Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 26-то

Ное. 1/14, 1966

Драг брате во Христа, Глеб

Па, ми се чини дека во животот ми е предодредено да ги нажалувам луѓето. Твоето лице беше многу натажено кога си замина сношти. Се надевам дека не беше во прашање никакво униние [депресија], туку едноставно сериозна одлучност. Вечерва го држев Лаврентиј – Рекс надвор на дождот, дури и кога се молевме за неговата детска нетрпелливост и дрскост (кога некој го подучува за негово добро, тој едноставно плука на тоа), и кога заминав тој сè уште беше надвор, но доста трезвен и потиштен

Синоќа, после моето униние, кое што и на тебе влијаеше, братот Лаврентиј ме поучи: не сум зборувал доволно со луѓето, како на пример со нашиот нов брат Евгениј. Поуката ја примив молчејќи, како и обично, но искрено, мислам дека не е во право. Ако ништо друго,  барем зборувам премногу.

Кога го велам ова, не мислам да се оправдам, прости ако грешам. Ти спомнав викендов дека според мене, нашиот скит повеќе не е сон, туку реалност. За мене е премногу реален што можам да го видам како се распаѓа, како што сме почнале – од повеќе причини, но да почнам со една: во нашата продавница премногу се зборува, а премалку се дејствува, а зборувањето може да биде погубно за нас. За тебе и за мене не се плашам. Знаеме што сакаме и кога ќе сме слободни ќе можеме 100% да се вложиме. Но, братот Лаврентиј се чини дека оди на полошо наместо на подобро. Оваа критика на секоја ситница е како рак, и се чини дека е немоќен да го поправи тоа бидејќи очигледно нема духовна самосвесност. Отец Сава вечерва го поправи за ова, но се чини бескорисно. Се прашувам дали е сериозен, и што треба за да стане сериозен.

И Сава самиот дојде денеска на три дена, и веќе Рекс ја освојува неговата доверба, непочитувајќи го авторитетот на нашето братство, зашто знае дека Сава е сочувствителен и дека тоа може да го искористи против нас. Сава зборуваше со него, но за чија полза? Можеме само да му сочувствуваме и да мислиме дека е „расипан“, но се сомневам дека длабоко во себе е расипан и дека од него само лошо ќе видиме. Се надевам дека нема да е така, но неговите дела укажуваат на тоа,  дека на ништо не може да се научи. Тој доста ме загрижува.

Сето ова сигурно повторно те натажува, те молам прости ми. Но, се чини дека мојата главна дејност во братството ќе биде да ја воведам сериозноста преку укажување на работата што мора да се заврши. До сега, нашето братство беше пикник, со премногу смеа, но што ќе се случи кога тагата и искушенијата и вистинската работа ќе започнат? Спремни ли сме за тоа? Што можеме да направиме за да се подготвиме за тоа?

Можам да се обидам да го поделам уделот во работата на секого, но мислам дека нема да има многу полза. Нам ни треба едномислие и сериозност кон работата што ни претстои, инаку секоја ситница може да нè оттргне од патот. Што ќе се случи, на пример, ако ние четворицата сме во скитот, и Рекс управува? Ако не сме посилни од ова што сме сега, ќе се случи раскол во братството. Ќе бидеме ли доволно силни за да ја вршиме работата, службите, станувањето наутро, воздржувањето од непотребен разговор, избегнување на посетителите, чувањето на каноните, а сепак да ја сочуваме хармонијата?

Дали знаеш кон што се стремиме? Тоа е надвор од нашето поимање! А сепак со сериозен устав и со Божја милост можеме да успееме. Бидејќи нема никој, јас и ти мора да раководиме, ако сме доволно силни, може да покриеме дел од слабостите на нашите браќа.

Брате, животот поминува, а ние ќе умреме. Затоа да бидеме уште повеќе одлучни и да го оствариме она за што сонуваме.

Можеш да ми кажеш дали тоа што го замислувам е вистина, или едноставно си давам чувство на поголема важност.

Но, доста беше со пресериозноста. Времето ни истекува за весникот, ама ако започнеме сега со изданието за Владиката, може да го завршиме во јануари. До Денот на благодарноста сакам конечен план и основен материјал за статиите на Св. Јован и Владиката, и конечна содржина со приближен број на страници. Ако е повеќе од 40 страници ќе бидеме во неволја. Статијата за Иконата од Курск може да се скрати, штом е веќе во П.Ж. (Православен Живот) и наскоро ќе се препечати.

Викендов размислував, но ништо не спомнав – што е со нашето издание во јануари? Немаме ништо, а ќе бидеме истоштени со изданието за Владиката, така што нема да можеме ништо да составиме. Но, денеска помина о. Амвросиј – наскоро ќе биде подготвена значајна статија за Св. Марко за изданието во јануари (се празнува на 19 Јан), сè за неговите дела итн. – Мислам дека повторно е нешто многу важно.  Ќе побарам илустрации. Потоа, тука е и иконата од Тинос, и 2-3 мали работи што треба да се дополнат. Препушти ми го ова издание мене. Мислам дека О. Амвросиј ќе дојде. Повторно е малку залутан и расеан, но тој е значаен човек, и мислам дека можеме да му помогнеме да направи нешто од суштинско значење.

Е, па Брате, те направив многу тажен и сериозен. Денес имавме комедија на грешки – отидов 4 пати до продавницата за алати и секој пат се враќав со поголем дел од цевката. Сава најде дупче во цевката и се обиде да го поправи со восок од свеќа. Братот Евгениј се врати со загадочни предлози. Миша дојде и започна да работи со некаков лигав кафеав лепак. Братот Лаврентиј дојде, посматрајќи ја водата, лепакот, и сите луѓе, критикувајќи на сите страни. Роберт дојде, потоа Рекс – и на крајот (благодарение најмногу на Миша) мијалникот беше поправен и дури и протекувањето во тоалетот се намали.

Моли се за мене, твојот одлучен, но грешен брат,

Евгениј.

 

Превод: Елена Богдановска