Патиштата Божји

Понекогаш ни е тешко. Навистина тешко. Не гледаме ниту одговор ниту светлина во тунелот, ниту некаков излез. И наоѓајќи се во оваа состојба на вознемиреност и конфузија и чувствувајќи  ја својата слабост и неспособност да промениме нешто со сопствени сили, повторно и повторно го поставуваме тешкото прашање: „Зошто токму јас?“. Зошто таа страшно, неподнослива, катастрофална тага се чувствува токму во мене, а не  во некој друг? Како да живеам понатаму, штом проблемот  чука на вратата? Со какви единици се мери прагот на човековите можности?

Иконописецот и режисер Владимир Штербинин, во минатото послушник во Псково-Печерскиот манастир, сеќавајќи се на своето послушание во советско време, ни ја раскажува следнава приказна (историја) за еден од трудољубивите послушници: „Кога отидов во манастирот, Александар веќе беше упокоен. Тој бил псалмопевец пред мене. Сите се сеќаваа на неговата необична добронамерност и кротост. Тој никогаш не го повишувал тонот и за никого не говорел лошо. Понекогаш соговорниците со факти ги поткрепувале лошите постапки на некого, на што тој секогаш возвраќал: „Добро, и да е така, но јас не верувам. Тој не е лош човек!“. Историјата за неговиот живот е трагична. Децата му играле со пушка и ќерката го убила  малото братче. Потоа полудела и се обесила на 16 години. Но Александар не очајувал, не се огорчил, не станал алкохоличар. По цела ноќ од прозорецот му се гледал нежен жар светлина – тој се молел. Во зима свештеникот доаѓал во храмот во пет часот, за да го запали шпоретот за службата, а Александар, замотан со дебел шал веќе бил на вратата.  И судејќи по стапките околу храмот, очигледно чекал тука цела ноќ. Тој го враќал свештеникот да се донаспие, а сам ги палел кандилата, шпоретот и седел тивко  до почетокот на литургијата. Така, како што живеел  тивко, така и се упокоил без да пречи никому“.

Ете, едвај може да се замисли пострашна историја. Несреќен случај поради невнимание на возрасните и загинуваат две деца. Животот на ближните е разнишан. Што следно? Децата нема да се вратат, останува само она ужасно, испревртено чувство дека поради небрежност, смешна случајност не си можел да го  спречиш, бидејќи те немало… Чувството за вина, и очајното осознавање на сопствената слабост и невозможноста да го вратиш времето, породуваат монструозни последици и тие често нè туркаат во бездна, чии врати се затвораат само одвнатре.

Всушност, во такви случаи немаме избор? Ако ние по својата волја се претвориме во рамнодушни статисти, ако сме отсутни, ако летаме надолу, оставајќи секаква надеж и паѓаме во очајание – тоа истото е наш извор. Зарем не е можен друг пат? Како што видовме погоре, таков пат е возможен. И тој е единствениот кој нè враќа кон животот.

Зборовите на Господ упатени до Јаир, началникот на синагогата: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!.“ (Лука 8:50), се упатени во тој страшен момент,  кога несреќниот татко веќе знае, дека ќерката му е мртва. Сè е напразно. Веќе е доцна. „Не мачи Го Учителот“ (Лука 8:49). Ништо не може да се промени. И ете пред нас стои скршениот татко, со кренати раце, бидејќи неговиот свет се превртел… и Бог, протега рака. „Не се плаши! Само верувај!“ Ако се размисли, таа молба на Христос не е ништо друго, освен призив кон највозвишеното, кон тоа што секогаш недостасува во нашите животи. Да веруваме без капка сомневање, целосно да се надеваме на Бога и да го оттргнеме стравот. Ние, просто ја немаме таа вера. Затоа и се плашиме, затоа и се сомневаме. Не знаеме да се довериме. Кај Александар сето било на друг начин. Господ не му ги вратил децата на тој несреќник, како што ја воскреснал ќерката на Јаир. Но Тој ја протегнал раката и го повикал да тргне по крсниот пат. И слугата Божји, Александар, не се посомневал, тој тргнал по својот тежок и исцрпувачки пат на издигнување од темнината кон Светлината. Бидејќи се доверил на Бога, знаејќи дека Тој може да ја спаси неговата ќерка, која така трагично го напуштила животот, и затоа бил сигурен, дека зад него се бездната и смртта, до кои тој вообичаено би достигнал, отклонувајќи се од Божјата помош.

И како да не си спомниме за светиот Многустрадален Јов, чии лишувања од човечка гледна точка се минимум нелогични и залудни. Јов е праведник. Но, зошто тогаш Бог го казнил? Патот на Јов е исклучителен пат на смирение, на потполно доверување на Божјата промисла за човековиот живот. Исклучителен, затоа што нема никој до него во тие тешки моменти. Никој, освен Бог… Што е тоа, од најблискиот човек да слушнеш, призив за да го проколнеш Творецот и да умриш? Каква би требало да е таа сила на трпение и љубов, за да не се оддадеш на очајот и да не паднеш? Ако другите не веруваат, како да веруваш само ти? Но, Јов верувал. Неговиот живот е старозаветен образ на идните страдања, крстот и смирението на Синот Божји, Неговото приклонување пред волјата на Отецот.

Ние избираме различни патишта. Но ги избираме сами, а не некој друг место нас. Бог е со нас на тие патишта од самиот почеток, па до последниот наш здив. Ние сме дошле на овој свет по Неговата волја. Но, своевремено Тој ни дава полна слобода на дејствување, волја и избор. Ние избираме. Само што не секогаш овој избор е верен и осмислен…

Тешкотиите, со кои се сретнуваме во животот, во некаква смисла се знак на самиот живот. Знак дека го има тоа што е потребно да го надминеме, да трпиме, да се бориме. Понекогаш и тагата ни се поднесува како единствениот можен лек  против непоправливи последици од множеството гревови кои ги уништуваат и погубуваат нашите души. Премногу често во храмот доаѓаат луѓе буквално со последни издишки, во очај и скршени,  бидејќи нерешливите проблеми – долгови, непријателства, болести, осаменоста, стинале токму до нив. А колку како нив воопшто не доаѓаат? И не бараат излез или бараат најбрзо  и најкратко решение, кое во практика ништо не решава, а точно обратно – погубува сè. А можно е да нè погуби сите. Можно е…

Пред неколку дни извршив опело на еден маж, кој во минатото бил силен, работник, неспособен да седи без работа. Пред четири години му откриле карцином на мозокот. Се лекуваше долго, де со позитивен, де со негативен резултат, но на крај, болеста се покажа посилна од него. Често го посетував, зашто тој веќе немаше сили да доаѓа во храмот. Долго беседевме. Тоа не беше само исповед, но и разговор, во кој имаше и спорови и остри реплики. Но, на крај, секогаш доаѓавме до едно мислење, тој се причестуваше и се разделувавме за кратко. Но, по некои околности патиштата ни се разединија. Долго не знаев што се случува со него, си мислев, дека веќе болеста го победила, дека починал, а роднините на опелото викнале друг свештеник. Но, грешев. Преку цело тоа време мојот познаник се борел со болеста со сите свои сили. И сум убеден дека болеста сепак не победи. На опелото му забележав на лицето едно особено смирение и спокој, што не се среќава кај луѓето што страдале пред својата смрт. Можеби тој го нашол и сфатил оној внатрешен пат, по кој Господ го водел преку целиот негов живот…

Архимандритот Јован (Крестјанкин) во едно од неговите писма ќе напише: „Дојде време, кога треба да ѝ се поклонам до земја на секоја тага (болест)  и да ѝ целувам рака. Зашто тагата (болеста) посредува за нашето спасение“. Всушност, ако се свртиме назад и направиме сметка колку рани волно или неволно сме нанеле на себе и другите… Зарем тешките болести не се лекуваат со горчливи лекови? И само кога сме способни да се заблагодариме за сѐ, без да се обрнуваме назад и да бараме виновни, само тогаш ќе сме способни да видиме дека на патот по кој сме оделе и одиме, никогаш не сме биле сами…

 

Автор: свештеник Андреј Мизјук

Превод од бугарски: богослов Дамјан Трпкоски

http://www.pravoslavie.bg