Софрониј Сахаров. Љубов – е кога не се појавува желба да ја наметнуваме својата волја

Често може да се виде, како некој новопочетник, кој неодамна Го познал Христа, веднаш по воцрковувањето мечтае да стане свештеник. Сепак, за утврдување во црковниот живот потребно е многу време: дури после тоа може да се донесе решение, сака ли сеуште и дали е достоен да стане свештеник.

Несоблазната молитва, доаѓа со плач. Оној кој сака да стане вистински монах, треба да се научи на молитвата. Тој се гледа себеси како престапник. Тогаш нему му доаѓаат помисли на самоосудување, кои секој пат може да имаат различна форма. Треба да се држиме за таа помисла. Тогаш умот се прилепува кон срцето. Од плачот на самоосудувањето, болката стигнува до срцето. Таа духовна болка е неопходна, и се чувствува во горниот дел од телесниот орган на срцето. Сепак, ако таа болка го допре долниот дел на срцето, тогаш лесно може да се појават телесни возбудувања – и таквата болка треба да се избегнува.

Од духовната болка во горниот дел од срцето, по цело тело се распространува спокојство и безметежност. Во таква состојба, човекот е способен да ги разликува помислите: кои од нив доаѓаат од Бога, а кои – од ѓаволот; тој може да ги чита и помислите на другите луѓе. Така, молејќи се за другите, монахот може моментално да ја определи нивната духовна состојба.
Монахот, стекнувајќи ја навиката на плачот, заминува во пустина, зашто манастирските околности не се соодветни за тоа. Ако солзите доаѓаат сами во долг плач, таквиот монах треба да безмолствува во пустина. Ако монахот проплаче два-три часа, слободен од помисли, неговиот ум ќе може неодделно да пребива во Бога многу дни. Тогаш тој веќе нема потреба од општовостановената молитва и правила.

Љубов – е кога човек станува сè за сите; кога тој постапува искрено со луѓето кои ги среќава и со кои живее; кога во него не се појавува желба да ја наметнува својата волја, но ја прима волјата на другиот човек, како своја.

Силното осветлување (сонце или ламба), (дречливите) бои на ѕидот, надворешниот шум – сето тоа ѝ смета на умната молитва. За молитвеното делање неопходни се полумрак и тишина. Ѕидовите на келијата треба да бидат обоени во темни бои, и иконите не треба да бидат премногу јарки.

Христијанинот, не може многукратно во текот на денот да се моли, и притоа да чувствува благодат. Таа не секогаш се дава од Бога. Умот, изморувајќи се во еден момент од делањето на умната молитва, повеќе не ќе може да се моли со истата напрегнатост во тој ден. Времетрањето на таа концентрација секогаш е различна. Некогаш, молитвата трае еден час, некогаш два, а некогаш само петнаесет минути. Ако таа со извршува со доволна концетрација, некогаш е доволна за цел ден.

Добро е за човекот, кој достигнал умна молитва, кога ќе се измори од умното делање, да ја произнесува молитвата со уста, и така да ја слуша. Посебно така треба да се постапува, кога е сам.

Често, ѓаволот за време на молитвата претставува разни образи, кои зборуваат за неговото присуство, за да го исплаши оној кој се моли. Затоа е потребно во келијата да се има мал светилник, за да не се плашите од помислите за присуството на ѓаволот.

За време на напрегната умна молитва, доаѓаат некои упорни помисли. Тие се од непријателот, кој сака да го оттргне нашето внимание од молитвата. Тие помисли може да изгледаат добри и природни за умот, и умот, сконцентрирувајќи се во процесот на размислувањето, може да почувствува некое вдахновение. Тука постои опасност – таквото вдахновение да се прими како благодат Божја, за Божествено просветлување.

 

При созерцувањето на нетварната светлина нема никакви помисли. Чувањето од помисли се нарекува мрак на соблекувањето. Зашто умот, кој се соблекол од сè материјално и се просветлува од Божјата благодат, се стекнува со јасност. Созерцанието пак, на нетварната светлина ја надминува и таа состојба.

 

Старец Софрониј Сахаров

http://www.isihazm.ru/?id=384&sid=1&iid=2058