Свети Архангел Гаврил – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 26.07.2023 г., кога го празнуваме споменот на Чудата на Светиот Архангел Гавриил, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот Благој Стефановски и протоѓаконите Ѓорѓи Делев и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик – Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш? (сп. Псал. 8, 5-7).

Денес, браќа и сестри, го прославуваме Светиот Архангел Гаврил, односно неговите јавувања и чуда, кои што се случиле, како во Стариот, така и во Новиот Завет.

Господ нашиот Создател, кога го создал светот, прво што создале духовниот свет. Во Светото Писмо читаме дека Господ најнапред го создаде небото. Небото или небесата, го подразбираат духовен свет и духовни суштества, а духовните суштества, се ангелите, кои се нарекуваа уште и втората светлина, зашто првата Светлина, е Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Отецот е Отецот на Светлините, Синот е исто така Божествена Светлина, а исто така и Светиот Дух е Божествена Светлина. Оваа Божествена Светлина, Суштина или Божествена Природа, е несоздадена, бидејќи постои отсекогаш, но Втората Светлина, Ангелите, кои Бог ги создал, тие се создадена светлина, макар што и тие се духовни и бестелесни суштества.

Зошто Бог ги создал Ангелите? Господ ги создал Ангелите, за да Го слават Него, но се и посредници меѓу Бога и човекот. Во Светото Писмо читаме дека Бог почива врз Ангелите, но знаеме исто така дека Ангелите како и човекот се создадени со слободна волја, бидејќи Бог е слобода и не сакал на Неговите созданија да им ја одземе слободата, а тоа значи да посакуваат и да живеат онака како што сакаат, но пред тоа им било кажано дека тие се созданија и дека нивниот божествен живот, не може да постои вон Бог, надвор од заедницата со Бога, вон Царството Небесно.

Па така, првиот ангел, кој е наречен Луцифер, што значи светлиот или ѕвездата Деница, ја имал можноста непосредно да Го гледа Бога, но не во Неговата Суштина, туку во Неговата Светлина, во смисла на она што излегува од Бога, поточно на благодатта Божја, зашто благодатта Божја извира од Бога, која нам ни е нам достапна за да се спасуваме преку неа, а им била и им е достапна и на Ангелите за нивното спасение.

Ете, овој најблизок ангел до Бога, ѕвездата Деница, поради слободата што ја имал, а и затоа што бил најубавиот ангел создаден од Бога, посакал да биде еднаков, а и погоре од Бога својот Создател. Тоа, браќа и сестри, е исто како децата да им речат на своите родители дека не се нивни соучесници во нивното создавање, небаре тие им се родители на нивните родители. Таква била глупоста на сатаната, кога посакал да се изедначи со Бога и да биде над Бога.

Од денешното Свето Евангелие ги слушнавме зборовите на Господа Исуса Христа, Кој вели: „Го видов сатаната како молња како падна од небесата“ (сп. Лука 10, 18), кога посакал да се изедначи со Бога.

Ете, тогаш на небесата се случила војна, Светиот Архангел Михаил со силен глас извикал: „Вонмен“, што значи да внимаваме, бидејќи еден од нашите браќа отпадна од Бога и повлече зад себе една третина од ангелите, а тоа се демоните, кои заедно со сатаната се спротивставија на Бога, а потоа и на луѓето. Ете, така настана војната на небесата, каде сатаната беше победен од другите Ангели предводени од Светиот Архангел Михаил.

Потоа, се случи и втората трагедија, кога човекот т.е. Адама и Ева беа измамени дека ќе станат богови ако земат и јадат од забранетиот плод. Па така, Ева вкуси од забранетиот плод и отпадна од Бога. Понатаму Ева му даде од плодот и на Адама, па и тој отпадна од Бога и веднаш потоа беа истерани од рајот, а на вратите од рајот, беше поставен Архангел со меч, да неможат повторно да влезат во рајот и да јадат од плодот на дрвото на животот, за не дај Боже, во нив да оживее гревот и никогаш да не можат да спасат.

Па така, човечкиот род беше подложен на измама од сатаната и неговите ангели демоните, сè до доаѓањето на Вториот Адам, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение, излезе од прегратките на Отецот и по благоволението на Отецот, доброволно посака да прими човечко тело во сè еднакво на нас луѓето, освен во гревот; да поживее со луѓето; да им ја открие верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух; да ги поучи во верата; да ги лекува од секакви болести и доброволно да претрпи страдања т.е. да биде распнат на Крст и со Своето распнувањето на Крст, да ја победи смртта, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта.

Ете, заради сето тоа, Ангелите беа испраќани од Бога, да ги опоменуваат луѓето и да ги одвраќаат од грешниот пат по кој тргнале.

Па така, браќа и сестри, сношти читајќи ги паримиите, си споменуваме како Мојсеј кога беше на планината Синај, му се јави Архангелот Гаврил и му соопшти дека тој ќе го избави Еврејскиот народ од Египетското ропство. Светиот Архангел Гаврил му соопшти на Мојсеја и за тоа како е создаден светот, а овој сето тоа го запиша во Книгите на Стариот Завет т.е. во Првата Книга Мојсеева (Битие), каде што говори за создавањето на светот, но и за излегувањето од Мисирското ропство.

Старозаветните Книги се делат на законски, историски, поучни и пророчки т.е. Книгите на дванаесетте мали и четирите големи пророци.

Ете, така Господ ги поучувал луѓето преку јавувањето на Архангелот Гаврил, на кој денес споменот му го празнуваме на неговите јавувања и чуда.

Имено, кога Евреите требало да влезат во Ерихон, Архангелот Гаврил бил оној што ги предводел со она неколкукратно движење околу ѕидовите на Ерихон, кои потоа паднале. Светиот Архангел Гаврил се јавувал, и при други прилики во Стариот Завет, кога соопштувал радосни вести, особено на Светите Захариј и Елисавета за раѓањето на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител Господов, кои биле бездетни. Понатаму им се јавил на родителите на Пресвета Богородица, на Светите Јоаким и Ана, на кои им кажал за раѓањето на нивната ќерка Пресвета Богородица, од која ќе се роди Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, на која и се јавува на Благовец и ѝ соопштува радосна вест дека ќе зачне и ќе Го роди Спасителот на Светот.

Архангелот Гаврил, браќа и сестри го поткрепува во молитвата како човек Христа во Гетсиманската градина, во оние тешки моменти пред Неговите страдања.

Светиот архангел Гаврил, им се јавува, и на Светите апостоли Петар и Павле, кои ги избавува од опасности во неколку наврати од тогашните незнабожечки власти. Светиот Архангел Гаврил им се јавил и на Жените Мироносици по Христовото Воскресение од мртвите, кога овие дошле на гробот Христов да Го помажат Телото Негово со мириси, како што бил обичај кај Евреите, кога им рекол: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите, Он не е тука, туку Воскресна. Одете и кажете им на браќата дека ќе им се јави во Галилеја“ (сп. Лука 24, 5-6).

Потоа, браќа и сестри, Архангелот Гаврил, се јавувал да ги соопштува радосните вести на целиот човечки род, па токму затоа нашата Света Црква нему овој празник му го посветила.

Светиот Архангел Гаврил во IX века се јавил на Света Гора во еден скит во близина на Кареја. Тоа јавувањето било во времето на царевите Константин и Василиј Порфирогените и патријархот Никола, кога на каменот со прст ја напишал песната Достојно ест, кој и ден денес постои како сведоштво за ова големо чудо.

Возљубени, човекот е создаден од Бога, браќа и сестри, да биде цар на творението на земјата. Господ не им ја дал земјата ни на ангелите да управуваат со неа, бидејќи се тие небесни жители и сили, но човекот го создал да биде цар на сè создадено на земјата, но човекот го заборавил тоа свое назначување. Зошто е создаден човекот? Човекот е создаден да управува со земјата, да живее на неа и да се усовршува.

Од денешното Светото литургиско Евангелие, слушнавме како Господ Исус Христос им вели на Светите Апостоли дека ним ќе им се покоруваат и нечистите духови, а потоа ги опоменува: „Немојте да се радувате што духовите ви се покоруваат, но радувајте се што вашите души ќе бидат заштитени во Царството Небесно“.

Па така, доколку ние сакаме да го наследиме Царството Небесно, треба правилно да ги разбереме овие зборови на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој вели: „Што е човекот да си спомнуваш?“ Човекот е создание Божјо, за да биде жител на рајот, а не жител на земјата. Човекот е времено на земјата, за да го спечали Царството Небесно.

Ете, Светиот Архангел Гаврил, со неговите јавувања и чуда, го посетува човекот за негово спасение. Посетата на Ангелите на луѓето, е за да ни кажат дека нашиот пат на земјата, е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6).

Па така, Христос нашиот Бог и Спасител, е нашиот вистински Пат. Заради Христа нашиот Бог и Спасител, човечкиот род е посетуван од Ангелите, за да го заслужиме или наследиме Царството Небесно.

Да се помолиме, браќа и сестри, на Светиот Архангел Гаврил, на кој денеска споменот му го празнуваме, по неговите молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години и честито нека е името на оние што го носат името на Светиот Архангел Гаврил.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар