Што значи за верникот посетувањето на храмот

Ако Црквата за нас не претставува основа на животот, – вели прочуениот проповедник и писател од наше време, свештеникот Димитриј Дудко, -тогаш ние самите набргу ќе го завршиме своето неславно постоење...

Црквата – тоа е душата на животот. Ако нема душа – се ќе се претвори во труп. Се уништува семејството, се понижува духовното ниво, се појавува очајание и тага, а најжално од се, луѓето не знаат што работат… Да се уништи Црквата – тоа е исто како да се уништат луѓето. И кој се бори со Црквата, тој не ги љуби луѓето, бидејќи во Црквата се извршува се што е потребно за спасение на луѓето“.

Црквата претставува небо на земјата, бидејќи во неа се извршуваат Богослужбите – делата Ангелски.

Според учењето на Црквата, при посетата на Божјиот храм христијаните примаат благослов, кој влијае врз успехот на сите нивни добри дела.

Кога ќе го слушнеш ѕвонењето на црковната камбана, која ги повикува сите на молитва, а твојата совест тебе ќе ти дошепне: да појдеме во домот на Господа, – тогаш, ако можеш, одложи ја својата работа и побрзај во Божјиот храм, – советува големиот светител Теофан Затворник. – Знај дека твојот Ангел Чувар те повикува под покривот на Божјиот дом; ете тој, небожителот, те потсетува тебе за земното небо за да ја осветиш таму твојата душа со Христовата благодат, за да се наслади твоето срце со небесна утеха, а, којзнае, можеби тој те повикува таму за да те отстрани од искушенијата, кои би те нападнале, доколку би останал дома, или да те сокрие под тремот на Божјиот храм од големата опасност…

Освен тоа, светите отци не поучуваат за ползата од заедничката молитва, според Господовите зборови: “Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас помеѓу нив” (Матеј 18, 20). Со други зборови, молитвата на еден, во споредба со општата црковна молитва, претставува тивок глас пред огромните разбранувани води, тоа е тивко дување на ветар пред гласот на громовите, тоа е одвај забележителна искра пред распламтениот оган…