Срна во изгубениот рај – Архимандрит Јустин Поповиќ

Исповед

Срна сум. Во вселената сум сетило на тагата. Одамна-одамна, некој избрка на земјата сè што е тажно во сите светови и од тоа го изли моето срце. И оттогаш јас сум сетило на тагата. Живеам со тоа, што од сите битија и твари ја цицам тагата. По една црна капка тага се спушта во моето срце штом ќе му пристапам. И црна роса на тагата како поточе струи низ моите вени. И таму, во моето срце, црната роса на тагата се преработува во бледо-синкаста.

По моето битие е разлиена некоја магнетна сила на тагата. И сè што е тажно во светот, таа незапрливо го привлекува и го таложи во моето срце. Затоа сум најтажна  од сите суштества. И имам солзи за секоја болка…

Не ми се смејте, о најнасмевнати! Јас сум запрепастена со сознанието: во овој тажен свет има битија кои се смеат.

О, проклет дар и најпроклет дар: да се смееш во светот, во кој врие тагата, заклучува болката, пустоши смртта! Каков осуден дар!…

Јас од тага никогаш не се смеам. Како би се смеела кога сте така груби и сурови, вие насмеаните! А грди сте од злото. Бидејќи само зло ја наоружа земната убавина и небесните суштества…

Се сеќавам, присетувам: оваа земја некогаш била рај, а јас – рајска срна.

Сеќавање од кого восхитено паѓам од радост во радост, од бесмртност во бесмртност, од вечност во вечност!…

А сега? – Мрак падна на моите очи. На сите патишта, кај што се движам, полегна густа темнина. Сето мое битие го опфати некој неизгаслив пожар на тага. Сè во мене гори од тага, но никако да согори. И јас бедната само една сум: вечна жртва сепаленица на вселенскиот жртвеник на тагата. А вселенскиот жртвеник на тага е земјата, сива и тмурна, бледа и помрачена планета…

Моето срце е непристапен остров во бескрајниот океан на тагата. Непристапен за радост. Дали секое срце е – непристапен остров? Кажете ми вие кои имате срце! Знаете ли со што сè се опколени вашите срца?

Моето – со самите океански понори и бездни. И постојано во нив се дави. Никако да се извлече од нив, да излезе од нив. На што ли да се фати е меко како вода. Затоа очите ми се замаглени од солзи, а срцето разлеано од воздишки. Болни ми се зениците, бидејќи многу ноќи заноќиле во нив. Ноќе сонцето заоѓа во моето око, а утрото не се ни раѓа. Се удави во темнината на мојата тага. Нешто страшно и ужасно преминува во моето битие. Ме плаши сè што е околу мене и над мене.

О, како би побегнала од стравот на овој свет!

А постои ли некој свет без страв? Соѕидана сум со мака, опиена со пелин, презаситена со јад. Јас вознемирено го будам своето срце од пијанството на тагата, а тоа  сè повеќе се опива. Душата своја, исплашена и оптоварена од стравовите на овој свет, ја викам да ми се врати, а таа безобѕирно бега од мене, тажна и сепната…

Срна сум. Но зошто? – Гледам, но како, и тоа не го разбирам. Живеам – но што е животот, не сфаќам. Сакам, но што е љубовта не поимам. Патам, но како во мене никнува, расте и созрева патењето, тоа воопшто не го разбирам. Многу малку разбирам од она што е во мене и околу мене. И животот и љубовта и страдањата,  што е бескрајно од моето знаење и разбирање и сфаќање. Некој ме спушти во овој свет, и во моето битие стави малку разум, затоа и разбирам малку од светот околку себе и од светот во себе. Сè  нешто несфатливо и необично гледа во мене од секоја работа, затоа и се плашам. А моите крупни очи, дали затоа се крупни, да што повеќе би го сместиле несфатливото и опфатиле неопфатливото и би го согледале несогледливото?

Крајот на тагата некој ја разлеа во мене, и очовечи и овековечи нешто што е трајно како бесмртноста и огрмно како вечноста. Тоа е – инстинкт на љубовта. Во него има нешто семожно и незапрливо. Тоа се разлева преку сите мои чувства, преку сите мои мисли, и владее со сето мое битие. Како мало, малечко островце, така е и моето битие, а околу него бескарајно се протега, разлева и прелева таа – загатката на мојата душа: љубовта. Каде и да се движам по своето битие би наишла на неа. Тоа е нешто насекаде присутно во мене, но и најблиско.

Во мене: јас сум, е еднакво со: јас сакам. Со љубовта сум она што сум. Да бидеш, да постоиш за мене е исто како и да сакаш. И зарем може да има битија без љубов? За такво битие не знае моето срнечко срце.

Не навредувајте ја љубовта во мене. Бидејќи ја навредувате мојата единствена бесмртност и мојата единствена вечност. А со тоа и мојата единствена бесмртност и вечна вредност. Бидејќи што е вредноста, ако не е она што е бесмртно и вечно? А јас сум само со љубов бесмртна и вечна. Тоа ми е  сè. Јас со тоа и чувствувам, мислам и гледам и слушам и знам и бесмртувам. Кога ќе кажам: сакам, – јас со тоа ги опфаќам сите бесмртни чувства, сите свои бесмртни копнежи, сите свои бесмртни животи. Со тоа – јас сум над сите смртти и над сите небитија, јас: сребренестата срна, срната нежна, срната вознемирена…

Преку ужасни стрмнини и страшни понори поминува љубовта моја кон тебе – сино небо, кон тебе – благ човеку, кон тебе – цветно долинска горо, кон тебе – мирисна трево, кон тебе – Седобар и Сенежен! Преку безброј смртти се пробива мојата љубов кон тебе, о моја слатка Бесмртност! Затоа тагата моја е постојан сопатник. Секоја грубост – е целосна смрт за мене. Најмногу во овој свет сум доживеела грубост од едно битие кое се вика – човек. О, понекогаш тој  – е смрт за сета моја радост. Очи мои гледајте преку него и над него кон оној – Седобриот и Сенежниот!

Добрината и нежноста, тоа е живот за мене, тоа е бесмртност, тоа е вечност. Без добрина и нежност – животот е пекол. Чувствувајќи ја добрината на Седобриот и нежноста на Сенежниот, јас сета сум во рајот. Ќе втурне ли грубоста човечка на мене, тој пекол ќе се втурне со сите свои стравови. Затоа се плашам од човекот, од секој човек, освен од добриот и нежниот.

Покрај потокот сум, чиј брег се украсува со сините цвеќиња. А потокот е од моите солзи. Ме ранија луѓето во срцето, и наместо крв ми потекоа солзи. Нежни небеса, еве ви ја кажувам својата тајна. Затоа плачам за сите тажни, за сите невини, за сите понижени, за сите навредени, за сите гладни, за сите безизлезни, за сите нажалени, за сите намачени… Моите мисли од тага брзо ќе се сепнат и ќе се претворат во чувства, а чувствата се излеваат во солзите. Да, чувствата ми се бескрајни, и солзите безбројни. И скоро секое мое чувство тагува и плаче, бидејќи штом ќе се упати од мене во светот околу мене, ќе наиде на понекоја човечка грубост. О, дали има погрубо и посурово битие од човекот?…

Зошто сум фрлена во овој свет, меѓу луѓето? Ох, некогаш, одамна-одамна, кога во своите густи и бескрајни шуми не сум знаела за луѓето, светот за мене беше радост и рај. И јас со своето рајско расположение и восхитување радосно сум талкала меѓу миризливите цвеќиња и витките брези, меѓу питомите долински гори и синото небо. Но во мојот рај чекореше тој: грубиот, суровиот, гордиот, тој – човекот. Ми го згази цвеќето, ги пресече дрвјата, го замрачи небото. И така, мојот рај се претвори во пекол…

О, не го мразам јас него поради тоа, туку го жалам. Го жалам затоа што нема чувство за рај. А од тоа нема поголем ужас за суштествата, за било кое суштество. Знаете, дека срната не може да мрази; таа може само да жали и сожалува. Сите навреди, сите грубости таа ги одбива со тага и сожалување. Тагата, тоа е нејзината одмазда. Тага, препратена со сожалување… О, луѓе, колку сте сурови и груби! Сум слушнала дека постојат демони. Зар е можно да се полоши од луѓето? Само едно молам, само едно сакам:  да не бидам душа во човекот, чувство во човекот, мисла во човекот…

Секоја грубост човечка ја доживувам како тежок удар во срцето. Од тоа се јави тумур на срцето. О, колку модрини имам во срцето!  О, колку удари!

