Дванаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Довлеџик

На 04.09.2022 г., во Дванаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите маченици Агатоник, Зотик и другите со нив, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар,  во сослужение на протоерејот Благој Стефановски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ако им ги простите на луѓето долговите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен; ако пак, не им ги простите долговите (грешките) на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите” (сп. Матеј 6,14-15).

Во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, ја слушнавме параболата на Спасителот наш Господа Исуса Христа, во која се говореше за еден цар, кој сакал да ги расчисти сметките со неговите слуги, па кога ги расчистувал, видел дека еден слуга му должи десет илјади таланти, а тоа денес би биле некаде околу десет милиони денари, па наредил да го казнат со тоа што ќе го продадат, и него, и жената, и децата, и сè што имал за да си наплати. Но овој слуга паднал пред него на колена и почнал да го моли со зборовите: „Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам“ (сп. Мат. 18, 26). А господарот или царот, се смилувал и му го простил целиот негов долг, а овој, веднаш потоа се сретнал со еден свој пријател, кој му должел сто пенези, а тоа денеска се околу сто денари, и му рекол: „Врати ми го долгот“ (сп. Мат. 18, 28), а овој рекол: „Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам  (сп. Мат. 18, 29)“. Но тој не сакал да се смилува и  наредил да го фрлат во затвор, дури не му го  исплати долгот.

Сето тоа, гледајќи го неговите пријателите, а пријателите негови се ангелите, праведниците и светителите на небесата, кои сочувствуваат со страдалниците на земјата, многу се огорчија, па му кажаа на царот, а царот е Спасителот наш Господ Исус Христос, зашто Он ќе биде Вечниот Судија, како што се вели во Светото Писмо дека Отецот Му го предаде сиот Суд на Својот Син.

И така, царот го повикал оној слуга што нему му должел десет илјади таланти, и наредил да го продадат сиот негов имот т.е. и жената, и децата, и сè што имал, и го фрлил во темница, додека не му го платил долгот.

Господ Исус Христос на крајот од параболата вели: „Ако секој од вас не му ги прости од срце грешките на брата си, и вашиот Отецот небесен нема да ви ги прости вам“ (сп. Мат. 18, 35).

И веднаш се поставува прашањето, за какви долгови станува збор, браќа и сестри?

Ние во молитвата „Отче наш“, се молиме: „И прости ни ги нашите долгови, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“ (сп. Мат 6, 12).

Кои се нашите долгови пред Бога? Нашите долгови пред Бога се нашите гревови, зашто Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата и примил човечко тело, а потоа пострадал на Крст, пролевајќи ја Својата Света Крв, и бил погрбан, а во третиот ден Воскреснал од мртвите и во четириесеттиот се вознесол на небесата.

Ете, со тоа нас Господ нè задолжил дека ние треба да се оддолжиме за оваа голема љубов што ја направил Господ кон нас грешните и недостојните, зашто ако Господ нè покажеше таква совршена љубов кон човечкиот род, ако доброволно не се понижеше до тој степен да прими наше човечко тело и во сè да се изедначи со нас со нас луѓето, освен во гревот, ако доброволно не пострадаше да биде распнат на Крст, и погребан, и во третиот ден да Воскресне според Писмото, тогаш, браќа и сестри, ние не ќе можевме да се спасиме никако, туку ќе бевме заточеници во адот, каде што до Христовото слегување со душата во адот на Велика Сабота, беа, и грешниците, и праведниците. Ете,  од тогаш сатаната ја нема таа сила и власт, што ја имал до тогаш.

Со тоа Господ, браќа и сестри, нас нè задолжил дека ние треба да го следиме Неговиот пример во сè. Образец на нашиот живот треба да биде животот на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Ако ние Него го подражаваме, односно ако живееме според Неговиот пример,  имајќи Христов ум, и ако се одречеме од нашата човечка волја, и ја прифатиме Божјата волја и ги исполниме Божјите заповеди, тогаш ние можеме да очекуваме дека ќе се спасиме.

Спасението не доаѓа, браќа и сестри, на поинаков начин, освен преку длабоко покајание за нашите гревови што (ние) сме ги направиле во овој живот. Имено, покајанието не се состои формално да побараме прошка од Господа за нашите гревови, туку се состои во наше длабоко проникнување во нашиот грешен живот т.е. да ги анализираме и разгледаме сите наши грешни постапки, од нашето рано детство, па сè до последниот миг од животот. Па така, откако осознаеме кои гревови сме ги направиле во според учењето на Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква, тогаш ние, браќа и сестри, треба длабоко се покаеме за нашите гревови, а тоа длабоко покајание подразбира од срцето и душата, да побараме прошка за гревовите што сме ги направиле, и да пролееме многу солзи за направените гревови, а некои Свети Отци велат дека ако ние пролееме толку многу солзи за нашите гревови, со кои ќе можеме да се избањаме, тогаш ќе ни бидат простени гревовите, а во противно нема да ни бидат простени.

Денес сме сведоци дека ретко кој од нас пролеал дури и една солза за направените гревови, туку секогаш за направените гревови, вината ја префрламе на браќата свои. Денес во Православната Црква, ретко ќе најдете човек, кој длабоко се кае за своите гревови, кој себеси се самоосудува или самопрекорува за своите постапки, за својот живот и за своето однесување, туку секогаш наоѓаме начини и средства како да се оправдаме, како што Адам кога згрешил, неместо да побара прошка од Господа, тој вината ја фрлил на неговата жена Ева, поточно на Бога, Кому Му рекол: „Жената ти што ми ја даде!“ (сп. 1. Мој. 3, 12). Значи Ти Господи си виновникот што згрешив, бидејќи ми даде жена, а жената се правдаше дека змијата, која била полукава од сите животни во рајот, ја измамил. Ете, од тој момент следуваше казната за нашите прородители: Адама, со пот да го заработува лебот, а земјата да му раѓа трње и коров, а Ева, со маки да раѓа деца, а змијата да се влече по земјата и да јаде прав.

Но спасението, браќа и сестри, дојде преку Вториот Адам, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој како што кажавме, доброволно дојде во светот, пострада и беше погребан, и Воскресна во третиот ден според Писмото, и на тој начин нас нè избави од гревот и смртта. Спасителот Христос со Својата смрт, ја победи смртта, и нам ни дарува вечен живот. Ете, со тоа ние практично станавме должни на Господа, па затоа во молитвата„ Отче наш“, се молиме: „И прости ни ги нашите долгови, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“ (сп. Мат 6, 12).

Нашите долгови кон Бога се нашите гревови. Господ секогаш ќе се смилува кон нас, кога ние ќе бараме прошка за нашите гревови. Значи нема проштевње на гревовите, ако не бараме прошка. Но исто така, кој не дава прошка, тој нека не очекува дека ќе се спаси. Самиот Спасител Христос, ни дал прекрасен пример како треба да простуваме, кога од Крстот се молел за оние што Го распнале, со зборовите: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Мат. 23, 34). Истиот тој пример го имаме и кај Светиот апостол и архиѓакон Стефан, кој кога бил изведен на Суд и каменуван, тој ги кренал рацете кон Господа и се молел, барајќи прошка за гревовите за оние што го убивале со камења, со зборовите: „Господи, не примај им го ова за грев“ (сп. Дела 7, 69). Еве, истото тоа го правеле и старозаветните праведници, како што е праведниот и многустрадален Јов, кој им простил на неговите пријатели и неговата жена, кои го принудувале да похули на Бога за спокојно да умре, иако тој страдал не заради неговите гревови, туку заради зависта на ѓаволот. И безброј други примери имаме, и во Стариот, и во Новиот Завет, и житијата во врска со проштевањето на гревовите.

Во однос на прашањето, кое Светиот апостол Петар Му го поставил на Господа Исуса Христа, за тоа колку пати треба да му прости на својот брат, кој му згрешил т.е. дали седум пати, зашто во Стариот Завет, се мислело дека до три пати треба да се простува, па ете, Свети апостол Петар бил повеликодушен и рекол дали до седум пати треба да простуваме, Господ Исус Христос му рекол: „Седум пати, по седумдесет“ (сп. Мат. 18, 22), односно не е ограничен бројот за простување, туку секогаш и во секое време, на секого треба му се простат грешките и гревовите.

