Бог е оган. Покајание – Светител Шангајски, Западно-Европски и Сан-Франциски Јован (Максимович)

Бог е оган кој проголтува. Кога предметот се допира до огнот, се менува: или гори, или се кали.

Така и човекот, допирајќи се до Бога, или загинува, или се спасува.

Огнот – секогаш е оган! Но, од допирањето до него се добива и пепел, и челик, зависно од тоа, што се допира.

Истото се случува и со човекот, и сè зависи од тоа, што тој ќе принесе кон Божествениот оган – во каква состојба ќе се допре до Бога.  Ако се распушти до слабоста на сламата – ќе изгори.

Секој човек, порано или подоцна, неизбежно ќе се допре до Бога, и тешко него, ако не се подготви за таа средба.

Ќе дојде час, кога ќе дојдеме во допир со Божјата сила, го сакале ние тоа или не.

Лопатата е во рацете Господови. Лопатата исфрла зрна и слама, и последната ја носи ветрот, а зрното паѓа пред нозете на Домаќинот и го собираат во житници, сламата пак се остава или се гори.

Неизбежна е средбата со Господа, и треба да се подготвуваме за неа.

Нашите гревови – се слама, која гори при таа средба. Треба самите, предвреме да си ја изречеме пресудата и самите, подготвувајќи се за таа средба, да се одделиме од сламата, да ја запалиме сламата на гревовите со покајание.

Или горат само тие, или изгорува заедно со нив и самиот човек, предавајќи му се на гревот.

Треба да знаеме за Страшниот Суд и да се однесуваме кон тој ден и настан, како што треба. Треба да ја очистиме својата душа, треба да се молиме.

Кон тој настан треба да се поставиме јасно и свесно, а не како животното, кое ја крие главата своја, за да не ја гледа опасноста.

„Вратите на покајанието отвори ми ги, Животодавче!“

Покајанието, се изразува со грчкиот збор „метаноиа“. Во буквална смисла, тоа значи промена на својот ум, своето мудрување. Со други зборови, покајанието е промена на својата состојба, образот на своите мисли, промена на човекот во себеси. Покајанието е повторно разгледување на своите погледи, променување на својот живот.

Како може да се случи тоа? Исто така, како, кога темната соба, во која паднал човек, ќе се озари со сончевите зраци: додека ја разгледувал собата во темница, таа му изгледала поинаку: многу од тоа, што се наоѓало внатре, тој не го гледал, па дури и не претпоставувал дека се наоѓа таму. Многу работи му изгледале сосема поинаку, отколку што навистина се. Морал да се движи внимателно, зашто не знаел каде се наоѓаат препреките. Но, кога собата станала светла, тој гледа сè јасно и се движи слободно.

Истото се случува и во духовниот живот.

Кога сме задлабочени во гревови, а нашиот ум е зафатен само со животни грижи, ние не ја забележуваме состојбата на својата душа. Ние сме рамнодушни кон тоа, какви сме внатре, и постојано одиме по лажниот пат, и самите не забележувајќи го тоа.

Но ете, зрак од Светлината Божја проникнува во нашата душа. Колкава нечистотија, тогаш, ќе видиме во себеси! Колку неправди, колку лаги! Колку безобразни ќе ни се покажат многу наши постапки, за кои сме мислеле дека се прекрасни. Ќе ни стане јасно, дека одиме по неправедни патишта. Ни станува јасно, кој е вистинскиот пат.

Ако тогаш ја осознаеме својата духовна ништожност, својата гревовност, ако од срце го посакаме своето исправување – блиску сме до спасението. Од длабочината на душата, да повикаме кон Бога: „Помилуј ме Боже, помилуј по Твојата милост!“ „Прости ми и спаси ме!“ “ Даруј ми да ги гледам моите прегрешенија и да не го осудувам мојот брат!“.

Да побрзаме, да си ги простиме еден на друг сите огорчувања и навреди. Секогаш да ги слушаме зборовите на Евангелието на Прочка: „Ако им ги простите на луѓето нивните гревови, и вашиот Отец Небесен ќе ви ги опрости вашите, ако пак не им ги простите на луѓето нивните гревови, ни вашиот Отец нема да ви ги прости вашите согрешенија“ (Мт. 6, 14-15).