Ах, да! Јас сум изгубена во рајот. Срна во изгубениот рај! Ох, смилувај се на мене, Седобар и Сенежен! Премногу модрини, една по друга, една по друга, и така ми се направи тумур на срцето! Ох. Спаси си ме од луѓето, од грубите и зли луѓе! Пред мојот свет да го претвориш во рај и мојата тага во радост…

Најмногу од сѐ, ја сакам – слободата. Таа се состои во добрина, во нежност, во љубов. А злото, грубоста, омразата – тоа е ропство од најлошата врста. Робувајќи на нив, се робува на смртта. А има ли од смртта пострашно ропство? Во такво ропство ги носат луѓето, тие измислувачи и творци на злото, грубоста и омразата. А мене ме испратија во светот, рекоа и пререкоа, одредија и предодредија: ќе има тага и љубов. И јас со своето битие сум исполнета со своето назначување: тагувам и сакам. Тагувам преку љубовта, сакам преку тагата. И зар можам поинаку во светот, кој е населен од луѓето? Мојот живот е во таа рамка. Сета сум срце – сета око, сета – тага, сета – љубов. Затоа ме потресува старавот, оној мил страв, за кој знае само – тажната срна…

Во гордоста своја луѓето не насетуваат какви раскошни и чудесни чувства носиме во себе, ние, срните. Помеѓу нас, и вас, луѓето, се гледа провалија, та ние не можеме кон вас ниту вие кон нас. Вие немате сетила за нашите светови. Кога ние срните би преминале кај вас, би преминале во пекол. Некогаш ние бевме во рајот. Вие луѓето ни го претворивте во пекол. Што се ѓаволите за вас, тоа сте вие луѓето за нас. Ни раскажуваа брезите: го видовме Сатаната како паѓа од небото на земјата, падна меѓу луѓето и – остана. Тој, отпадникот од небото, објави: најпријатно ми е меѓу луѓето; и јас имам свој рај, тоа се тие: луѓето…

Знам, претчувствувам. Мене ме очекува бесмртност, подобра од човечката. За вас луѓето, таму во оној свет, постои и пеколот. А за нас срните – само рај. Бидејќи вие луѓето свесно и доброволно сте го измислиле гревот, злото и смртта, па  и нас без наше прифаќање, нѐ повлековте во нив со својата пакост и злоба, зашто имавте власт над нас. Затоа ќе одговарате за нас: за сите наши маки, неволји, патења и смрт. Вие ќе платите за нас и поради нас…

Сум слушнала… синото небо ја шепотеше по црната земја оваа вечна вистина: луѓето во денот на Судот ќе дадат одговор за сите маки, за сите патења, за сите неволји, за сите смртти на земните битија и тварта. Сите животни, сите растенија, сите птици, ќе станат и ќе го обвинат човечкиот род за сите болки, за сите навреди, за сите зла, за сите смртти кои им ги направил во гревољубието свое. Бидејќи со човечкиот род, пред него и по него одат гревот, смртта и пеколот.

Кога би избрала помеѓу суштевствата, побргу би избрала тигар отколку човек, бидејќи е помалку крвожеден од човекот; побргу би избрала лав отколку човек, бидејќи  помалку е крволочен од човекот, побргу би ја избрала хиената отколку човекот, бидејќи помалку е одвратна од човекот; побргу би го избрала рисот од човекот, бидејќи помалку е лут од човекот, побргу би ја избрала змијата од човекот, бидејќи помалку е лукава од човекот, побргу би го избрала секое чудовиште отколку човекот, бидејќи и најстрашното чудовиште е помалку страшно од човекот… О, вистина ви зборувам, од срце зборувам. Бидејќи човекот го измисли и создаде:  гревот, смртта  и пеколот. А тоа е полошото и најлошото, почудовишно и од најчудовишното, пострашно и од најстрашното во сите мои светови.

Наслушнав, тивко шумеше потокот од солзите: луѓето се фалат со некаква интелегенција. А јас ги гледам нивните главни дела: гревот, злото, и смртта. И извлекувам заклучок: ако нивната интелегенција се состои во тоа што го измислиле и создале гревот, злото и смртта, тогаш тоа не е дар туку проклетство. Интелегенцијата која живее и се изразува со гревот, злото и смртта, е Божја казна. Голема интелегенција – голема казна. Мене би ме навредиле, кога би ми кажале дека сум интелегентна, на човечки начин интелегентна. Ако е таква одликата на човечката интелегенција, тогаш – јас не само што се откажувам од неа туку и ја проколнувам. Кога од неа би зависел дури и мојот рај и бесмртност, јас засекогаш би се откажала од рајот и бесмртноста. Интелегенцијата без добрина е Божја казна. А големата интелегенција без голема добрина е неподносливо проклетство.

Со интелегенцијата, без добрина и нежност, човекот е готов ѓавол. Сум слушнала од небесните ангели, кога крилјата ги миеа во моите солзи: ѓаволот е голема интелегенција, без нималку добрина и љубов. А тоа е и човекот, ако нема добрина и љубов. Човек интелегентен, а без добрина и сомилост, е пекол за мојата нежна душа, пекол за моите простодушни очи, пекол за моето кротко битие. Кон една желба  душата се исправа: да не живеам ни во овој свет, ни во оној покрај човекот кој е интелегентен, а нема добрина ни сомилосна нежност. Само така прифаќам бесмртност и вечност. Ако ли не, уништи ме, Боже, и претвори ме во небитие!

Во минатите времиња раскажуваа белите срни: по земјата поминуваше Он: Себлагиот и Семилостивиот, и земјата во рај ја претвори. Каде и да застануваше, таму рај постануваше. На сите битија  и на сета твар од Него се леела бескрајна добрина, љубов и нежност и милост и благост и мудрост. По земјата одеше и небото на земјата го спушташе. Го викаа Исус. О, ние во него видовме дека човекот може да биде чудесен и прекрасен, само кога е безгрешен. Он и нашата тага ја тагуваше и со нас плачеше поради злото кое луѓето би ни го  направиле. Беше со нас, а против човечката творевина: гревот, злото и смртта. Ги сакаше сите суштества нежно и сомилосно; ги милуваше со некое божествено сетило; ги бранеше од човечкиот грев, од човечкото зло, од човечката смрт. Беше и засекогаш остана – Бог наш, Бог на тажните и нажалените суштества, од најмалото до најголемото.

Само тие луѓе кои личат на Него – нѝ се мили. Тие се наш род, бесмртност наша и љубов наша. Душата на тие луѓе е исполнета од неговата добрина и сомилост и љубов и нежност и благост и праведност и мудрост. Нивната интелегенција е божествено мудра, божествено добра, божествено кротка, божествено сомилосна. И тие личат на свети и светли ангели. Бидејќи голема интелегенција и голема добрина, споени во едно – и е Ангелот.

Затоа нашата љубов, сета, ита кон Исуса себлагиот, седобриот, семилостивиот, сенежниот. Он е – Бог наш, и Бесмртност наша, и Вечност наша. Неговото Евангелие е повеќе наше отколку човечкото, бидејќи во нас има повеќе од Неговата добрина, Неговата љубов, Неговата нежност… Он, о! Благословен е Он во сите срца и во сите наши светови! Он – Господ наш! Он – наша слатка утеха во овој горчлив свет кој поминува, и наша вечна радост во оној свет кој доаѓа.

 Архимандрит Јустин Поповиќ

Rehkitz, Reh-Kitz, Mädchen, Kind mit wenige Tage alten, verwaisten, zahmen Jungtier, Kitz leckt dem Mädchen liebevoll das Gesicht, Kitz, Tierkind, Tierbaby, Tierbabies, Europäisches Reh, Ricke, Weibchen, Capreolus capreolus, Roe Deer, Chevreuil