Св. Атанасиј Александриски – Архиерејска Божествена Литургија во Смолево

На 15.05.2015 г, кога го празнуваме споменот на св. Атанасиј Велики, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Божествена Литургија во манастирот посветен на „Св. Атанасиј“, с. Смолево, Битола. 

На литургијата, Владиката раскажувајќи го житието на свети Атанасиј,  посочи еден пример од неговото детство, кога св. Атанасиј си играл со неговите другарчиња, кои не биле христијани, а во играта тој бил епископ, кој ги привел во Христовата вера и ги крстил. Тоа го забележал епископот на градот, светителот Алекндар Александриски, и кога ги прашал децата како си играле, видел дека св. Атанасиј правилно ја извршил Св. Тајна и го признал крштението. Оваа чистосрдечност и ревност во Христовата вера св. Атанасиј ја запазил преку целиот живот, и учествувајќи на Првиот Вселенски Собор, тој иако имал само ѓаконски чин, успеал сам да го изобличи учениот Ариј, кој ја раздорувал Црквата Христова.

Светителите за кои слушаме денес, и тие биле луѓе како нас. И тие носеле исто тело, и тие живееле во семејства, и тие живееле во светот, дури и во многу полоши состојби отколку ние. Но, тие избрале да се смират, да го променат својот живот, за тој да стане отворен за благодатта Божја. По примерот на св. апостол Павле, св. Марија Египетска, Бог ни дал примери дека секој може да го промени својот живот. Но, ништо не може без труд, по зборовите на апостол Павле: „Зашто најмногу се потрудив од другите од другите апостоли“. Наша должност е да покажеме ревност за доброто дело, да се трудиме секој ден, малку по малку, да правиме, макар и мали добри дела, да ги отсекуваме од себе грешните желби, мисли и пороци, а Господ ќе ни ја испрати Неговата благодат, и ќе го исправи нашето дело. Да помниме, како и нашите предци, кои подигнале 200 храмови во чест на св. Атанасиј Велики, дека нашите тела се храмови на Светиот Дух, и дека наше е да покажеме само малку труд. Се друго ќе направи Бог, по Својата Милост.

Христос Воскресе!