Дваесет и осма недела по Педесетница – Светa Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 25.12.2022 г., во Дваесет и осмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храмот Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„ Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците свои, а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците“ (сп. Јован 10, 11-12).

Денешниот славеник, браќа и сестри, Светиот Спиридон, епископот Тримитунтски, е добриот пастир, кој се угледал на Архипастирот, на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слегол од небесата и примил човечко тело, се изедначил со нас луѓето во сè, освен во гревот, за да нè подигне од гревот и од смртта и да нè врати во заедница со Бога.

Христос Спасителот, возљубени браќа и сестри, поставил апостоли, учители и наставници, кои ќе го пасат словесното стадо, односно ќе ги поучуваат верните во верата, како што слушнавме од денешниот Свет Апостол, каде беше кажано дека верните треба да ги почитуваат своите наставници, односно свештениците и епископите, и кон нив да се однесуваат како кон Христа, а ние свештените лица т.е. епископите, кои стоиме на местото на Христа, нашиот Бог и Спасител,  свештениците, на местото на Апостолите, и ѓаконите на местото на седумте ѓакони на раната Црква Христова, треба одговорно да ја вршиме својата служба.

Имено, сите ние имаме свои должности и секој треба одговорно да ја извршува својата должност. Епископот е оној, кој е поставен на првото место, на местото на Христа нашиот Бог и Спасител, а епископ или владика значи оној што гледа одозгора т.е. што надгледува како свештениците проповедаат, служат и ги учат верните, а исто така како ѓаконите си ја извршуваат својата ѓаконска служба.

Епископот со својот живот, треба да им покаже пример на свештенослужителите, но, и на верните како треба да живеат и да се однесуваат во Црквата Христова, како што вели Светиот апостол Павле: „Угледајте се на мене, како што се угледав и јас на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1).

Светиот апостол Павле, во сè се угледал на Христа со својот живот до таа мера, што за себе рекол: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20), зашто во сè угледал на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, браќа и сестри, како што слушнавме од Светиот Апостол и од Светото Евангелие, сите ние треба да ги исполнуваме своите должности според она што ни е дадено од Бога.

Во денешното Свето Евангелие, ги слушнавме зборовите: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3).

Кои се бедни по дух, браќа и сестри? Тоа се оние луѓе кои ништо не сметаат за свое, колку и да биле богати, туку сè што имаат, го сметаат за дар Божји, што ним им е даден, за преку тој дар да си ги спасат своите души, а и душите на своите ближни, како што тоа го правеле многу праведници, како во Стариот, така и во Новиот Завет.

Богатите луѓе, кои имале силна вера во Бога, како праведниот и многустрадален Јов, кој кога го изгубил сето богатство, а пред тоа истото го користел, за да помага со него на сираци, сиромаси, вдовици, болни и намерници, ништо од тоа тој не сметал дека е негово, па затоа кога ги изгубил: овците, козите, камилите т.е. крупната и ситна стока, рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов 1, 21). Исто така,  кога ги изгубил своите десет деца што ги имал, и тогаш рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов 1, 21). Но и кога неговото заболело од лепра и станало една голема рана, и тогаш не похулил на Бога, иако на тоа го убедувала неговата сопруга и неговите пријатели, да каже некој лош збор, да похули на Бога, па да умре, туку велел: „Зар кога Господ ни даваше богатство, камили, овци, стока и секаков друг имот, зар не Му благодаревме на Бога?, а сега кога дарот ни го зема, да хулиме на Него. „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (Јов 1, 21).

Така благочестив бил и Светиот патријарх Авраам, браќа и сестри, кој се покажал како најголем од сите како гостопримлив човек, па дури се удостоил во лицето на Тројца Патници т.е. Ангели Божји, кои ги претставувале Отецот, и Синот, и Светиот Дух, да Ги прими во својот дом и да Ги угости, и да му ја соопштат најрадосната вест дека неговата жена Сара, кој била неродкиња, дека ќе му роди син, кому ќе стави име Исак, кој е праслика на Христа нашиот Бог и Спасител.

Така и Јосиф од Ариматеја, кој бил богатиот човек, својот гроб што го подготвувал за себе, во кој никој не бил погребан, Му го подарил на Христа нашиот Бог и Спасител, во кој потоа Христос бил положен.

И во Новиот Завет имаме прекрасни случаеви, кога многу богати луѓе, својот имот го давале на оние што имале потреба од него, и на тој начин ги спасувале и своите души и душите на своите ближни.

Таков бил и нашиот славеник, Свети Спиридон, епископот Тримитунтски, кој навидум бил едноставен и прост човек, но мудар во душата и срцето. Свети Спиридон, прво бил свештеник, кој имал деца, но откако му починала сопругата, се замонашил, а потоа станал и епископ, откако бил избран и поставен за епископ во Тримитунт.

Свети Спиридон имотот што го поседувал, не го сметал за свој, како што денеска слушнавме од Светото Евангелие, во кое меѓу другото беше речено: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3). Тој себеси се сметал за беден, т.е. дека ништо не е негово, па дури и знаењето, туку дека сè е дар од Бога, браќа и сестри.

Па затоа се покажал како вистински пастир на своето стадо, односно на верните чеда што нему му биле дадени, кои ги поучувал во верата и ги повикувал секогаш во неделните и празничните денови, да бидат на молитва во храмот Божји.

Исто така и ние ве повикуваме и должни сме да ве повикуваме, бидејќи тоа е нашата должност, но дали вие ќе одговорите на нашиот повик, почесто да доаѓате во храмот Божји за да се молите, и сè што ќе слушнете на Божествената Литургија и на другите Свети богослужби да го впивате во вашите души и црца, како што сунѓерот ја впива водата, зависи од вас, бидејќи само на таков начин ќе живеете вистински литургискиот живот, во согласност со Светото Писмо, Светото Евангелие, Светото Предание и учењето на Светите Отци на Православната Црква.

Исто така, ќе укажеме на една случка од животот на Свети апостол Петар, кога се одрекол од Господ Исус Христос, Кој му претскажал дека додека петел три пати не запее, тој три пати ќе се одрече од Него. Ете, по Христовото Воскресението, на езерото Христос му пристапил на Свети апостол Петар и го прашал: „Ме љубиш ли Петре?“, а Свети апостол Петар одговорил: „Да, Те љубам Господи“ (сп. Јован 21, 15), а Господ му рекол: „Паси ги овците Мои“ (сп. Јова, 21, 15). Тоа значи поучувај ги во верата верните чеда што сум ти ги дал тебе.

Свети апостол Петар во тоа време проповедал не само во Јудеја, Сирија и Мала Азија, денешна Турција, туку и во Рим, тогашната царска престолнина на Римската Империја. И ете, повторно му вели: „Ме љубиш ли Петре“, а Свети апостол Петар одговара: „Да, Те љубам Господа, Ти знаеш Господи дека Те љубам“, и потоа Господ му вели: „Паси ги јагнињата Мои“. И по трет пат Господ Исус Христос му го вели истото, а Свети апостол Петар, тогаш се натажил во својата душа и рекол: „Ти Господи знаеш дека те сакам, се знаеш Господи за мене“, а Господ му рекол: „Паси ги овците Мои“ (сп. Јован 21, 17). И Свети апостол Петар вистински ги пасел овците свои, и за нив пострадал.

Како што кажавме на почетокот, добриот пастир си ја полага душата своја за своите овците, па токму и Свети апостол Петар за своите овци ја положил својата душа, кој по слегувањето на Светиот Дух на Апостолите, на Духовден, вдахновено им проповедал на верните и сите ја разбрале неговата проповед, па така крстил три илјади души, а при друга прилика крстил пет илјади души. И ете, како добар пастир, Свети апостол Петар во Рим ја положил својата душа, т.е. бил распнат на крст, но бидејќи се чувствувал недостоен рекол: „Не сум достоен да бидам распнат како Мојот Учител и Спасител Христос, туку со главата надолу, а со нозете нагоре“.

Браќа и сестри, нашата пастирска должност е голема и одговорна. Старозаветниот пророк вели: „Тешко мене ако не го проповедам словото Божјо“ (1. Кор. 9, 16). При друга прилика, од страна на Спасителот наш Господа Исуса Христа, е кажано: „Ако некој не го проповеда словото Божјо, тогаш Господ овците, т.е. Неговите духовни чеда-верниците ќе ги бара од неговите раце“, односно со други зборови ќе одговара за тоа што не го проповедал Словото Божјо. Но од друга страна одговорноста не е помала и на верните чеда, бидејќи тие ќе треба да го следат повикот на епископите, повикот Христов, на Светото Евангелие, зашто ѓаконот, свештеникот или епископот, кога го читаат Евангелието, не говорат во свое име, туку во името на Христа. Ние знаеме дека верните во мал број доаѓаат на богослужбите, иако истите ги служиме на разбирлив Македонски јазик т.е. проповедаме на Македонски, го читаме Апостолот и Евангелието на Македонски литературен јазик. Па така, браќа и сестри, ниту еден од верните не ќе може да се оправда на Страшниот Суд дека не е виновен за тоа што не знае ништо за верата.

Најучените луѓе во нашата Татковина Македонија, таканаречените интелектуалци, помалку знаат за верата, од оние најпрости верници, кои доаѓаат во Црквата секоја недела и секој празник. Зошто? Бидејќи оние учените се возгордеале и мислат дека ете тие се и од Господа попаметни, па затоа не доаѓаат на богослужбите, не ги следат богослужбите, не учат ништо за верата, туку мудруваат по човечки, односно по ѓаволски, па така, колку и да се учени и какви и титули да имаат (магистри или доктори), ако не ги знаат основните вистини за верата, и не ги исполнуваат во животот, нема да се спасат.

Затоа вие, браќа и сестри, должни сте да живеете според нашата Света Православна Вера, според Светото Писмо, според Светото Предание, според учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.

Возљубени браќа и сестри, овој светител, на кој денеска споменот му го празнуваме, ние имаме прекрасен пример. Кога Свети Спиридон им проповедал на луѓето, тој тоа не го правел само со зборови, туку го покажувал и со дела. И ете, при една прилика, кога на островот Кипар, завладеал голема глад, и луѓето не можеле да преживеат, тогаш некои богати луѓе, наместо со своето богатство да помагаат, тие сакале уште повеќе да се збогатат (тоа важи и за вас занаетчиите да знаете дека кога имате богатство дека тоа не е ваше, туку ви е дар од Бога, и со него треба да им помагате на луѓето). Ете, тогаш при таа прилика еден богат трговец си порачал од некаде жито (рж), неколку бродови дошле и рекол: „Нема сега да го продавам житото, зашто уште поголема глад ќе настапи, а тогаш повеќе ќе ја подигнам цената и ќе земам повеќе пари“. Дошол еден сиромав човек, кој, од глад, бил пред умирање со семејството, немајќи што да јадат, а овој не сакал ни да погледне на овој човек. Потоа овој сиромав човек отишол кај Свети Спиридон и му кажал дека нема што да јаде, а Свети Спиридон му дал сè што требало и му рекол: „Ќе дојде тој богатиот кај тебе да те моли, ти да си земеш колку сакаш од неговото богатство“. Овој сиромав не можел да го разбере тоа, но преку ноќта настанале тешки бури и од амбарите на оној богат човек, било однесено сето богатство, сето жито, и тој почнал да вика по народот: „Дојдете, помагајте да го спасиме житото“, а истовремено слушнал и глас Божји, кој му рекол: „Ова ти се случи, оти на оној сиромав човек не му даде да се прехрани“. И го молел тој човек да земе сиромавиот од богатството, како што му беше рекол Свети Спиридон: „Ќе те моли да земеш колку што имаш потреба“, но завршена била приказната, бидејќи богатиот го изгубил сето богатство, а оној човек потоа добил многу богатство, кое го користел за потреба на луѓето.

Па така, во тој дух, браќа и сестри, секој од нас е должен да ги исполнува Божјите Заповеди. Ние сме должни вас гладните, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, да ве нахраниме со Евангелието, со Словото Божјо, со Светото Писмо, со учењето на Светите Отци, а вие треба да го јадете тоа Божествено јадење.

Па така, браќа и сестри, да се помолиме на Светиот Спиридон, епископот Тримитунтски, по неговите свети молитви, Господ и нас да не облагороди, како што и тој бил облагороден како епископ, чие тело е нераспадливо и се наоѓа на островот Крф, во денешна Грција, кое мироточи и лекува.

По неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин.

Честит нека е празникот на занаетчиите т.е. вие што го празнувате Свети Спиридон, и трудете се да живеете онаков живот, каков што живеел и тој, бидејќи само така правилно ќе ги празнуваме празниците. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и новозеландски г. Петар