За служењето на Ангелите

Бог заповедал, вишите сили да му служат на оној кој живее на земјата (човекот) – заради достоинството на образот, со кој е облечен човекот. Свети Јован Златоуст (39, 908).

Чудесно е, што видливиот свет, по наредба Божја е создаден за нас, но уште почудесно е, што и светите Ангели му служат на нашето спасение. „Ангел Господов застанува околу оние кои се бојат од Него“ (Пс. 33). „Зарем не се ли сите служебни духови, испратени во служба на оние, кои треба да го наследат спасението?“ (Евр. 1, 14). Преисполнет е со нив Стариот Завет, но и во Новиот Завет е голема нивната служба. Ангел ѝ благовести на Пресветата Дева за Синот Божји, Кој доаѓа во светот и од Неа се раѓа телесно (Лк. 1, 26-38). Ангел му се јавува на Јосиф, Нејзиниот обручник (Мт. 1, 20; 2, 13 и 19). Ангел му се јавува на Захарија и го благовестува зачнувањето на Претечата (Лк. 1, 8-13). Ангел им го благовести на пастирите Раѓањето на Христос, Спасителот на светот (Лк. 2, 9-11). Ангели седат на гробот на Воскреснатиот Христос и им го проповедаат на жените Воскресението (Лк. 24, 4-6). Ангели им се јавуваат на Апостолите при Вознесението Господово и им возвестуваат за Второто Пришествие Христово (Дела. 1, 10-11). Ангел го изведува Петар од затворот (Дела. 12, 7-9). Ангел му вели на Филип: „стани и оди“ (Дела. 8, 26). Ангел му се јавува на Корнилиј стотникот (Дела. 10, 1-6). За истото сведочи и црковната историја. „Ангел чувар му се дава на секој верен човек и секогаш го гледа лицето на Отецот Небесен“, пишува Василиј Велики. Тие свети и блажени духови му содејствуваат на нашето спасение, за ние усрдно да им служиме ним и на нашиот Господ, и така да се спасуваме. Свети Тихон Задонски (104, 5-6).

Тие Умови (Ангелите), примиле секој по еден дел од вселената, или се назначени за едно нешто во светот, како што предвидел Оној Кој устроил и распределил сè. И сите тие имаат едно назначување, по распоред на Создателот секако да го воспеваат Божјото величие, да ја созерцуваат вечната слава, и притоа вечно… Свети Григориј Богослов (13, 50).

Тие (Ангелите) чуваат делови од земјата, управуваат со народи и места, како што се поставени од Творецот. Преподобен Јован Дамаскин (113, 130).

Ангелите присуствуваат секаде и особено во домот Божји престојуваат пред Царот, и сè е исполнето со тие бесплотни сили. Свети Јован Златоуст (46, 142).

Јас сум уверен, дека посебен Ангел застапува за секоја Црква, како што ме учи Јован во Откровението (1, 20). Свети Амвросиј Медиолански (113, 130)

Ава Леонтиј, настојател на киновијата на светиот отец наш Теодосиј ни раскажа: „Еднаш, во недела јас дојдов во црква за да се причестам со Светите Тајни. Влегувајќи го храмот, видов Ангел, како стои од десната страна на престолот. Ужаснат, јас отрчав во својата келија. И дојде глас кон мене: „Откако е осветен овој престол, мене ми е заповедано да се наоѓам при него“. Блажен Јован Мосх (75, 9).

Сите Ангели имаат, како едно име, така секако, и една природа за сите: но едни од нив се поставени да началствуваат над народи, а други да бидат сопатници на секого од верните. Но, во која мера цел еден народ се претпочита пред еден човек, во истата, несомнено, и достоинстово на Ангелите народо-управители е повисоко од достоинството на Ангелите, на кои е доверена грижата за еден човек. Свети Василиј Велики (113, 130).

(во приложение, фоторепортажа од празникот посветен на Светите Архангели и сите сили небесни – Довлеџик)

[nggallery id=81]

Фото: Елена Чороловска