Среда од Првата седмица во Великиот пост – Света Литургија на Претходноосветени Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 01.03.2023 г., кога го празнуваме споменот на Светите Дванаесет маченици што пострадаа во времето на Диоклецијан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Кирил Трајковски, Гоце Велјановски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, благоволи да отслужи Света Литургија на Претходно осветените Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови“.

Овие молитвени зборови од молитвата на Свети Ефрем Сирин, ние постојано ги повторуваме во Велигденскиот пост, со цел да нè потсетуваат на тоа дека ние постојано забораваме да ги гледаме нашите согрешенија, гревови, престапи и однесувања, кон, браќата и сестрите, од една страна, а од друга страна, и да не ги осудуваме, браќата и сестрите. Поради тоа, нашата Света Православна Црква, како грижлива мајка, во Велигденскиот пост на светите богослужби, постојано нè поттикнува да размислуваме на овие зборови.

Имено, во Стариот Завет се вели дека судот му припаѓа исклучиво само на Бога. Судот не им прилега на луѓето т.е. тие самите да судат и пресудуваат за гревовите, престапите и однесувањата на луѓето, туку на Бога, Кој суди и пресудува.

Па токму заради тоа, кога ние се наоѓаме во постот, најмногу треба да размислуваме за тоа како се однесуваме т.е. дали размислуваме за нашите постапки, за нашите гревови, дали се вдлабочуваме во нашата гревовни состојби, дали се каеме за направените гревови и дали воопшто се трудиме да се поправиме. Човек не е доволно само да признае дека згрешил, туку покрај признавањето, должен е да покаже и плодови на покајание, а плодовите на покајание не се ништо друго, освен да направиме спротивни, добри дела, на направените гревови т.е. ако сме лажеле, никогаш повеќе да не лажеме и секогаш да ја говориме вистината, во секое време и на секое место, ако сме краделе, да го вратиме украденото, од оној од кого сме го украле, или ако, пак, не можеме нему да му го вратиме, да дадеме на сираци, сиромаси, вдовици, болни или во храмот, и.т.н.

Ако ние ги мразиме браќата, во постот треба да практикуваме колку е можно повеќе љубов да покажеме кон ближниот, а наш ближен е секој човек, но не само кон ближните, туку и кон непријателите, а за тоа имаме пример од Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој кога беше на Крстот во најстрашните маки, се помоли за оние што Го распнаа, со зборовите: „Прости им Отче, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Па така, браќа и сестри, знаејќи дека ние сме грешни, не треба никого да осудуваме, бидејќи Христос нашиот Бог и Спасител вели: „Со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (сп. Мат. 2, 7).

Светиот апостол Павле, пак, вели: „Никој не знае што е во човекот, освен духот што живее во него“. Па од таму, ние кога донесуваме суд, според нашето убедување или според тоа што другите кажале за некого, тоа значи дека ние погрешно расудуваме и ги осудуваме своите, браќа и сестри.

Светиот Јован Савин раскажува за еден настан како кај него дошол еден монах,  кој му кажал дека од него бара да се помоли за него, а тој го прашал: „Како се отците во нивниот манастир?“, овој му рекол: „Добри се сите по твоите молитви отче“. Понатаму прашал исто така и за некој монах, кој бил непоправлив, дали тој се поправил или не, а монахот му кажал дека не се поправил. Веднаш потоа имал едно видение како тој се наоѓа на Голгота пред Христа нашиот Бог и Спасител, каде што е распнат меѓу двајца разбојници, па кога сакал да Му се поклони на Христа нашиот Бог и Спасите, Господ им рекол на Ангелите, кои биле присутни: „Отргнете го него од тука, тој не може да Ми се поклони, зашто го осуди својот брат, уште пред Јас да го осудам“.

Што значи, ние не смееме никого да осудиме, зашто судот не е наш, туку Божји. Ние можеме да се осудуваме само себеси, но не и нашите, браќа и сестри, бидејќи ние не знаеме дали нашиот брат претходно се исповедал и ги кажал своите гревови и му е простено од Бога, како што е случајот со оној разбојник од десната страна на Христа нашиот Бог и Спасител, кој побарал прошка за гревовите, кога Му се обратил до Христа со зборовите: „Спомни си за мене Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое“, Господ му рекол: „Уште денес со Мене ќе бидеш во рајот“ (сп. Лука 23, 42).

Гледате тука станува збор за еден разбојник, кој цел живот живеел разбојнички живот, но во последниот миг од својот живот побарал прошка од Христа нашиот Бог и Спасител и Господ му простил и влегол во Царството Небесно. Кога ние мислиме дека сме подобри, почесни, поискрени и подостојни од другите, тогаш ние веќе на ум ја имаме мислата на сатаната, кој се возгордеал и посакал да го постави својот престол горе над ѕвездите на север и таму да живее. Гордоста е големиот и најстрашниот грев, кој уште се нарекува мајката на сите гревови. Ете, затоа сатаната беше турнат од небесата, во поднебесните простори. Па така, браќа и сестри, ние тука на земјата, не се бориме против тело и крв, туку против поднебесните духовни на злобата, а тоа е сатаната со неговите ангели (демоните).

Исто така, не треба да заборавиме дека верните, го сочинуваат Телото Христово, а тоа е всушност Светата Тајна Евхаристија (Причесната).

Па така, ние ако во Црквата Христова, не се исповедаме, не бараме прошка за нашите гревови, не даваме достојни плодови за покајание, како што Христос им укажува на книжниците и фарисеите и ги споредува со породи аспидини, бидејќи формално ја исповедале верата во Христа нашиот Бог и Спасител, тогаш ние сме далеку од Бога. За истото ова укажува и Светиот пророк Исаија во Стариот Завет, кој вели: „Волот го познава Својот Господар и. магарето јаслите на Господарот Свој,. а Израил народот Мој, не знае за Мене“. (сп. Ис.1, 3).

Затоа, браќа и сестри, ние не треба некого да осудуваме, туку да се самоосудуваме за нашата гревовна состојба. Исто така ние треба и да ги проверуваме духовите, дали тие се од Бога, како што вели Свети апостол Петар. Ние треба постојано да се проверуваме дали сме на правиот и вистински пат со нашето однесување.

Свети Серафим Саровски, кој живеел пред два века, кога дошол во пустината и видел еден дојденец, не знаејќи кој е тој човек, паднал пред неговите нозе и му се поклонил како на Бога, велејќи му: „Ти си создание Божјо, кој го носиш во себе ликот (образот) и подобието Божјо. Светите Отци, го гледале во своите посетители образот Божји. Па така, кога ќе дојде некој сиромав на нашата порта, ние во нето треба да Го видиме Самиот Христос, нашиот Бог и Спасител, Кој што рекол: „Ако гладен нахраните, жеден напоите, необлечен облечете, во затвор и болница посетите болен и ако нажален утешите, знајте дека тоа мене сте ми го направиле“. Што значи, ние во сите, браќа и сестри, треба да Го гледаме Самиот Христос нашиот Бог и Спасител.

Ќе споменеме еден пример со еден човек, кој се сожалил на некој сиромав човек, кој се тресел од студ, па овој го слекол својот капут и му го дал нему, но по извесно време дознал дека неговиот капут е продаден на друг човек, па си рекол: „Зошто му ја дадов облеката на овој човек, кога тој еве ја продал“. Тогаш Му се јавил Христос Спасителот, облечен токму во таа облека, која тој му ја дал на тој сиромав човек и му рекол: „Еве ја облеката, Јас ја примив“. Што значи, кога ние правиме во Христово име добро на некого, знајте дека на Христа Му правиме добро, зашто во Него, според Христовите зборови, Го гледаме Христа нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас слегол од небесата, се воплотил и станал човек.

Па затоа, браќа и сестри, ние сме должни повеќе да гледаме на нашите гревови и прегрешенија т.е. на сè она грешно што сме направиле и да бараме прошка за нашите гревови и да не го осудуваме нашиот брат, како што вели во молитвата на Свети Ефрем Сирин.

Имено, ние честопати ги осудуваме луѓето, не заради нешто друго, туку за да покажеме дека ние сме од нив подобри, попаметни, поучени, поспособни, почесни, подостојни и.т.н. Свети апостол Павле, пак, вели дека е првиот меѓу грешните. Кога се причестуваме, ние ја читаме молитвата во која се говори: „Јас сум првиот меѓу грешните“. Ако било кој од нас, не се чувствува како најгрешен од сите грешни, не треба да пристапи кон Причесната и да ја прими, како што денес ја примивме Причесната на оваа предосветена Литургија.

Оваа Литургија, е всушност вечерна Богослужба, која се служи за верните да не останат без заедницата со Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Црквата Христова, во овој Велигденски пост, не ги лишува верниците, туку во средите и петоците на овие Божествени Литургии, именувани Предосветени Литургии, им ја дава Причесната, за да се соединат со Христа нашиот Бог и Спасител, ама постиме од литургии.

Затоа, браќа и сестри, да се помолиме на Светиот Јован, Пророк, Претеча и Крстител, на кого денес споменот му го празнуваме, а тоа е наоѓањето на неговите Свети мошти. Како што слушнавме во денешното Свето Евангелие, Свети Јован, е наречен најголем човек роден од жена. Нема поголем од Свети Јована Крстител, кој како ангел Божји дошол во тело, за да го подготви патот за проповедта на Христа нашиот Бог и Спасител.

Затоа Господ Исус Христос вели: „Што сте дошле да видите, трска ли што се лула или човек облечен во меки алишта, тие што се облекуваат во меки алишта, се во палатите и царските куќи“ (сп. Мат 11, 9).

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар