Успение на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во манастирот Трескавец

На 28.08.2026 година, кога Светата Православна Црква торжествено го празнува Успението на Мајката Божја – Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, игуменот Мојсеј (Тодоровски), еромонахот Јов (Бару), ѓаконот Крсте Атанасов и јероѓаконите Никита и Калист, отслужи Света Божествена Литургија во древниот манастир „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец.

Во молитвената тишина и благодатниот амбиент на ова древно светилиште, свештенослужителите и верниот народ соборно ја прославија Онаа, Која со Своето смирение и послушание стана Мајка на воплотениот Син Божји и наша постојана Застапничка пред престолот на Севишниот.

Празничната радост беше збогатена и со уште еден значаен духовен настан. За време на Светата Божествена Литургија, Митрополитот г. Петар го ракоположи монахот Калист во јероѓаконски чин, повикувајќи ја врз него благодатта на Светиот Дух за достојно и ревносно служење пред светиот Божји Престол.

На крајот од Божествената Литургија, верниот народ со вера и љубов пристапи кон Светата Чаша и се причести со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Христа – Изворот на животот и бесмртноста.

Празникот на Успението нè потсетува дека за оние кои живеат во Христа смртта не е крај, туку премин од минливиот кон вечниот живот. Пресвета Богородица, која по Своето чесно Успение не го остави светот, и понатаму молитвено го покрива и застапува родот христијански пред Својот Син и наш Бог.