Дванаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија и свештеничко ракополагање во храмот „Вознесение Христово“ во село Добрушево

На 23 август 2026 година, во Дванаесеттата недела по Педесетница, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Светиот маченик и архиѓакон Лаврентиј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Вознесение Христово“ во село Добрушево.

На Светата Литургија на Митрополитот г. Петар му сослужуваа: протоереј-ставрофорот Златко Костовски, протоереите Злате Стефановски, Љупчо Атанасов, Емилијан Зелнички, Киро Милевски, ерејот Димитар Поп Атанасов, како и ѓаконите Крсте Атанасов и Михаил Атанасов.

Особена духовна радост на денешното литургиско собрание беше ракополагањето на ѓаконот Димитар Поп Атанасов во свештенички чин. По призивот на Светиот Дух и полагањето на архиерејските раце, новоракоположениот свештеник ја прими благодатта на свештенството, за да Му служи на Бога и на Неговата Света Црква и да се грижи за духовното спасение на доверениот верен народ.

На Светата Божествена Литургија, Митрополитот г. Петар благоволи и чедото Божјо Јоцо Здравевски да го ракопроизведе во чин чтец.

Свештеничкиот чин е возвишено служење и голема одговорност, повик на жртва, љубов и непрестајно сведочење на Христовото Евангелие. Свештеникот е повикан со својот живот и својата служба да биде пример за верните, принесувајќи молитви за народот Божји и водејќи го кон спасението преку Светите Тајни и словото Божјо.

Од името на Преспанско-пелагониската Епархија, на новоракоположениот свештеник Димитар Поп Атанасов му го честитаме примениот свештенички чин, со молитвени желби Господ да го укрепува во неговата пастирска служба, дарувајќи му духовна мудрост, трпение и љубов, за достојно да Му служи на Бога и на верниот народ и да принесува многубројни духовни плодови.

На крајот од Светата Божествена Литургија, верниот народ пристапи кон Светата Чаша и се причести со Светите Христови Тајни, со благодарност кон Бога за благодатта и духовната радост на овој свечен ден.