„Со Бога, не се плашев од ништо“ – Протоереј Јован Миронов, на 90-от роденден

Денес (25 ноември), најстариот свештеник од Санкт-Петербургската Митрополија – настојателот на храмот „Неупиваемаја Чаша“, покровител на Православната детска мисија, духовно чедо на Св. Серафим Вирицки, почитуваниот старец Јован Миронов – на полни 90 години. Честитајќи му го роденденот и посакувајќи му здравје, сили и долгоденствено и мирно житие, споделуваме ново интервју, во кое тој споделува сеќавања за војната, за свети Серафим Вирицки, за црковниот живот од изминатите години.

– Драг отец Јован, за време на вашиот живот, Вие сте виделе и преживеале многу работи. Меѓу трагичните настани од XX и XXI век – е и Великата Отечествена војна (1941-1945), во која учествувавте и самите. Раскажете им за тоа на нашите читатели.

– Германците дојдоа на 6 септември, 1941 г. Ние тогаш живеевме во селото Медное, Синјавински реон од Ленинградската област, каде нè преселија за време на колективизацијата. Долго време не се решававме да се преселиме назад, во Псков. Имавме живеалиште, ништожно домаќинство. Чекавме да дојдат нашите и да нè ослободат. Сепак, настапувањето на нашите војски се прекина. Кога животот во фронтовата област стана неподнослив, решивме да се вратиме назад, во Псков. Патот беше тежок, едвај одевме од глад. Нè чуваше Господ. За време на едно бомбардирање, бегалците ги подигнаа иконите и почнаа да се молат – како никогаш.

Одевме цел месец – гладни, премрзнати. Едвај стигнавме до татковината. Таму сеуште живееја добро. Партизани околу нашето село немаше, затоа и германски војници исто. Господ нè милуваше: ниту стрелања, ни бесилки не видов, иако слушав за тоа. Сепак, кога во 1944 г, нашите почнаа да настапуваат, германците почнаа да го гонат народот во Германија. Ги зедоа и моите роднини и ги сместија во логор.

mironov
Отец Јован Миронов во младоста

Јас успеав да побегнам и да преминам на линијата на фронтот. Таму, нашите ме мобилизираа, подучија и ме испратија во артилерија. За среќа, не во противтенковска, не на противтенковски пушки, познати како: „Збогум татковино“, туку во хаубица. Но, и таму не беше лесно. Често бевме и гладни, и ненаспани. За време на походите, спиев дури и одејќи, но на кревет не легнував: ако заспиеш, ќе се превртиш и ќе те потисне. Имаше многу работа. Секогаш кога ќе застаневме, требаше да ископаме дупка за целата 152-милиметарска хаубица, па уште и да ја маскираме. И само што ќе го направиш тоа – команда: „Одиме понатаму“. Се случуваше да паднеме и под германски бомбардирања и растрели. А кога нашите „Катјуши“ стрелаа од зад нас, мораше да ја отвараме устата, за да не ни пукнат ушите. Но, со Бога ништо не беше страшно, крстот го носев секогаш. Мојот командир знаеше за тоа и велеше: „Од Миронов не ни пробувајте да го симнете крстот. Нема да го даде. Го познавам“.

Војував во Прибалтикот, го ослободувавме Тукумус и Лиепај, ја блокиравме Курлјандската групација. Довојував до победата, и беше голема радост. Но се демобилизирав дури во 1947 г.

 

– Вие сте наградени со орден за Отечествената војна и со медали?

– Награди имам многу: и црковни, и за војната. Но, никогаш не ги носам. Сметам дека наградата треба да дојде од Господа, а сето тоа – човечката видливост, е само за украс. А треба да се украсуваме со смирение и трпение.

– Го запознавте старец Серафим Вирицки…

– Го запознав, и не само него. Од своето село, 45 милји одев до Псково-Печорскиот манастир, за молитва и духовни совети кај старец Симеон. Неодамна го прославија во хорот на светителите. А со отец Серафим се сретнав после демобилизацијата и после смртта на мојата мајка, Олга Денисовна. Дојдов во Ленинград, мислејќи да се запишам во богословија. Да отидам кај отец Серафим ме посоветува мојата тетка Ана: „Во Вирица има голем старец: сè гледа однапред. Преку него ќе ја дознаеш Божјата волја за себе…“ Јас побарав благослов од мојот духовник отец Јован Иванов, идниот владика Кировски и Слободски, и заминав во Вирица.

Тоа беше во 1948 г., после Велигден, во Неделата на Милостивиот Самарјанин… Во домот на старецот имаше многу народ. Тука се запознав со двајца семинаристи – Васја Ермаков и Толја Малинин, идни протоереи. Набрзо, излезе келијницата на старецот и рече: „Семинаристи, влезете!“ Василиј и Анатолиј влегоа, јас останав. Одненадеж, матушка Серафима излезе уште еднаш, и обраќајќи ми се директно, убедително рече: „Отецот благослови да влезат сите семинаристи!“

Сосема збунет, јас влегов во келијата. Отец Серафим лежеше на креветот. Беше слаб, сув, истоштен, но целиот светеше. Неговиот поглед беше исполнет со љубов. Откако позборуваа со Васја и Толја, ги благослови и ме викна и мене. Со мене се случи нешто необично. Од радост, јас заплакав и реков: „Отец, јас не сум семинарист, но сакам да се запишам во семинарија, но документите не ми се во ред“.

Старецот Ласкаво ми рече: „Ништо-ништо, Ванјуша! Ти само собери ги сите неопходни документи и однеси ги. Сигурно ќе се запишеш!“ После кратка пауза, тивко додаде: „Ќе бидеш добар студент…“ Така, јас добив благослов од незаборавниот батјушка за идното учење и служење.

Врз отец Серафим имаше голема благодат, и тоа го чувствуваа сите кои доаѓаа кај него. Се сеќавам, како еднаш ја прашав една жена, која со солзи излезе од кај отец Серафим: „Тетко, зошто плачеш?“ Таа, со светла насмевка ми рече: „Од радост…“ Јас постојано прибегнував кон благодатните совети на отец Серафим и живеам со нив до денеска.

Понекогаш, отец Серафим ќе ми раскажуваше за себе: како се занимавал со трговија во Апраксиниот двор, како го носел послушанието духовник на Александро-Невската Лавра…

Еднаш, кога се збогувавме со отец Серафим, ме благослови да отидам кај него следната сабота – на 3 април, 1949 година… во тој ден, тој се упокои. И Господ ме удостои да се молам на првата панихида за незаборавниот баќушка, која ја служеше протоереј Алексиј Кибардин, царскиот духовник. Ние не се збогувавме со отец Серафим – го испраќавме во вечниот живот. Силите на неговите молитви ги чувствувам до денес.

Господ дозволил да го запознаам и отец Јован (Крестјанкин). Патував кај него во Летово, под Рјазањ, а потоа во Псково-Печорскиот манастир. А отец Николај Гурјанов, го знаев уште многу порано, пред тој да отиде на о. Талабск (Залит). Патував кај него уште во Литва, каде што служеше. Тој беше голем старец, свет човек. Еднаш, јас бев тешко болен: на ногата ми се појавија гнојни рани. Дојдов кај о. Николај, а тој ми вели: „Ништо Вања, ќе помине ногата“. И навистина: наскоро раните се затворија, и ногата оздрави. Ете какво чудо.

jovan-mironov
Старец Јован Миронов

– Батјушка, вие веќе 61 година стоите пред Престолот Божји. Кажете ни, како се одвиваше вашиот свештенички пат?

– Не беше лесен. Впрочем, и самиот знаеш какво време беше тогаш. Морав да сменам 7 парохии. Имаше луѓе кои пишуваа клевети до властите. Но, сепак, секогаш покрај мене имаше добри и добронамерни луѓе. И тие секогаш беа повеќе од лошите. Храмот „Неупиваемаја чаша“ („Чаша која не се допива“) – е мојата последна парохија, каде што служам од 1999 година. Радосно е, што доаѓаат да се молат толку многу луѓе, што често тука служат толку млади свештеници и ѓакони. А со вас, и јас се подмладувам. За сите и за сè – слава Богу.

 

– Драг батјушка, што би им препорачале вие на нашите читатели?

– Што да им посакам? Здравје душевно и телесно. И уште мир и љубов.

Љубете го Бога, и чувајте се едни со други. Бидете милостиви и духовно штедри.

Барајте го Бога – и жива ќе биде вашата душа.

– Примете срдечни поздрави за вашиот јубилеј. Бог да ви подари здравје, сили и многаја лета!

 

Ѓакон Владимир Василик

Извор: http://www.pravoslavie.ru