Обрезание Господово и Свети Василиј Велики – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 14.01.2023 г., кога го празнувавме Обрезанието по тело на Спасителот наш Господ Исус Христос  и споменот  на Светиот Василиј Велики, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган  Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола. 

После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на предстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови, кои секојдневно ни ги дава.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Твоето учење се разнесе по целата вселена и твоето Словото го прими целата земја, ги поучи народите доброволно и правилно да се однесуваат, им ја објасни Светата Троица, ерарху Василие со царско име“.

Браќа и сестри, денес празнуваме троен празник, односно ја празнваме Црковната нова година, Обрезанието по тело на Спасителот наш Господ Исус Христос и соменот на големиот ерарх на Црквата Христова, Свети Василиј Велики, кој е еден од тројцата столбови на златниот период на нашата Света Православна Црква.

Ете, затоа по малку ќе поговориме за сите три празника. Што е всушност времето, браќа и сестри? Времето е регистрирање на промените во овој свет. Времето е само инсерт од вечноста, па затоа Свети апостол Павле укажува на тоа дека ние времето треба полезно да го користиме. Зошто? Затоа што ние сме дојденци тука на земјата, времени патници, кои по извесно време секој од нас ќе го напушти овој свет, оваа долина на плачењето, која се вика земја, како што вели праведениот Јов: „Гол сум се родил и гол ќе се вратам во утробата на мајката земја“ (сп. Јов. 1, 21).

Ништо, браќа и сестри, не сме доонеле, кога сме се родиле на овој свет и ништо нема да однесеме, кога ќе заминеме од овој свет. Единствено што ќе однесеме, се нашите добри или недај Боже лоши дела, ако не сме се исповедале и покајале за нашите гревови.

Затоа времињата и годините, кои се под Божја власт, треба да ги искористиме онака како што ни проповеда нашата Света Православна Вера и Црква, а тоа значи да ги исполниме двете најголеми Божји Заповеди, од кои првата гласи: „Возљуби Го Господа твојот Бог, со сиот свој ум, со сета твоја душа, со сето свое срце, со сите свои сили, со сите свои помисли, а втората слична на неа, и ближниот свој како себеси“ (сп. Лука 10, 27). Ако ги исполниме овие заповеди, сме ги исполниле и сите други заповеди. За тоа дали ние Го и колку Го љубиме Бога, Господ рекол: „Оној кој ги исполнувам Моите Заповеди, тој Ме љуби“. Ние Го љубиме Бога, само толку, колку што ги исполнуваме Неговите Свети Заповеди, браќа и сестри.

Ете, ние од денешниот молебен за Нова Година, слушнавме дека се молевме за живите на земјата, но и за покојните. Се молевме за живите, Господ да ни даде изобилни дождови и потребно сонце, да ни даде мир и спокојство, да нè чува од град, невреме и војни и од секакво зло, за ние да поживееме во мир и благосостојба на земјата.

Како што трговците, браќа и сестри, со материјалните и земни богатства прават пресметка на крајот на годината колку спечалиле и колку изгубиле, и ние треба да направиме пресметка колку добри дела сме спечалиле и направиле тука на земјата, а колку зла дела сме направиле.

Секогаш треба да има многу повеќе добри отколку лоши дела, а за лошите дела треба да се покаеме и да побараме прошка за нашите гревови т.е. да се исповедаме каи нашите духовници (парохиските свештеници), за Господ да ни ги прости гревовите и да нè ослободи од нашите гревови и прегрешенија, за да дадеме добар одговор на Страшниот Суд и да го наследиме Царството Небесно.

Празникот, пак, на Христовото Обрезание, браќа и сестри, е во спомен на тоа што Христос нашиот Бог и Спасител, го исполнил старозаветниот закон за обрезание. На Христа не му било потребно обрезанието, бидејќи Он е чист и совршен Бог и човек, кое било задолжително кај Евреите, но со обрезанието сака да ни покаже пример дека треба да се очистиме од нечистотијата не само телесна, туку и духовната, па така ние треба да ја отстраниме телесната нечистотија од телата, а душевната од душите.

Нам не ни треба обрезание на телото, браќа и сестри, зашто Христос кажува дека ниту обрезанието, ниту необразението спасува. Спасува чистата душа, која се грижи да отстрани од себе секаква духовна и душевна нечистотија, а тоа се грешните мисли, помисли и фантазиите, кои влегуваат во нашиот ум. Затоа, Христос бил обрезан во осмиот ден и претрпел болки и страдања по тело, за нас да нè ослободи од гревот и смртта.

Ете, тоа го направил Христос, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, дека Христос е Исус, а Исус значи Оној, Кој спасува.

Христос значи Месија т.е. Оној, Кој е даден од Бога. Ете, затоа Христос дошол и се покажал како пастир над сите пастири и ни покажал пример како ние треба да живееме и да се однесуваме. Вистинскиот образец за нашиот христијански живот, ни е Спасителот наш Господ Исус Христос, а потоа другите светители.

Светиот апостол Павле ќе рече: „Угледајте се на мене, како јас што се угледав на Христа“ (1. Кор. 11, 1). Па така, Господ ни дал и други примери на свети луѓе, кои што се угледале на Него, на Христа нашиот Бог и Спасител, како што и Свети апостол Павле се угледал на него. Ете, и денешниот славеник, Светиот Василиј Велики, Архиепископ на Кесарија Кападокиска, се угледал на Христа нашиот Бог и Спасител, исто како и Свети апостол Павле, кој рекол: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20). Вистински христијани, се оние, кои не живеат за себе, туку во нив живее самиот Син Божји, Спасителот Христос, а каде што е Христос таму е и Отецот и Светиот Дух.

Светиот Василиј Велики, се родил во благочестиво семејство. Неговата баба Макрина, е една меѓу најпознатите светителки во Кесарија Кападокиска. Исто така и неговата мајка Емилија, ни е прекрасен пример, бидејќи родила десет деца. Каде се денешните македонки и другите мајки христијанки, кои не сакаат да родат ни две деца, или како онаа што рекла дека не може да роди ни половина дете? (значи од двајца едно).

Ете, такви се нашите христијанки, кои се крстени и венчани, но половината од нив се разведуваат за глупости, а во Црквата Христова, е кажано дека жената и мажот можат да се разделат само поради една причина, а тоа е неверството во брачната заедница. Ако мажот ја изневерил жената во бракот или жената мажот, тоа не може да биде причина за разводот, а ние слушаме на нашите црковни судови дека малумина се тие што се разведуваат заради неверство, туку, за жал, заради некакво си несогласување во брачниот живот.

Еве, оваа прекрасна мајка Света Емилија, која родила десет деца, од кои пет мина се светители, меѓу кои е и Свети Василиј, потоа Свети Григориј Ниски, Свети Петар, епископ Севастиски, Света Макрина и Света Теозвија. Ете, тоа се петте деца, кои ги воспитала и од нив направила светители. Ете, според ова можеме да замислиме за какво семејство станува збор.

Свети Василиј, бил еден од најучените и најмудрите Отци, заедно со Свети Григориј Богослов, кој му бил другар, со кого заедно учеле во Цариград и Атина. Нивниот пат во текот на денот, бил до училиштето во Атина и до црквата и назад. Свети Василиј, е една прекрасна личност, изградена со пост и молитва, а со својот лик, став и учење, како што слушаме од неговиот тропар, ја просветил целата вселена и ги научил луѓето да бидат односливи и да живеат според верата.

Светиот Василиј Велики, ги истолкувал книгите од Стариот Завет, Псалмите, Книгата на Светиот пророк Исаија, а исто така говорел и пишувал за Светата Троица. На многу луѓе им пишувал писма, кои барале појаснување за Верата, а исто така ја напишал Божествената Литургија, именува Василиева, која денеска ја отслуживме во спомен на неговиот празник, а се служи десет пати во годината.

Ете, браќа и сестри, овој свет човек напишал исто така и канони за монаштвото и се покажал како вистински образец на нашата Света Православна Вера и Црква.

Ние, браќа и сестри, знаејќи дека неговата проповед ја посветила целата вселена и дека тој носи царско име, бидејќи Василиј, значи царско име. Нашиот народ, заради добрите дела што ги правел Свети Василиј, со тоа што помагал на сираци, сиромаси и вдовици, според обичајот се прави пита во која се става паричка, а кај грците таа пита се нарекува Василопита т.е. пита што го носи името на Свети Василиј.

По неговите Свети моливи, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар