Наречение и Хиротонија на Високопреподобниот Архимандрит Никола за Епископ Велички

На 20.01.2024 г., пред почетокот на Воскресната Вечерната богослужба, беше извршено Наречението на новиот Епископ Вечички г. Никола, на кое чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ-ОА, а утредента на 21.01.2024 година, во Триесет и третата недела по Педесетница (Неделата по Богојавление), кога го празнуваме споменот на  Светиот Григориј, епископ Охридски, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола, на Светата Архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Високопреосвештените Митрополити: Преспанско-пелагониски г. Петар, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј, поранешен Кумановско-осоговски г. Јосиф и Преосвештените епископи: Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Делчевско-каменички г. Марко, Хераклејски г. Климент и Стобиски г. Јаков, архимандритот Никодим, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски, Блаже Цековски и Маријанчо Мадевски, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и Тони Кузмановски, игумените Серафим и Агатон, еромонасите Мојсеј и Висарион, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Драган Ѓоргиевски, Влатко Стојменов, Александар Димитријов, Ѓорѓи Делев и Константин Секоски, ѓаконот Драган Иванов и ероѓаконот Јаков, беше извршена Хиротонија на Сепреподобниот архимандрит Никола (Трајковски) во епископски чин.

httpv://www.youtube.com/watch?reload=9&app=desktop&si=NieraDIWjWX7xZDF&v=e_rbwBpVgtI&feature=youtu.be

По завршувањето на Божествената Литургија, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, се обрати кон новоракоположениот Епископ Велички г. Никола со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

ПРИМЕР ЗА БОГОЉУБИЕ И ЧОВЕКОЉУБИЕ

Во периодов којшто изобилува со радосни денови, денови во кои се радуваме во Господа, чествувајќи исклучителни спасоносни настани, суштински поврзани со нашата христијанска вера, еве уште една радост за нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Сношното Наречение и денешнава Хиротонија во епископски чин на архимандритот Никола, верувам, се радост како за црковната, така и за пошироката македонска јавност. Со секоја Хиротонија, со секое Ракополагање, всушност, се случува продолжување на апостолското преемство, се извршува продолжување на синџирот на благодатното единство со светите апостоли. И секогаш во ваквите прилики со мислите и се враќаме и одиме далеку во времињата, во времињата минати, но и идни. Затоа при настанов што нѐ собра во овој велелепен храм, не можеме а да не ги спомнеме личностите и на блаженоупокоените Архиепископи – возобновителот Доситеј и на прогонетиот од Охридскиот престол Арсениј, како и за имињата на сите богоугодници и достоинственици до апостолот Павле, на сите коишто се вградиле во делото на Црквата во Македонија, на сите коишто под својот омофор и со молитвите кон Бога го чувале и го дочувале нашиот народ. Ваквите мигови раѓаат и оправдана надеж, зашто ние, повозрасните, во вас коишто доаѓате гледаме продолжители на браздата по македонската духовна нива, продолжители на она што и ние го наследивме од нашите претходници.

Иако пред година и половина, во средината на 2022 година, нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија беше примена во канонско и евхаристиско единство со сите помесни Цркви, и ѝ беше признат автокефален статус, треба да продолжиме да го надградуваме тоа дело, и на внатрешен и на надворешен план. Ни останува да продолжиме, па, со Божја помош и со застапништвото на свети Климент и на сите молитвеници коишто се вградиле во Црквата Христова во Македонија – таа да продолжи да опстојува и да трае.

Ваше Преосвештенство, возљубен брате во Господа,

Еве, верувам, Божја волја било во епархијата во која, пред малку повеќе од 25 години, во манастирот „Свето Преображение“ над Зрзе, се родивте како монах, во епархијата во која продолживте да растете духовно, за потоа да израснете до игумен на мариовскиот манастир „Свети Никола“, во кој, во годините потоа, и како архимандрит, ја потврдувавте сета ваша љубов кон монашкото тихување и добротољубие, за еве, со Одлука од последната пленарна седница, Светиот синод да Ве избере за викарен – помошен епископ во Преспанско-пелагониската епархија.

– Кој тежнее кон епископство, тој сака добра работа[1], му пишува светиот апостол Павле на Тимотеја. А Синодот, знаејќи дека сте човек трезвен, благоразумен, угледен, гостољубив, способен да поучува[2]…, дека сте кроток и мирољубив[3], дека ги исполнувате условите предвидени за кандидатите за највисоката јерархија на Црквата – еднодушно и едногласно Ве избра, за, еве, денес да ја извршиме и Вашата Хиротонија во епископски чин.

Дојдовме заедно со архијерејите и со бројни свештенослужители и со многуброен верен народ на нашата Света Црква, дојдовме собрани, дојдовме соборно, како што и Господ Исус Христос ги собрал Своите ученици на Педесетница, за да учествуваме во денешнава Ваша Педесетница! Служевме соборно, за сите заедно да Го помолиме Светиот Дух да слезе врз Вас.

Инаку, Хиротонијата на епископ е радост за секоја Црква, па денес, верувам, особено се радуваат и Зрзе и Мариово, се радуваат и Битола и Македонија, се радува секоја верна македонска душа, каде и да живее, во Татковината или надвор од неа, зашто добивме достоен архијереј, добивме пастир кој е подготвен и душата своја да ја положи за духовните чеда[4], пастир каков што и треба за да помага во Преспанско-пелагониската епархија.

Ова го велам знаејќи ја Вашата духовна зрелост и интелектуална подготвеност, знаејќи ги Вашите досегашни монашки подвизи и постигнувања. Верувам дека и по влегувањето во највисоката јерархиска служба, ќе продолжите сеоддајно да ѝ служите на Црквата Христова како епископ во нашата помесна Црква. Продолжете да ја живеете и да ја сведочите вистината, да Го сведочите Христа, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата[5].

Продолжете да го живеете Евангелието како што тоа го правите од најрана младост, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ[6], поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите, бидете трпелив кон сите[7]. Бидете, како и досега, пример со своето богољубие и човекољубие!

– Продолжете да ја сведочите вистината која ослободува[8] од сите неизвесности и ги победува сите искушенија. Трудете се да бидат препознати делата на вашата вера, трудот на вашата љубов и трпеливоста на вашата надеж[9], како што советува светиот апостол Павле. Бидете ѝ послушен на Светата Црква, а со тоа послушен и на Господа Христа, па ако така постапувате – нема да имате тешкотии во претстојната служба. Проповедајте го словото, настојувајте во погодно време и во невреме, укорувајте, забранувајте, советувајте со секаква долготрпеливост и поука[10].

Ќе бидете викарен епископ во епархија со богата традиција и со голема духовна култура, меѓу свештенство и народ коишто живеат со Христа и со Неговите светии. Но, сепак, продолжете да ги поучувате за да напредуваат во благодатта и во познавањето на Нашиот Господ и Спасител Исус Христос[11], како што советува светиот апостол Петар. Битола е град-манастир, и по името и по животот, и по жртвите на бројни богоугодници, исповедници и маченици за Христа. Овде, во овој град на верата, како и по другите места низ епархијата, ќе имате можност да го практикувате вашиот литургиски и молитвен опит, а сè за доброто на нашиот верен народ, за доброто на нашата Света Црква, оти, ако така постапувате, ќе се спасите и самите и оние што ќе Ве слушаат[12].

Трудете се да градите добри односи со сите, и, ако зависи од Вас, чувајте ги мирот и единството во нашата Света Црква. Не дозволувајте поделби, ниту во Црквата, ниту меѓу нашиот народ. Се намаливме како народ, па уште поделени по разни основи, стануваме уште помалубројни и послаби. Па, ако на тоа се надодадат негативниот наталитет и бројните иселување – до каде ќе стигнеме?

Укажувајте дека единството ни е попотребно од било кога, за да опстоиме и како народ, и како држава и како Црква!

Возљубен Владико,

Примете го овој жезол, за да го пасете довереното Ви паство Христово: на оние коишто ќе Ве слушаат, бидете им сила и поткрепа, а непослушните и неразумните, пак, упатувајте ги кон поправање, кротост и послушание, та во должна оддаденост да живеат!

На многаја лета, преосвештен Владико!

Откако Архиепископот г.г. Стефан, му го врачи епископскиот жезол, симболот на епископската власт, Епископот Велички г. Никола, од царските двери на соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, ја искажа својата пристапна беседа.

Ваше Блаженство,

Ваше Високопреосвештенство владико Петар,

Ваши Високипреосвештенства и Преосвештенства,

Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници,

Возљубено свештенство и монаштво,

Богољубиви браќа и сестри,

По Божјо благоволение, на предлогот на митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар и по еднодушното прифаќање од страна на Престојателот и членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, денес на ова соборно Духовденско ликување, над мене се изврши ракополагањето во највисокиот свештен чин, и отсега своето послушание во Божјата Црква ќе го продолжам во епископско служење. Епископството e продолжение на апостолското служење, Самиот Господ ги бира, ги подготвува и ги испраќа своите ученици да ги приведат народите кон спасение низ познание на Бога, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. И бидејќи е наследник и преемник апостолски, епископот, како ученик и пријател Христов, станува Негов сотрудник во великото дело на спасението на човекот и светот.

Божјата волја за нас е да постоиме вечно, зашто Он создавајќи го човекот по Својот образ и подобие, Самиот Себеси се повторува во нас, за и ние, како што вели светиот старец Софрониј од Есекс, според благодатта да станеме такви, какви што Он е по природа. Архиерејот во целиот живот и во сите дела е поттикнат од делувањето на Светиот Дух. Ова најнапред се потврдува во Божествената литургија, каде тој се принесува и се´ Му принесува на Бога, според благодатта говори или молчи, му се посветува на другиот или се осамува во своето срце, пронаоѓа доволна широчина и за пријателот и за непријателот, и за боготражителот и за заблудениот, без разлика дали самиот плови по мирни води, или цврсто го држи кормилото среде бура, во се угледувајќи се на Христа.

Вековното предание на Светата Црква востановило новите епископи да се избираат од редот на монаштвото. Изборот за епископ навистина е најголема радост и Божји дар за Црквата, а соборот на верните со право очекува и се моли новиот епископ правилно да раководи со Словото на Божјата вистина. Но, ќе ми дозволите да споделам со Вас, дека и покрај безмерната радост и благодарност, во душата на новоизбраниот епископ, кој е и монах, се преплетуваат две навидум спротиставени, но, благословени состојби. Од една страна, желбата да продолжи со тихување невидливо за светот и молитвено да пребива во Божјото присуство, а од друга, да излезе од својата скриена одаја и да се самопринесе на ближниот и на неговите потреби по Бога.

Одлуката за моето ракополагање во епископски чин ја доживувам единствено како ново послушание, како глас Господов и повик на Светата Црква, а не како награда или заслуга. Епископството е највисоката чест во Христовата црква, но едновремено бара и највисока жртва. Токму затоа, денес првенствено ја барам Божјата помош, но и Вашите молитви и сотрудништво на патот што ми претстои, согласно исповедањата и ветувањата што ги изговорив денес, а за полза на Црквата и заедничкиот духовен раст.

Уште од првите денови во монашкиот живот, а особено денес, во мојот ум одекнуваат зборовите на Господовиот Претеча и Крстител: „Он треба да расте, а јас да се намалувам“ (Јован 3, 30). Епископот како Христов образ, секогаш се труди да биде кроток служител, кој со своите дела секого вдахновува кон послушание на Божјите заповеди: сее љубов онаму каде што има непријателство, поткрепува таму каде што недостасува сила, носи светлина каде што завладеал мрак, утешува во очајот, твори мир и благословува, непрестајно се моли и секоја средба со ближните ја прави молитва, насекаде проповеда љубов кон убавината на Божјиот дом.

Бог, преку Неговиот Единороден Син ни се објавува како „Светлина, во која нема никаква темнина“ (1 Јован 1, 5). Токму тоа откровение и во нашево време не соочува со културата на смртта што не опкружува, од која произлегуваат сите несреќи на животот без Бога, најнапред онтолошките, а потоа и економските и политичките проблеми, националните и расните поделби, класните и родовите идеологии… Надминувањето на празнината во која пребива современиот човек е скриено во Христовите зборови: „Врви по мене!“ На тој евангелски повик, пак, секогаш му претходи одреден подвиг или жртва: да се стави Бог на прво место, да се милува Бог повеќе отколку родителите и децата, или да се остави богатството, или да се одрече човекот од самиот себе носејќи го својот Крст.

Ваше Блаженство и возљубени браќа архиереи,

Службата што денес ми ја доверувате се случува во историски миг кога нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија веќе е препознаена и прифатена во семејството на Помесните Православни Цркви. Тој долгоочекуван и одамна посакуван ден на кој Господ не удостои да станеме сведоци, донесе исполнување на Вашата најсилна надеж, одговор на Вашите молитви, признание за Вашето соборно и лично делување како чувари на Светата православна вера на овие простори и вон татковината, благодатна утеха за трпеливото пастирско бдеење над благочестивиот македонски народ. Се скрушувам пред мислата дека кон автокефалноста на нашата Света Црква смирено чекоревте по тежок и тесен пат, но сите нас денес, а и идните поколенија, не украсивте со духовно достоинство и чест. Свесни сме дека сме калеми на Вашиот труд, како што и Вие сте накалемени на трудот на Вашите претходници. Ова духовно стебло веќе пуштило длабоки корени, својот род го дава навреме, неговиот лист не венее, и нас не обврзува, како што натаму пее Псалмопевецот, „во се што правиме да напредуваме“ (Псалм 1, 3).

Во духот на денешното празнично благодарење, меѓу првите Ви благодарам Вам Блаженејши Архиепископе и поглавару на нашата Света Црква, кој во сослужение со останатите архиереи, денес ја положивте својата десница врз мојата глава, приведувајќи ме во свештениот архиерејски чин и кон послушанието викарен епископ на Преспанско-пелагониската епархија. За мене претставува неискажлива радост и благослов што овој настан во мојот живот најсуштински се поврзува токму со Вашата личност, а молитвено, како и секогаш досега, ме упатува на постојани благополезни желби за Ваше крепко здравје, сила, и благодатна помош од Бога. Долгоденствувајте Владико свет!

Високопреосветен Владико и Митрополит на Преспанско-пелагониската епархија господин Петар! Во оваа значајна прилика чувствувам потреба да Ви искажам благодарност за довербата, не само за денешното ракополагање, туку и за секој Ваш благослов, совет и снисходење што изминативе години пастирски ми ги дарувавте, а мене ми помогнаа и се уште ме охрабруваат да истраам во духовниот труд. Вашето речиси полувековно пастирско делување и творештво во Преспанско-пелагониската епархија зрачи со потполна обнова на црковниот живот. Тука најнапред мислам на Вашиот приод и посветеност во обновата на литургискиот живот и непрестаен архипастирски повик кон народот Божји, за негово живо и кокретно учество во Светите Тајни на Црквата. За тоа сведочи обновата на парохискиот живот и монаштвото, на црковното градителство, просветителската и книжевната дејност. Длабоко сум свесен дека сите, што не собравте околу себе, сме оние за кои говори Господ: „Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд“ (Јован 4, 38), но, и дека патот на Црквата е пат на преданието, та Господ да ни помогне она што го примивме и го примаме од Вас, доследно да го чуваме и да го предадеме на новите поколенија.

Ви благодарам исто така, што татковски се погриживте, условите во кои ќе престојувам и работам во седиштето на Преспанско-пелагониската епархија да бидат достоинствени, та и покрај отсуствувањето од мојот матичен манастир во Мариово, најживо и на своја кожа да го почувствувам благословот дека и Битола е Манастир, дека и Битола е Обител.

Ви благодарам и Вам преосветен владико Климент, со кого ме врзува искрено пријателство уште од најрана возраст, од времето кога мојата душа талкаше низ ќорсокаците на младоста, невешто трагаше по вистината и смислата на постоењето, а кога, навидум случајно, пред точно 33 години, се случи средба со необичен човек што ми го подари Светото Писмо. Низ годините минати во секојдневно заедништво во Бога за мене станавте пример за евангелската наука според која односот со ближниот е огледало на човечкото богољубие и богопосветеност. За нас, монасите од четирите прилепски манастири, Вашиот лик ја зрачи ведрината како природна состојба на животот во Бога, но и го проповеда светогорското стражарење над самите себе, го оприсутнува светоотечкиот копнеж по убавина и добро. Низ годините наназад цврсто се убедив во реткоста на Вашата духовна умешност, која во човекот успева да поттикне творештво втемелено на личните дарови, правејќи го така полезен за Црквата. По тој пример ќе се угледувам и понатаму како епископ на Црквата Божја.

Благодарност до моите учители и професори на Филолошкиот факултет во Скопје, на Философскиот факултет во Прага и на Богословскиот факултет во Софија, особено на мојот ментор, проф. д-р Павел Павлов, денес присутен со нас.

Најмногу од се благодарен сум на оние скриени браќа и сотрудници во најзначајниот универзитет за еден монах – Манастирот, особено на монашките заедници во Таворското Зрзе и пустинското Мариово, чијшто копнеж по Бога и чии молитви ме укрепуваа и исправуваа низ заедничкиот духовен труд изминативе години. Им благодарам на бројните монашки личности за полезните средби со нив во манастирите насекаде низ Македонија, како и на оние вон татковината. Засекогаш ќе останат жители на моето срце.

Неизмерна благодарност му изразувам и на моето семејство, како и на моите пријатели, кои секогаш досега, и повеќе од мене се радувале со моите радости, и тагувале со моите таги, а и денес се молитвено покрај мене.

Им благодарам на сите блаженоупокоени отци и мајки чиј монашки живот и благослов станаа мој образец и духовен покров и го облагородија моето постоење, а кои веќе се преселени во убавината на Божјата близина, особено на архимандритите Пајсиј Хилендарски и Пчински, и на нашиот, Методиј Валаамски.

Низ годините тихувајќи невидливо за светот, низ покајание го наѕирав сопствениот мрак, и станав сведок на тоа дека сопостоењето со ближниот во Бога, раѓа исцеление, дека заедницата и единството во Бога се терапија, која и поединечно и соборно лекува. Таквата соборна љубов го облагородува и секој друг аспект од животот, оставајќи траги во историјата. Затоа, и во оваа прилика чувствувам потреба да се заблагодарам и на бројните чеда на нашата Црква, од кои многумина и денес овде се присутни, за несебичниот влог во обновата на Мариовскиот манастир, секој според своите дарови и можности. Многумина од нив, токму таму ги направија своите први чекори кон Бога, преточувајќи го дарот на верата во дела. Пред нашите очи последниве децении се одвиваше чудото на љубовта, та видовме како од пустошот на заборавот, полека се откриваше сјајот на древното светилиште. Од скриен и заборавен, речиси разурнат манастир во напуштеното Мариово, денес како Црква имаме скромен украс на македонското монаштво, а отсега, и епископска резиденција, според одлуката на Светиот архиерејски синод.

Возљубени архиереи, најдраги браќа и сестри,

Дозволете ми, уште еднаш смирено да ги испросам Вашите свети молитви, но и Вашата прошка за се што како човек со слабости ќе згрешам. За сите Вас, како за самиот себе, ќе продолжам непрестајно да го просам благословот на Пресветата Владичица Богородица, и на светиот Никола Архиепископот Мирликиски, чие прославено име како монах го носам и неговиот манастир стана мој дом. Целивајќи ги неговите свети мошти, постојано ќе се молам да ги просветлува мојот ум и срце, та самиот тој да ми помага во литургиското и пастирското дело на архиерејското служење. Ќе ја барам особено и помошта на светите македонски Божји угодници кои постојано, пред Престолот Божји, принесуваат молитви за спасение на нашиот род. Духовно ќе се ползувам од просветителството и монахољубието на светите Климент и Наум Охридски, од пустинољубието и подвигот на преподобните пустиножители, од мачеништвото на светите новомаченици, од животот на новопројавените и во наше време канонизирани светители, и на сите останати пријатели Божји.

Благиот Троичен Бог нека биде секогаш и непрестајно за Вас тоа, што сите Вие сте за мене денес: извор на изобилна радост и сила!

Благодата на Господ наш Исус Христос, љубовта на Бога Отецот, и заедницата на Светиот Дух, да бидат со сите нас! Амин!

Од името на нашиот Митрополит г. Петар, од името на свештенството, монаштвото, ѓаконството и сиот верен народ од нашата Преспанско-пелагониска Епархија, му го честитаме ракополагањето на Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Никола, со молитви уште многу години да и служи на нашата Света Македонска Православна Црква –  Охридска Архиепископија и на Јустинијана Прва.

На многаја лета, Преосвештен Владико!