Свети Нектариј Егински – За долготрпението / ВИСОЧИНА НА ДУХОТ И ПРИЈАТЕЛ НА КРОТОСТА

 

Долготрпението е добродетел на смелата и благодородна душа, која за свој темел ја има љубовта кон ближниот.

Долготрпението е великодушност, и височина на духот и пријател на кротоста.

Долготрпението сведочи за воспитанието на душата, кое се отсликува како сострадание, човекољубие, скромност и праведност.

Долготрпеливиот владее со гневот и јароста и ги стишува поривите на своето срце. Тој ги милува паднатите и ги сожалува грешните. Кога изобличува тоа го прави благо, а зборовите му искажуваат мудрост и разборитост. Погледот му е ведар, а движењата му се смирени и долични. Бидејќи е благоразумен, тој не суди строго, туку со бестрасен суд се изјаснува за грешникот.

Златоуст вака зборува за долготрпението: „Причината за секое добро е долготрпението. Тоа е корен на секоја философија, непобедливо оружје и неразрушлива кула која брзо ја отфрла секоја жалост. И како кога искрата ќе падне во бездна, таа не може на ниту еден начин да ѝ наштети, туку самата веднаш ќе згасне, така и сѐ што одненадеж ќе падне во долготрпеливата душа брзо исчезнува, и нема да ја поремети. Ни војски, ни богатства, ни коњи, ниту оружје, ништо – ништо рамно на долготрпението нема да најдеш, бидејќи често се случува кога гневот ќе го совлада оној што го има сето ова, тој се однесува како мало дете кое не знае што со себеси, од вознемиреноста и збрканоста. А долготрпеливиот како во засолниште пребива и со сладок спокој се насладува; па макар и да му наштетиш, не си ја совладал карпата, дури и ако си го понижил, не си ја растресол тврдината, дури и да го раниш, не си го изгребал дијамантот.“ Блажен е долготрпеливиот човек.

 

„Силно посакувам да им помогнам на луѓето

бидејќи Го гледам Христос.

Он сѐ уште е распнат…

Присутен сум во светот со своите мошти.

Свештеникот што ме познава,

нека ги благослови сите што доаѓаат,

барајќи олеснување, очистување или простување…

Моите мошти се мојот епитрахил.“

 

Свети Нектариј Егински