Отсекување на главата на Свети Јован Крстител – Света Архиерејска Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“ – (Германски гробишта) во Битола

На 11.09.2022 г., во Тринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Гоце Велјановски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, (Германски гробишта) во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„ Како да те наречеме Свети Јоване, пророк ли, апостол ли, маченик ли?“

Браќа и сестри, денес прославуваме голем празник на нашата Света Православна Црква, по повод на смртта или мачеништвото на најголемиот пророк од сите пророци на Црквата Христова. Пророците имале своја улога да пророкуваат или да претскажуваат за она што ќе се случи со човечкиот род. Човечкиот род, како последица на првородниот грев, западнал во длабока гревовна состојба пред доаѓањето на Самиот Син Божји, Спасителот Христос, Кој како Син Божји, предвечно се раѓа од Отецот, а заради нас и нашето спасение, по благоволението од Отецот, доброволно посакал да се унижи Себеси т.е. од совршен Дух, од Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, да се роди од Пресвета Богородица и да стане човек, да осиромаши заради нас грешните и недостојните. Логосот стана човек, за да ја подигне човечката природа. Тоа поинаку не можело стане, освен Самиот Син Божји, Спасителот Христос, доброволно да одлучи да пострада со распнување на Крст.

Тоа се случило кога се исполнило времето, за кое претскажувале сите старозаветни пророци: четирите големи и дванаесетте мали пророци, кои се праслика на четирите евангелисти и дванаесетте Апостоли во Новиот Завет.

Кога говориме за раѓањето на Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, треба да нагласиме дека неговиот татко Захариј се посомневал дека во неговата длабока старост, Бог ќе му даде чедо.

Светиот Захариј, во најсветиот дел на храмот, во Светињата на Светињите, имал видение т.е. Архангелот Гаврил му ја соопштил веста за раѓањето на неговиот син Свети Јован. Но, Светиот Захариј во тоа не поверувал, па затоа онемел, сè до раѓањето на Свети Јован т.е. кога тој побарал на штица да го напише неговото име Јован, што значи благослов Божји. Ете, токму во тој момент прозборел, како што му рекол Ангелот Божји, дека ќе онеме сè додека не се роди неговиот син.

Светиот пророк Захариј, за Свети Јован, Пророк Претеча и Крстител Господов прорекол: „А ти младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“ (Лука 1, 76). Па така, овие зборови на првосвештеникот Захариј, се исполниле. Како тоа се случило? Тоа се случило, кога Ирод сакал да се ослободи од евентуалните негови наследници, кои ќе се родат како цареви, заборавајќи дека за Христа нашиот Бог и Спасител, е пророкувано дека Он ќе биде цар, не политички, земен цар, туку небесен цар т.е. Цар над царевите. Ирод сакал да Го убие Христа, но сакал да го убие и Свети Јован Крстител како дете, па така, бидејќи не успеал да го пронајде и убие Свети Јована, тогаш наредбата паднала да биде убиен неговиот татко Захариј. Па така, во припратата на храмот, бил убиен Светиот Захариј, чија крв се згрутчила, за да биде показател дека праведниот Захариј, е убиен за праведна работа.

Понатаму, откако умрела и Света Елисавета, Свети Јован Крстител, израснал сам во пустината. Браќа и сестри,  можеме ли да замислиме каков бил животот на ова дете, кое било оставено само во пустината, во најжешките летни денови, или, пак, во лутите зими во зимно време? За него се вели дека се грижел Самиот Бог т.е. Ангел Божји го чувал, а неговата храма, како што слушнавме од Светото Евангелие, се состоела од див мед и скакулци, со кои се хранел, додека не стигнало времето да наполни триесет години за да почне да проповеда.

Кога дошло времето за неговата проповед, Свети Јован Крстител, доаѓа во Јорданската долина, кај реката Јордан и вика со силен глас: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат, 3, 3).

Народот кога слушнал како одекнува овој силен глас од човек, кој бил висок и слаб, бидејќи во пустината каде што живеел, не можел да добие силна храна, како што имале оние луѓе, кои живееле во добри услови. Од друга страна, негата облека била наметка од камилска кожа, а околу половината имал појас.