Некои луѓе велат: како да му простам на мојот брат, бидејќи кога јас ќе му простам, тој ја повторува грешката и ме доведува во опасност и јас да почнам да грешам како што тој греши? За таквите, браќа и сестри, Свети апостол Павле вели дека ние на луѓето треба сè да им простуваме доколку тоа зависи до нас, а ако ние сè сме простиле, а оној, на кого му е простено не се поправа, тогаш Свети апостол Павле вели дека  ние треба физички да престанеме со него да општиме, за да не паднеме во поголеми искушенија, но никако не смееме да престанеме духовно да општиме, односно да се молиме на Бога за него, за прошка на неговите гревови.

Во житијата на светите, има еден прекрасен пример за простувањето, во кој се говори како некој капетан, кој носел некој меченик на страдање во колосеумот, пред да пострада му рекол: „Eте ти се молиш на твојот Христос, во кого веруваш и за Него сакаш и животот да го дадеш, но Он како ќе ти помогне кога сега ти ќе пострадаш за Него?“ А маченикот му одговорил: „Длабоко верувам дека Господ ќе ми помогне да ти простам за тоа што ме водиш на мачење“. Овие зборови на еден маченик, кој оди на страдање и се моли за прошка на оној, кој него ќе го убие, се големи зборови. Но има и спротивни примери во животот на нашата Света Православна Црква. Имено, Свети Јован Милостив, Архиепископот на Александриската Црква, ни дава прекрасен пример, кој се случил во третиот век, во кој се вели како некој богат човек, кој имал прекрасно пријателство со еден христијанин, тоа нивно дружење и пријателство, се претворило во големо  непријателство и невидена омраза. Свети Јован Милостив, на сите можни начини сакал да ги измири, бидејќи  христијанинот веќе барал прошка од богатиот човек, но овој не сакал да му прости. Еднаш кога сите заедно биле на Божествена Литургија, и кога дошло времето да се изговорат зборовите од молитвата „Отче наш“: „И прости ни ги нашите долгови, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“ (сп. Мат 6, 12), Архиепископот наредил другите да престанат, а ги оставил само нив двајцата да зборуваат. И кога богатиот човек ги изговорил овие зборови, Свети Јован Милостив  му рекол: Точно ли е тоа дека ќе му ги простиш гревовите на овој твој брат, за да ти ги прости и тебе Господ нашиот Спасител? И тој тогаш се покајал и се поправил за својот дотогашен живот.

Има и еден друг пример, браќа и сестри, во кој се говори за еден свештеник по име Саприкиј, и еден певец во црквата, по име Никифор, кој бил певец, чие дружење и пријателство, се претворило во страшно непријателство. Свештеникот Саприкиј, бил голем подвижник и образец на чесен и праведен човек, но никако не можел да му прости на својот пријател. Кога Саприкиј бил осуден на смрт и поведен да биде изгорен на плоштадот на градот, тогаш кон него пристапил неговиот поранешен пријател Никифор, кој го молел да му прости, а овој не сакал. Кога и по третиот пат, го молел да му прости со зборовите: „Маченику Божји, прости ми за сè што ти згрешив“, а овој не сакал да му прости, тогаш конечно Господ му ја одзел благодатта т.е. силата Божја на Саприкиј, која Господ му ја дава на секој човек, и тој почнал да плаче и да бара од мачителите да го ослободат, и се одрекол од Христа, на што го молел неговиот поранешен пријател Никифор да не се одрекува. Тога Никифор рекол: „Денеска мора да има маченик за нашата Света Православна Вера! Јас сакам да пострадам за Христа!“. И место него, Никифор бил ставен на кладата и пострадал за Христа нашиот Бог и Спасител, како што на денешен ден, исто така, пострадал и Светиот маченик и архиѓакон Лаврентие, кој заради Христа, бил ставен на скара, како што месото се става на скара, за да биде испечен за Христа нашиот Бог и Спасител.

И кога веќе половината од неговото тело било изгорено, Свети Лаврентиј рекол: „Превртете го телото, оти веќе половината е испечено, за и другата половна да се испече, заради Христа нашиот Бог и Спасител“. И ете, тој на тој начин станал леб на Христа нашиот Бог и Спасител, зашто себеси се принел на жртва.

Па така, браќа и сестри, доколку ние сакаме да се спасиме, треба секогаш да им ги проштеваме долговите т.е. грешките и гревовите на наши, браќа и сестри, и да се молиме за нив. Ако така постапуваме, тогаш Господ ќе погледне на нас и ќе ни ги прости нашите гревови, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар