Недела на Самарјанката – Архиерејска Литургија во „Св. Димитриј“, Битола

На 10.05.2015 г, на третата недела пред Педесетница, кога си спомнуваме за средбата на жената Самарјанка со Христос, митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, отслужи божествена литургија соборниот храм „Св. Димитриј“ во Битола. После Литургијата, владиката изврши Света Тајна Венчание. 

На беседата, владиката говореше за учеството на православните христијани во Таинствата на Црквата, како единствен пат и единственото вистинско сведоштво за нивната вера и спасение во воскреснатиот Христос. Преку Светите Тајни, на човекот му се дава посебна благодат која го очистува и поткрепува човекот на Неговиот пат до Христос, со кого човекот се соединува на Светата Литургија. Доколку Христос не стане центар на нашиот живот, и доколку не се научиме уште тука да го живееме Неговото Воскресение, нашиот глад и жед никогаш нема да запрат, колку и да се трудиме да ги наполниме нашите садови од другите бунари. Единствено средбата со Христос може да ја угасне таа жед на човекот и да му даде сили да го промени својот живот, слично на жената Самарјанка, која од жена грешница, станала Негов апостол.

А доколку го промениме нашиот живот, Господ ќе ги благослови нашите срца и утроби, да воспитаме подобри поколенија и ќе поставиме подобри темели на нашата Црква и општество.

Владиката изрази сочувство до семејствата на загинатите херои, и ги посочи како примери на семејства, кои успеале да ги воспитаат своите деца на несебичност, пожртвуваност, истрајност во љубовта, што не го поштедија ни својот живот за подобра иднина на сите нас. Зашто: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“. (Јн. 15, 13)

Господ да им подари Царство Небесно, а сите нас да не научи достојно да го почитуваме споменот на сите, кои на овој начин ја посведочиле својата љубов кон ближните и татковината.