Таквиот негов надворешен лик, ги поттикнувал сите луѓе, кои доаѓале од сите страни, да го слушаат неговиот глас.  На војниците, кои пристапиле кон него им велел: „Немојте да земате ништо повеќе од она што ви е определено и секогаш бидете задоволни со своите плати, а на фарисеите, книжниците и садукеите им велел: „Породи змини и аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас. Направете достоен плод на покајание“ (сп. Мат. 3, 7-8). Свети Јован Крстител со овие зборови им се обраќал на фарисеите, книжниците и садукеите, бидејќи тие формално го исполнувале Божјиот Закон, а длабоко во нивните души и срца, не се каеле за своите гревови и не сакале да Го примат Синот Божји, Христа нашиот Бог и Спасител, како Цар Небесен, туку Го очекувале земниот, политички цар. И ден денес, Евреите, кои не Го прифатиле Христа за Бог и Спасител, го очекуваат Месија, како земен цар, кој ќе направи политичка држава, која ќе управува со целиот свет. Тоа е заблудата на еврејските старешини, книжниците и фарисеите.

Па така, Свети Јован се покажал како вистински пророк. Слушнавме од денешното Свето Евангелие дека и самиот Ирод, се плашел од него, зашто знаел дека е праведен и свет човек, но заради неговиот грев, со неговата незаконска  жена Иродијада, за кој грев Свети Јован јавно ги  изобличувал, се вели дека  Иродијада се озлоби на него и чекала погоден момент да го убие.

Ете, кога се создал погоден момент т.е. кога Ирод прославувал роденден, заедно со неговите старешини и војводите, на кој со играње на масите им угодила Саломија, ќерката на Иродијада од Филипа, па царот во пијана состојба и рекол на девојката: „Што и да побараш ќе ти дадам, па дури и половината од моето царсто“ (сп. Марко 6, 23). Тогаш Саломија, како и секоја друга девојка, се посоветувала со својата мајка, која и рекла да ја побара на табла главата на Свети Јован Крстител.

Кога мајките ги советуваат нивните ќерки, треба добро да размислат како и што ќе ги посоветуваат т.е. дали ќе ги посоветуваат како Иродијада, која на својата ќерка и рекла да не бара ништо друго, освен главата на Свети Јован Крстител, или ќе ги поучат да бараат духовни вредности.

По советот на мајка си Саломија со трчање отишла кај царот Ирод, кому му рекла: „На табла ја барам главата на Јован Крстител. Тогаш по наредба на царот, џелатот му ја пресекол главата на Свети Јован Крстител, кој пред тоа на цел глас од затворот го укорувал Ирода со зборовите: „Немаш право да ја имаш за жена, жената на твојот брат Филипа“ (сп. Мерко 6, 18). Главата на Свети Јован Крстител, била предадена на Иродијада, која со игла го бодела јазикот и велела: „Овој јазик зборуваше против мене.

Телото на Свети Јован Крстител, браќа и сестри, било чесно погребано, а неговата глава од страна на Иродијада била затрупана на некое буниште, но подоцна од страна на некоја жена е откриена и положена на чесно место.

Ете, браќа и сестри, слушнавме како Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, делувал и живеел, но слушнавме и тоа дека Свети Јован не бил само пророк, туку и Апостол, како што нагласивме во мотото на оваа проповед.

Свети Јован го поучувал народот како да живее, но укажал и на тоа дека иде по него Оној, кому тој не е достоен да му ги одврзе ремењата на Неговите обувки, односно укажува на Христа нашиот Бог и Спасител. Свети Јован себеси не сакал да се возвишува, дури и кога Христос нашиот Бог и Спасител, требало да биде крстен од Свети Јован, кој одбивал да го крсти со зборовите: „Ти треба мене да ме крстиш, а ти кај мене ли доаѓаш?“ (сп.. Мат. 3, 13-14), а Господ му вели: „Остави го тоа Јоване, сега треба да ја извршиме секоја правда“. Ете затоа Свети Јован понатаму укажува дека тој треба да се смалува, а Христос Спасителот, да се зголемува, односно по Крштението, да ја отпочне проповедта на Спасителот, за спасение на целиот човечки род.

