„Поп“ – руски филм (со македонски превод)

Јуни 1941 г., малечкото село Тихое на границата со Летонија. Настојателот на малата парохија о. Александар води секојдневен разговор со матушка Алевтина, зафатен е со обични секојдневни работи. По два часа тој ќе ја заврши неделната богослужба. По два дена во селото ќе влезат Германците. По два месеца во животот на свештеникот Александар Јонин ќе започне најважната мисија, во која ќе нема звучни подвизи и библиски чуда, туку главен подвиг ќе стане возобновувањето на верата кај народот. И задачата на свештеникот ќе прерасне во свештен подвиг…

…Најпрвин филмот бил насловен по почетните стихови на 136. псалм „Крај реките Вавилонски“. Потоа бил именуван „Прочка“ – име со кое морале да се простат заради истоимената телевизиска серија што веќе почнала да се прикажува. Тогаш се појавил називот „Преображение“. Но, тој назив го „шкартирале“ продуцентите (Првиот Канал и 20th Century Fox), предложувајќи, според нивните зборови, „поразбирливо и покомерцијално“ име – „Поп“. Зборот е со грчки корен и значи „отец“, и во советско време станал навредлив назив за свештениците, а денес неочекувано добива нов призвук. За многумина верни „ПОП“ е „Пастир на Овците Православни“, што потврдува и Владимир Хотиненко во едно од своите интервјуа.

Филмот е снимен според истоимениот роман на Александар Сегењ (кој е и автор на сценариото), а со благослов на упокоениот Патријарх Московски и Руски Алексиј II. Тој бил мошне заинтересиран за темата бидејќи неговиот татко, свештеник, служел во Естонија и со малечкиот Алексеј ги посетувал конц-логорите, па дури и усвоил две деца.

„Попот на Маковецки и целиот „Поп“ на Хотиненко е за тоа дека и едните и другите и третите, пред сè се луѓе. Само, едниот на главата има фашистички шлем, другиот – офицерска капа, третиот – закрвавени советски завои, четвртиот, петтиот, шестиот – милиционерска капа, селски качкет, шамија, но сите тие, без оглед на тоа што носат на главата, се луѓе со своите страсти, чувства и мисли. И над секоја глава, без оглед на покривалото што го има, е Бог. И како да се однесува кон нив кутриот селски свештеник? Тој одлично знае дека Псковската мисија е привремен проект. Но, на свеќата ѝ е дадена можност силно да пламне пред да догори, па малечкиот селски свештеник спокојно се согласува да гори во верата“

Филмот се гледа во еден здив. Во него има многу светлина – не силна, мека, светлина од тивко сонце…

…  Ќе ви кажам една тајна: и самиот, некогаш, толку се плашам и не ја дољубувам својата Алевтина, ама од себеси нема бегање. Потоа ќе размислам: таа е мојот камен за точење – од неа се точам. Ако таа, одвреме-навреме, не би била толку лоша, зарем јас би станал толку добар? Господ најчесто ни дава жени, кои воопшто не ни се слични. Земете нè, на пример, мене и мојата Алевтина Андреевна. Јас – слаб, строен, висок. Таа – округла и полна. Да нè видиш од страна: јас – единица, таа – нула. Но, заедно правиме – десетка. Без мене, без единицата, таа би била нула. Но, и јас без неа, без нулата, би останал само единичка…

Извадок од филмот
A во продолжение го приложуваме целиот филм, со македонски превод:

Им благодариме на «Православная энциклопедия» и 20th Century Fox што бесплатно ни го отстапија правото за превод на македонски јазик и издавање на филмот со овој број на нашето списание. Голема благодарност и до нашите консултанти за преводот од руски, германски и летонски јазик: Константин Берсенев, м. Никифора, Јуриј (крстено име Петар) Пилипсон, како и до браќата и сестрите во Христа од Австралија кои го овозможија издавањето на овој филм на македонски јазик. (ПРЕМИН)

 

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=5O4x67rItFM[/youtube]