Слово за починатите во верата, за тоа, каква полза им принесуваат Литургиите кои се служат за нив и раздаваната милостиња – Св. Јован Дамаскин

Древниот враг, кој добива рани од братољубието, се разрушува од верата, се умртвува од надежта, се поразува со милосрдието, им внушил на некои чудна и богопротивна мисла, дека сите богоугодни дела, направени после смртта, не принесуваат никаква полза за умрените. „ Во Писмото, велат, е речено: секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, добро или зло (2 Кор. 5, 10) Што ќе посее човекот, тоа и ќе пожнее (Гал. 6, 7). Кој ќе Те исповеда во адот? (Псал. 6, 5).

А ние ќе им кажеме на таквите мудреци: испитајте и разберете, дека страшни се сите закани на Владиката, но неискажливо е и човекољубието Божјо; страшен е судот, но и бескрајно е морето на штедроста Господова. Гледајте: Светото Писмо вели, дека Јуда Макавеј за гревот на секој еден што паднал во војната принесил очистителна жртва на Господа, готов да ги помилува, и со тоа го пројавил своето големо благочестие и братољубие (2 Мак. 12, 43, 45), за што и Светото Писмо го прославува Јуда Макавејски, како за другите негови дела, така и најмногу за тоа. А учениците и самовидците на Словото, не без причина, не залудно и не без полза востановиле, при страшните, пречисти и животворни Тајни да се прави помен и за покојните верни – што од крајот до крајот на земјата, владиченствената апостолска и соборна Црква, го држи тврдо од тоа време до сега, и до крајот на светот.

Затоа, високиот созерцувач на божествените работи, светиот Дионисиј, во тајноводственото созерцание за починатите, вели дека: „и во овој живот, а не само по смртта, молитвите се дејствени за оние, кои се достојни за светите молитви, т. е., за верните (а изразот „не само“, несомнено, тука треба да го сфатиме со значење како „уште повеќе“). Молитвата испросува од Божествената благост отпуштање на гревовите, направени од починатите од човечка слабост, за вселување на умрените во земјата на живите – на место, од кого е оддалечена секаква мака, тага и воздишка, – за божествената моќ по Својата благост да ја презре нечистотијата, која се нашла во починатите поради слабоста човечка: зашто никој не е чист од скверноста“.

Златословесниот Јован исто така учи: „ако јазичниците, заедно со умрените го горат и нивниот имот, тогаш колку повеќе, ти верник, заедно со верните, треба да го искористиш неговиот имот, не за тој да стане пепел, како нив, но преку него, да му направиш голема слава на починатиот; и ако умрениот бил грешник, за Бог да му ги прости гревовите, а ако бил праведник, да ја зголеми неговата награда… Затоа, да се потрудиме, преку милост и принесувања да им ја укажеме возможната помош на оние кои се претставиле, и тоа за нив е многу спасително, им принесува голема полза, зашто во спротивно, залудно и безрасудно би било востановено и предадено на Црквата Божја од премудрите апостоли, свештеникот на страшните тајни да принесува молитва за починатите во верата, ако светите апостоли не знаеле дека од ова ќе произлезе голема полза, големо богатство“. Согласно со ова, вели и премудриот Григориј Ниски: „ништо без расудување, ништо бесполезно не е предадено од учениците Христови и не е примено од вселенската Црква; но многу е богоугодно и преполезно е делото, при божествената и преславна Тајна – да се прави помен на починатите во правата вера“. Што се однесува пак до изреката: секому ќе му дадеш според делата негови (Псал. 61, 13); што сее човекот, тоа и ќе пожнее (Гал. 6, 7) и сличното на ова, несомнено, тие се однесуваат на страшниот Суд кој треба да дојде и на крајот на светот, затоа што тогаш нема да има место за никаква помош, и секоја молитва ќе остане недејствителна (тогаш каде ќе бидат бедните? Каде свештенослужителите? Каде милостињата? Каде добродетелството?)

И така, пред доаѓањето на страшниот час да си помагаме еден на друг и да принесуваме жртви на братољубие на Бога, Кој е милосрден за душите. Човекољубивиот Господ ќе благоволи да ги исполни прозбите на неговото создание, кои се за спасение, и особено се преклонува, не тогаш, кога некој се подвизува само заради спасение на сопствената душа, но кога тоа го прави и заради ближниот: зашто преку тоа, замнородниот се издигнува кон богоподражавање (испросувајќи дарови за другите, како милост за самиот себеси), ја исполнува мерата на совршената љубов, и од тоа добива блаженство, и заедно со душата на ближниот и за својата душа прави преголемо добро.

Великиот подвижник и чудотворец Макариј, прашувајќи го сувиот череп, дознал сè што се однесува на покојните. Меѓу другото, тој го прашал: „зарем вие никогаш не чувствувате никаква утеха“ (бидејќи светителот обично служел молитви за покојните, сакал да знае, дали молитвите им се од некаква полза). Милосрдниот за душите, Господ, сакајќи да му го открие ова и да го увери својот слуга, му вдахнал слово на вистината на исушениот череп: „кога, одговорил черепот, ти принесуваш молитви за мртвите, тогаш ние чувствуваме некоја утеха“. Друг од богоносните отци имал ученик, кој живеел во небрежност, и кога овој го стигнала смртта, Господ после принесените молитви на старецот, му го покажал момчето, како богатиот (спомнат во приказната за Лазар), како гори во оган до вратот. Кога старецот многу тагувал за него и со солзи Му се молел на Бога, тогаш Господ му го покажал момчето како стои во оган до појас; потоа, кога светителот кон своите трудови додал и нови трудови, Бог во видение на старецот му го покажал момчето слободно и целосно извадено од огнот.

Но, кој може да изброи сè, што се наоѓа во житијата на светите мажи, сведоштвата кои јасно покажуваат дека и по смртта, починатите имаат огромна полза од молитвите кои се служат за нив, литургиите и раздаваната милостиња, – дека даденото на заем на Бога не загинува, туку се наградува од Него со голема лихва?… А што се однесува до пророчките зборови: во адот кој ќе Те исповеда Тебе, ние веќе рековме, дека страшните закани на Сèвидливиот, сепак ги победува неизреченото човекољубие Господово. И откако пророкот ги изрекол овие зборови, имало исповедање во адот, – исповедањето на оние, кои за време на спасителното слегување на Господа [во адот] поверувале таму (бидејќи Животодавецот не ги спасил општо сите, а оние кои и таму поверувале). Ова го кажуваме, не за да побиеме пророштвото, туку за да покажеме, дека преблагиот Господ се победува од Своето човекољубие. Така, иако било претскажано: Ниневија ќе се разруши (Јона. 3, 4), сепак Ниневија не била разрушена, и судот бил победен со благост. Исто така, Господ му вели на Езекија: направи завет за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш (Ис. 38, 1), но Езекија не умре. И за Ахав било кажано: ќе испратам врз тебе зло; меѓутоа Господ не испратил зло, туку рекол: виде ли, како се смири Ахав пред Мене? Затоа Јас нема да му испратам зло во деновите негови. (3. Цар. 21, 21. 28). Така и секогаш осудата се победува со благост до последниот здив, кога нема да има време за помош, и човекот ќе остане сам со своето бреме. Но сега – е време за работа, време за труд, – и блажен е оној кој не ослабува, не изнемоштува во надежта; а најблажен е оној, кој се подвизува и за себеси и за ближниот.

21106.p

Преподобен Иоанн Дамаскин

На Господ посебно Му е пријатно, секој да се труди да му помага на ближниот; Милосрдниот тоа и го сака, секој од нас да му помага на другиот и во животот, и по смртта. Во спротивно, Господ не би ни дал можност да рпавиме помен на покојните при бескрвното жртвопринесување, а исто така да правиме помен, на третиот, деветтиот, четириесеттиот ден, годишниот помен и службите – што без секаков спор католичката и апостолската Црква и нејзините благочестиви чеда го чуваат непоколебливо и несомнено. Ако тоа било бесполезно и залудно дело, од многуте богоносни и учители, барем на некого би му дошла мисла да ја расее измамата; меѓутоа, не само што ниеден од нив и не помислил да се уништи овој обичај, туку напротив, сите го утврдувале.

Кон досега кажаното, ќе го додадеме и следниот расказ. Свети Григориј Двоеслов (кому, по предание, за време на литургијата му сослужувал небесен ангел), еднаш, по принесувањето на усрдна молитва кон Милосрдниот за душите Господ, за отпуштање на гревовите на царот Трајан – веднаш од Бога дошол следниот глас: „Ја примив молитвата твоја и на Трајан му дарувам отпуштање на гревовите; но отсега па натаму, не Ми принесувај молитви за нечестивите“ (Трајан бил причина за страшната смрт на многу маченици)…

Навистина, си чудесен Ти, Владико, и чудесни се делата Твои. Ние го славиме Твоето неискажливо милосрдие; зашто Ти секогаш им даваш можност на слугите Твои да го сведочат своето братољубие и цврста надеж во Тебе. Преку Твоите слуги си нè научил да раздаваме милостиња едни за други, да принесуваме жртви и молитви, и притоа не напразно и не бесполезно. Ти, благоизобилен, за принесеното во Твоја слава, на сите им даваш двојна награда, и ништо, направено во Твое име не ќе биде бесполезно… Да не се посомнева, браќа и отци, некој дека сè што се принесува на Бога со вера, добива многукратна награда и за оној, од кого се принесува, и за оние за кои се принесува.

Всушност, ако некој сака да го помазе болниот со миро или свештен елеј, тогаш најпрвин самиот станува причастен на помазанието (оној кој се помазува), а потоа го помазува и болниот: исто така, секој кој се подвизува за спасение на ближниот, најпрвин самиот добива полза, потоа ја принесува истата и на ближниот: зашто не е неправосуден Бог, да ги заборави делата, по зборовите на Божествениот Апостол. Великиот Атанасиј во словото за починатите го вели следното: „Оној кој принесува жртва за починатите, треба да го има во мислите истото, што го има оној кој има малолетен син, слаб и немоќен, и со вера принесува за него во храмот Божји свеќи и темјан со елеј: сето тоа за детето го принесува таткото, а не детето ги држи и принесува (како што се случува со одрекувањата и заветите при Божественото раѓање [Крштението]). Исто така, треба да си претстави, дека и починатиот самиот ги држи и принесува свеќите, елејот и сите дарови кои се принесуваат за негово спасение; и така, преку благодатта Божја нема да бидат залудни силите кои се вложуваат , за да се достигне она, кон кое тој се стреми со вера, како што благоглаголивите Апостоли, освештените учители и духовните отци богоугодно востановиле на литургијата, молитви и годишни помени за умрените, обичај кој се распространува од изгревот на сонцето до запад, на север и на југ, во чест и слава на Господ над господарите и Царот на царевите“.

Но, ќе се спротивстави противникот: „ако тоа е вистина, сите ќе се спасат, и никој нема да се лиши од блаженството“. Нека биде така. И – тешки тоа да се исполни! По тоа копнее и тоа го сака, на тоа се радува и весели Преблагиот Господ, никој да не се лиши од Неговите Божествени дарови. Зарем на ангелите тој им приготвил награди и венци? Зарем за спасение на небесните духови Тој станал човек? Зарем на ангелите ќе им каже: дојдете… наследете го царството приготвено за вас? Сето тоа не за човекот ли го приготви Господ, за кого и пострада? А кој, правејќи гозба и повикувајќи ги пријателите, нема да посака, тие сите да дојдат и да се наситат од неговите блага (инаку зошто да подготвува гозба, ако не сака да ги угости своите пријатели)? И ако ние се грижиме за тоа, што треба да се каже за великодаровитиот, себлаг и човекољубив Бог, Кој, раздавајќи и подавајќи, се радува и весели повеќе од оној, кој прима и си добива за себе најголемо спасение?..

И така, кој се сомнеава во кажаното погоре, нека го запамети следното. Секој човек, кој има во себе мал квас на добродетели, но не успеал да го претвори во леб (бидејќи, без оглед на својата желба, не можел да го направи тоа, и наспроти очекувањата, бил достигнат од смртта), не ќе биде заборавен од праведниот Судија, но Господ по смртта ќе ги побуви неговите роднини и пријатели, и ќе ја приклони нивната душа да му покажат помош на починатиот, за отпуштање на гревовите на умрениот. А на оној, кој водел порочен живот, ни малку не грижејќи се за душата, и во таква состојба бил стигнат од смртта, – нему никој нема да му пружи рака за помош – ни роднини, ни пријатели: бидејќи Бог нема да погледне на него. Затоа и благоглаголивиот Златоуст поучува: „ако ти во животот не си успеал да направиш сè што се однесува на спасението на твојата душа, барем на крајот заповедај им на твоите роднини, по смртта да го пренесет кон тебе твојот имот, и да ти помогнат со добри дела, т.е., со милостиња и приноси. Така, ти уште тука ќе се помириш со Искупителот“…

Но, некој ќе каже за туѓинците и бедните, кои немаат роднини, кои отпосле би се погрижиле за нив, и не можеле да остават наследство за да им се служи литургија да се дава милостиња: „што (ќе рече) треба да прават тие? Зарем за тоа што се бедни, презрени и немаат такви, кои би се погрижиле за нив, ќе се лишат од спасението? Зарем Бог ќе биде толку неправеден, на оној што има да му даде, а на оној што нема, да не му даде ништо“? Да замолкне секој, кој прави таков несправедлив заклучок. Правосуден е Владиката, или подобро и поточно да кажам, Тој и е самата правда, мудрост, благост и сила. Затоа, како праведен, Тој ќе му даде на бедниот во изобилие; како Премудар, Тој ќе најде начин за отпуштање на гревовите; како Семоќен, тој ќе го сруши силниот и ќе го зацврсти немоќниот: како Благ, Тој ќе го спаси созданието на Неговите раце, исклучувајќи ги само оние, кои јавно припаѓаат на бројот на отпаднатите, кои се откажале од вистинската вера.

Да се потрудиме сесрдно, во страшниот и ужасен ден на второто пришествие Господово, ближните да не нè укорат во небрежноста за нив, – а најмногу нас, на кои тие им ја довериле грижата за нивниот имот и ни го оставиле него. И да не помисли некој, дека на страшното собрание, нема да се познаеме еден со друг: како што делата на сите тогаш ќе се откријат, така и лицата на сите ќе бидат познати, додека не се случи последната разделба на сите.  Тогаш ќе биде тешко на сите, кои ќе стојат од лево. Но блажени, и преблажени се оние, кои Господ ќе ги постави оддесно, и кои ќе го чујат благословениот глас.

Да се удостоиме сите ние, кои ја чуваме православната вера, да го чуеме овој глас и да се наситиме со сите блага, убавини кои смртно око не ги видело, уво не ги чуло и за кои срце не помислио.

Да биде ова Господи, Животодавче, по молитвите на Сесветата Твоја Мајка и невештествените и преславни Твои духови и сите Твои светии, кои од века Ти благоугодиле. Амин.

YouTube Preview Image

Панихида во Валаамскиот манастир, 30.05.2015

 

http://www.pravoslavie.ru/put/29711.htm