што нè оддалечува од Него, дури и ако постои интерес за „Божественото“, треба ли да се плашиме од Бога, дали постои Бог во душата, за Божјата Промисла и слободата на човекот, раскажува професорот Алексеј Илич Осипов.

Покајанието – почеток на обраќањето кон Бога

            Каков е првиот чекор на патот кон Бога? Ако ние се обратиме кон Евангелието, тогаш ќе видиме дека тоа всушност започнува со проповедта за покајанието на свети Јован Крстител. Самиот Христос, кој немаше грев и потреба од покајание, сепак доаѓа кон него, за да ја „исполни секоја правда“ (Мат. 3, 15). И на тој начин Он потврдува дека: почеток на обраќањето на човекот кон Бога, почеток на вистинскиот пат кон Бога е покајанието. Доколку ова не е тој почеток, ако наместо него биде љубопитството, потрагата по некои состојби, искуства, доживувања, тогаш тоа е погубен пат. Тоа не е патот кон Бога.

За многумина патот кон Бога се открива, кога тие ќе ја видат бесмисленоста на својот живот, кога се умориле од животот проживеан во различни  гревови – а животот во грев е ужасен. Душата боли, бара излез од животниот ќорсокак. А каде е тој излез? Во философијата? Во литературата? Не! Ниту философијата, ниту литературата, ниту уметноста, ниту културните појави не можат да го симнат од душата тој товар – односно товарот, кој го нанесува човекот на својата душа со многуте постапки, во различен степен ранувајќи ја совеста – таа едноставно е целосно повредена. И патот кон Бога започнува со барањето, како да се ослободиме од тој товар.

            Ако нема покајание, потрагата по Бога не е ништо повеќе од хоби и разонода

            Патот, кој го нуди само христијанството, а пред сè Православието, е покајанието. Оној, во кого нема каење за своите претходни дела, не постои желба да се ослободи од тој товар, не може да го започне патот кон Бога. Покајанието – е прво и неопходно.

Ќе спомнеме исто така, дека не само свети Јован Крстител, но и Самиот Христос, излегувајќи на проповед, после искушенијата во пустината рекол: „Покајте се, зошто се приближи Царството Небесно“ (Мат. 4, 17). Еве го почетокот!  Ако нема покајание, тогаш доаѓањето во христијанството може да заврши со ништо. Или ќе бараш мистика во Православието, или христијанството ќе стане еден вид на забава, како што сега многумина се занесени со Откровението, или ќе стане слично со страста за играта шах. А во христијанството  е потребно да принесеме болка во душата, раскајување. И понатаму, ако во човекот постои такво чувство, тој е должен, секако, да се запознае со тоа, што е христијанството.

Дали Бог казнува?

Изненадувачка и прекрасна е разликата на христијанското учење за Бога од сите други, дури и од старозаветното, јудејското, во тоа, бидејќи не ја ограничува слободната волја на човекот. Во сите други религии Кој е Бог? Тој, Кој може да прави што сака. Може да помилува, може да награди, може да испрати тага, може да испрати богатство. Тој определува. Од човекот бара само едно: како да му угоди на Бога, не навредувајќи Го. Тоа е самиот центар, самата суштина на секое нехристијанско учење.

А што говори христијанството? Бог, се покажува дека, не може да ја притисни човечката слобода, не може да ја ограничи нејзе ни за една јота. Он, Кој е Љубов, според христијанското учење, не може да го спаси човекот без волјата на човекот. Не може, ако самиот човек не сака да се спаси! Бидејќи на човекот му е дадена таква слобода, кон која никој и ништо не смее да се доближи.  Ниту околностите, ниту Самиот Бог.

Но постои Божја Промисла. Што е тоа? Божја Промисла, христијанството го нарекува домостројот на животот – на еден човек, општество, или на цел народ, – извршено според духовните закони. И сите тие закони не се помисли на Бога: велат, помислил Бог – и, еве ви вам закон. Не! Тоа не е Божја измислица. Сите тие закони се нешто друго, како израз на Божјите енергии, односно на Самиот Бог.  И тие духовни закони се неизменливи.  И животот на секој човек, како и на секој народ, се устројува во согласност со тие закони.

Која е суштината на нивната појава? Јас често употребувам еден пример од историјата на Византија. Во 602 година се побунила армијата, а потоа избраниот од нејзе главен командант Фока, човек жесток и свиреп, го симнал императорот, казнувајќи го маченички, и ја зазел власта. Неговото владеење било тешко, со многу казни и расправии, и империјата дошла до целосно распаѓање. Тогаш еден монах цела ноќ топло се молел, повикувајќи: „Господи, зошто?! Ние имаме толку многу цркви и манастири! Ние сме верни чеда на Православната Црква! Ние веруваме!“ И нему утрото му се јавил глас: „Го бараше најлошиот, но не го најде“. Монахот се исплашил, но потоа разбрал сè.

Ние не ги гледаме душите на луѓето. Постои закон, кој на кратко може да се нарече така: духот си создава себеси соодветни форми. Духовната состојба на секој човек и народ во целина, го определува севкупниот живот. Како што во секој човек неговата духовна состојба го определува правецот на неговата мисла, неговата философија, ако сакате, ги определува неговите дела, неговиот однос кон другите луѓе, така и положбата на државата, нејзините закони, текот на животот во неа ја определува духовната состојба на нејзиниот народ.

Ние сакаме да ја критикуваме власта: нашиот претседател е таков и таков, и министрите, и нашиот водач… Да затоа што самите ние сме такви! И колку длабоко нашиот народ ја изразил таа идеа во поговорката: „Според сенката и капата“! Лошата власт воопшто не е за наше казнување! Духовната состојба на народот, се кристализира, се изразува, особено, и во тоа, што во народот се појавуваат такви водачи.

Да, ништо не се случува и не може да биди без Божјата волја. Јас паднав во бара. Според Божјата волја? Секако. И потребно ли е според тоа, јас и понатаму според волјата Божја да лежам во барата? Не. Но јас според Божјата волја паднав! И што? Ние често не го разбираме имено тоа: тој факт, дека јас паднав во бара, и тоа треба да ме поттикне да се замислам. Над што? – Над себе си. Случајност не постои. И тоа што ние го нарекуваме Божја промисла, се случува како резултат на нашиот однос кон духовните закони на животот. И севкупната состојба на духот ги раѓа соодветните појави во животот, и нагоре до природните појави.

Катастрофи – тоа е Божја казна? Не! Тоа е природна последица на таа духовна состојба во која се наоѓа човештвото

„Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело“ (1. Мој. 3, 6). И кога човештвото се впушта кон телесното, се случуваат катастрофи. Може да се спомнат многу примери – и библиски и небиблиски. Да, дури и потопот и Содом и Гомор. Што е тоа? Казна? Како грешно тело, Јас вас да ве уништам? Не, тоа е природна последица на таа духовна состојба, во која се наоѓало тогаш човештвото. Природно!

И преподобниот Марко Подвижник зборува за тоа: дека не секогаш Бог прави тоа или тоа, туку некои нешта се последица на законите кои ги востановил Бог, и за тоа само непросветените не знаат. Сè се случува според тие божествени закони. Ете ја таа, Промисла Божја.

Духовната состојба на човекот зависи единствено од самиот човек. И тоа, исто така е божествен закон. Јас ја создавам својата духовна состојба. И јас себеси се наградувам или казнувам. Зошто обраќањето кон Бога, молитвата кон Бога толку многу значи? Затоа што тоа е покајание, односно мое изменување, на мојата духовна состојба. И преку тоа изменување јас се приближувам кон Бога. Како што пишува свети Антониј Велики: „Кога ние живееме според Бога, ние се приближуваме кон Бога; кога ние се противиме на Божјите заповеди, ние се соединуваме со демоните-мачители“. Ете така се пројавува Божјата Промисла. А ние сите Бога го обвинуваме: „Затоа што јас сум најлош од сите, затоа Бог мене ме казни?!“ Да, ти тргна по клинци, и почна да ти се заразува крвта. Па, навистина, Бог тебе те казнил: Он не те принудил по клинци да одиш.

 

Превод: м-р Игор Ризановски