Од Писмата на отец Серафим (Роуз) – 5-то Писмо

3/16 септември, 1963 г.

Драг во Христа, брате Глеб!

После некое време размислување, увидов дека твојата идеја е сосема практична. Еве некои мисли за тоа, како да се реализира.

Пред сè, најди во реонот Ричмонд или во негова близина, пожелно би било на улиците Џиери, Клемент Калифорнија, гаража или некоја малечка продавничка со кирија не поголема од 30 долари месечно. (Видов едно место на Калифорнија-стрит; интересна зграда, но веќе е многу старо и ќе ја уриваат). Треба да има доволно голем прозорец (како витрина), а ако нема, ќе треба да го направиме. Потоа треба да го обезбедиме со неколку маси, шкафови за книги и т.н.; во еден агол задолжително треба да има икона со кандило, на едниот ѕид – отец Герман; фотографии од Џорданвил и т.н., на другите ѕидови, и на вратата – даска со огласи. Во внатрешноста уште самовар, или барем чајник. Потоа треба да се обезбедиме со книги, икони и т.н. од Џорданвил, вклучувајќи ги сегашните и минатите броеви на „Православен живот“ на руски и англиски јазик и тековните броеви на „Православна Русија“, а исто така и други православни материјали од други места, кои би можеле да ги набавиме без претходно плаќање, или за пониска цена. Огласот може да се даде преку „Руски живот“ или усно, може да се објави исто така на Богословскиот курс (во Свето-Тихоновски) и на даските за огласи по црквите, а исто така и лично. Најпрвин би можеле да работиме само неколку дена во неделата – да речеме, навечер во вторниците и четвртоците, и сабота дење, со цел да се остави простор за слободни собири за тие што ќе се заинтересираат за тоа. Неколку луѓе би можеле да се одговорни за тоа да ја отвараат и затвараат продавничката, секој ден различни луѓе, за да се разделат обврските. Целата работа треба да биде доброволна и бесплатна, сите доходи треба да одат на раширување на дејноста на „Братството“ – најпрвин, за купување на книги за продажба, особено на Отците; а второ, за дејноста на продавничката да биде успешна, да се печати нешто како билтен (можеби) и т.н.

Таквата книжара, најпрвин ќе им послужи на русите во Сан-Франциско, од кои некои започнуваат, под влијание на владиката Јован [Шангајски], да се интересираат за Отците, но едвај знаат, дека постои можност  да се купат православни книги. Второ, тоа место ќе биде, каде што ќе може да се собираат и да комуницираат и американци, и руси, стари и млади, кои ќе пројават интерес за тоа; трето, тоа ќе биде место, каде што ќе може да се испраќаат американците, кои малку, или воопшто ништо не знаат за Православието и за литературата, и да слушнат беседи. Ако Господ го благослови овој наш потфат, ако се пробуди интерес и почнат да се продаваат книги, тоа ќе стане финансиска основа за сите понатамошни потфати, кои ќе може да ги испланираме, кога ќе се појави неопходност од нив и ќе има услови.

Сè што треба за почеток, е мала сума на пари (за кирија, мебел, боја и т.н.) и најважно, најмалку четири-пет работници – доброволци. Јас веќе сум опфатен со ревност, иако, треба да кажам, Џон, како и обично, е песимистички расположен, но тоа не треба да биде пречка. Ако ѓаконот, отец Николај и неговиот Друг Николај, и можеби еден-двајца луѓе започнат со тоа, ќе биде лесно да се оствари овој проект.

Кажи ми го твоето мислење за овие идеи. И моли се за мене, твојот грешен брат во Христа,

Евгениј.

serafim rose sell
Келијата на отец Серафим Роуз

 

Извор: Герман и Серафим Платинские