СВ. СЕРАФИМ САРОФСКИ ЧУДОТВОРЕЦ

Нема ништо подобро од мирот во Христос. Во него се разрушува сета борба на воздушните и земните духови: зашто нашата борба не е против крв и плот, но против налачствата и властите и владетелот на темнината на овој век, со поднебесните духови на злобата (Ефес. 6, 12).

Признак на разумна душа, е кога човекот ќе го задлабочи својот ум во себеси и работи во срцето. Тогаш благодатта Божја ќе го осени, и тој пребива во мирно расположение, а со посредство на ова, и во премирно: во мирно, то ест, со блага совест, а премирно, зашто умот ја созерцува во себе благодатта на Светиот дух, според Божјото слово: во мирот е местото Негово. (Пс. 75,3).
Може ли, гледајќи го сонцето со сетилните очи, да не се радуваме? А колку е порадосно, кога со внатрешното око, умот ќе го види Сонцето на правдата, Христос. Тогаш навистина се радува со ангелска радост; за ова апостолот и рекол: нашиот живот е на небото (Фил. 3, 20).
Кога некој стои во мирно расположение, тој како со лажица да црпи од духовните дарови. Светите отци, имајќи мирно расположение, и бивајќи осенети од благодатта Божја, живееле долго.
Кога човекот доаѓа во мирно расположение, тогаш тој може од себе и на другите да ја излева светлината од просветлениот разум; а сè додека тоа не се случи, треба да ги повторува зборовите од пророчицата Ана: лоши зборови да не излегуваат од устата ваша (1 Цар. 2, 3), и Господовите зборови: лицемере, најнапред извади ја гредата од твоето око: и тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си (Мт. 7, 5).
Овој мир, како бесценето богатство, им го оставил Господ наш Исус Христос на Своите ученици пред Неговата смрт, велејќи: Мир ви оставам, мирот Свој ви го давам (Јован. 14, 27). За него, исто така зборува и апостолот: и мирот Божји, што надвишува секој ум, да ги запази вашите срца и мисли во Исуса Христа (Фил. 4, 7).
Ако не ги занемари световните потреби, човекот не може да има мир на душата. Душевниот мир се здобива со маки. Писмото вели: Поминавме низ оган и вода, и нè изведе во мир (Пс. 65.12). На оние кои сакаат да Му угодат на Бога, нивниот пат лежи меѓу многу маки.
Ништо толку не му помага на стекнувањето внтрешен мир, како молчанието, и колку е можно, непрестајниот разговор со себеси, и поредко со другите.
И така, ние треба сите свои мисли, желби и дела да ги сконцентрираме на тоа, да го добиеме мирот Божји и со Црквата секогаш да пееме: Господи Боже наш! Мирот Твој дај ни го нам! (Ис. 26, 12).

Извор: http://www.pravmir.ru/poucheniya-prepodobnogo-serafima-sarovskogo/#ixzz3OsRqw0lX