Возљубени, Свети Јован, се покажал не само како Апостол, туку и поголем од сите Апостоли. Не случајно, Господ Христос, за него ќе каже: „Нема поголем роден од жена од Јована Крстител!“ (сп. Мат. 11, 11). И точно е тоа дека ниту еден човек на земјата, не е поголем од Свети Јован Претеча.

Понатаму Свети Јован е наречен и маченик, бидејќи својот живот го завршил маченички за верата. И ние епископите, како Свети Јован Крстител и Апостолите, сме должни да го проповедаме Словото Божјо, бидејќи сме нивни наследници или приемници на Божјата благодат, но тоа треба да го прават и свештениците со благослов на Архиереј, во границите на она што им е дадено од Бога, а исто така и верниците, родителите во своите семејства.

Семејството, браќа и сестри, е малата домашна црква, каде мажот е главата, како што е глава на Епархијата, Епископот, а глава на Црквата Христова, е Самиот Христос, за Кого е речено дека е каменот темелник на Црквата Христова.

Свети Јован не случајно отпочнал да проповеда со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат, 3, 3). И еве, Свети Јован ги подготвил народите, за доаѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител. Кога Го крстил Христа, тогаш завршува неговата проповед, а својот живот го завршува, кога бил убиен од Ирода. Од денешното Свето Евангелие слушнавме дека Апостолите дошле при Христа, нашиот Бог и Спасител, и Го известиле за смртта на Свети Јован Крстител, и сè што направоле.

Па така, браќа и сестри, и ние сме должни да дадеме одговор за нашата проповед, ние епископите, свештениците, монасите, монахињите, па и верниците, пред Христа нашиот Бог и Спасител.

Вистинскиот живот, да не се гледа премногу на формата, туку на суштината, што за жал, кај нас во нашата Света Црква, но и во другите Помесни Православни Цркви, повеќе се обрнува внимание на формата, отколку на суштината.

Формата може да биде и изменета, ама суштината на верата не смее да се измени, зашто Христос рекол: „Ниту точка, ниту цртичка, не смее да се измени од она што е запишано во Светото Писмо, од Светите Апостоли во нивните Еванглија и Посланија, од она што е запишано во Светите Канони, а тоа се правилата на Вселенските и Помесните Собори и учењето на Светите Отци“. Сето тоа мора да се исполни, но не формално, како што тоа го правеле книжниците, фарисеите, садукеите и старешните еврејски, на кои Свети Јован им рекол: „Породи змини и аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас“ (сп. Мат. 3, 7-8).

И нас, браќа и сестри, Свети Јован Крстите, нè опоменува со тие зборови: „Породи змини и аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас“ (сп. Мат. 3, 7-8). Тоа значи дека ние сме родови или породи змијни, ако ги исполнуваме сите оние наговарања, советувања, кои ни ги дава таткото на лагата, т.е. сатаната со неговите нечисти духови.

Ете, така ние стануваме породи аспидини, ако живееме според нивните советувања, но ако живееме онака како што живеел Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, тоаш сме деца Божји, зашто Христос со Своето страдање на Крстот, нè посинил и нè направил да бидеме Негови чеда т.е. да бидеме нова твар и да живееме согласно со учењето на Светата Православна Црква, Пораката на Свети Јован Крстител, е ние да бидеме задоволни со она, што Бог нам ни го дал, кое е дар Божји.

Да не бидеме како цариниците, кои што грабале туѓо, или пак, како војници, кои не си ја извршувале својота војничка служба. Да не бидеме ни како книжниците, фарисеите, садукеите и старешините јудејки, кои формално го исполнувале Законот Божји, а во своите души останувале противници на Христа нашиот Бог и Спасител.

По молитвите на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешите. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар