Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 22-ро

Дата нема (напишано е за време на животот на Архиепископот Јован, т. е., до јуни 1966 г.)

Драг во Христа, отец Пантелејмон!

Принуден сум повторно да побарам прошка за тоа, што толку долго не напишав „Против лже-Соборот“ и не ви го вратив ракописот, туку дури сега, кога го завршивме последниот број од „Православно Слово“ (Orthodox Word), ми се појави време повторно да ја препрочитам и да ги предложам своите забелешки.

Секако, во целост, книгата е многу добра и многу потребна денеска. Ние со задоволство би ја испечатиле, но баш сега до глава сме зафатени со печатењето на весникот. Единственото важно прашање, по кое би ја искритикувал оваа книга се однесува на многу неточни, и дури погрешни погледи на авторот на сè, што се однесува на комунизмот и руските јурисдикции; мислам, тој е доста наивен, кога го гледа како незначајно и второстепено прашањето, кое во реалноста е многу деликатно и крајно важно. Тврдењето на стр. 82, на пример, за тоа, дека меѓу разни јурисдикции постои „целосно и доволно единство“, едноставно е лажно. Нема никаква врска меѓу Руската Задгранична Црква и сите други групи, и тоа поради многу сериозни причини. На Московската Патријаршија се однесува анатемата, наложена од Патријархот Тихон на советската власт и на сите, кои со нив ќе соработуваат; очигледно е дека не може да има „доволно единство“ со оние, на кои е наложена црковната анатема. Што се однесува на париската јурисдикција, тие се обратиле кон Константинопол, не само за да го избегнат советското влијание, но повеќе (затоа што неговиот дух, на крајот на краиштата, е близок на советската Црква), за да го избегнат традиционалното Православие, подражавано од Синодот на епископите на Задграничната Црква. Нивното отстапништво не е случајно, туку сосема намерно, исто како и во американската Митрополија. И разликите не се однесуваат на „прашањето за законитоста“, туку во подражавањето на Православната Вистина и традиција.

Мислам, авторот греши кога го гледа комунизмот како чисто политичка појава, немајќи „маски“. Можеби, тој размислува со поимите како на турското ропство – надворешно ропство, чија цел била да се пороби народот, освојувачите да живеат богато. Но комунизмот подразбира внатрешно ропство, затоа што главно, тоа е духовен процес (во негативна смисла).  Неговата цел не е да се освои светот и да се поробат народи, туку борба со Господ, најпрвин разрушувајќи ја верата во срцата на луѓето. Претходно, во историјата немало ништо слично на тој систем. Конечната цел на комунизмот е во тоа, да го подготви светот за антихристот, а поосетливата работа – да воспостави контрола над Црквата и да ја претвори во нова црква за антихристот. Тоа сега многу успешно се прави со Патријархот Московски, и постојат обиди тоа да се направи со целата Православна Црква, преку нејзините претставници на Родос. Да се размислува, дека комунизмот се задоволува со политичкото влијание – тоа, според мене, значи потполно да не се разбира неговата природа.

Што се однесува на конкретните поправки, да се предложат некои незначајни исправки сега, веројатно е премногу доцна. Сепак, многу би ви препорачал една голема промена – во целост да се пропушти пасусот на 82 стр., кој го допира прашањето за руските јурисдикции (почнувајќи од 5-от ред на 82 стр. и завршувајќи со 1-от ред на стр. 83). Пропуштањето нема да влијае на текот на мислата (ќе биде само малечка пауза), и ништо важно нема да биде испуштено (бидејќи тоа е само илустрација на погоре изложеното). Претпоставувам дека тој пасус ја затемнува смислата на погоре изложените мисли, давајќи како пример ситуација, која покренува нови и многу сложни прашања за комунизмот, и која никаде не се разгледувала на тој начин. (А исто така, мислам дека тој доста површно го третира целото прашање за јуридикциската зависност). Тој пропуст, несомнено, ќе го олесни примањето на книгата во круговите на Руската Задгранична Црква.

Ви го враќам ракописот посебно, и многу се надевам на максимално распространување на книгата.

Што се однесува на статијата за „Константинополскиот Патријарх“, – можеби, во светлината на последните признаци на зближување меѓу Рим и Константинопол, во грчките медиуми се појавиле некакви кратки коментари или нејзино толкување, кое би можеле да го искористиме во нашиот весник, или како фуснота во статијата, или во нашиот раздел „Новости“. Веројатно, ние ќе почнеме да го печатиме овој број некаде во средината на јануари.

Благодарам за книгата од св. Марко. Наскоро ќе завршиме со фотографирање и тогаш ќе се вратиме на книгата. Многу се надевам дека ќе успееме да го пренесеме духот на таквата прекрасна книга во нашето англиско издание.

Јас веќе ѝ напишав на Нина Секо за одговорот од Архиепископот Јован, по повод ситуацијата во Грција. Тој не сакаше да носи никакви решенија, додека следниот четврток не се собере Синодот. Тој благонаклоно се однесува кон идејата за традиционалната грчка јурисдикција; мислам, единствена потешкотија ќе бидат вистинските начини да се востанови, и особено во врска со епископот Петар?