Значењето на Христовото раѓање за човечкиот род

Синот и Логосот Божји со раѓањето во утробата на Дева Марија стана Христос и Син Човечки. Извонредно забележува свети Атанасиј Велики кога вели: зашто Логосот Божји е Оној што произлезе од Девицата и како човек се појави на земјата (оὗτος (ο Λόγος του Θεού) γάρ ἐστιν ὁ ἐκ παρθένου προελθὼν καὶ ἄνθρωπος ἐπὶ γῆς φανεὶς).

Пророштвото на Соломон во Стариот Завет (Изр. 8, 22 – 23) како ветување и надеж за човекот Господ, односно дека Премудроста ќе се открие како човек, обновувајќи го човекот, се исполни во Новиот Завет со реалното воплотување во тело на Логосот Божји. Со зачнувањето и раѓањето, Логосот останува Непроменлива Икона на Отецот (ἀπαράλλακτος εἰκών τοῦ Πατρὸς). Истовремено, станува совршен човек (1. Петр. 2, 22).

Внимавајте, Логосот иако е бестелесен по природа, поттикнат од човекољубието и добрината на Отецот нѝ се откри со човечко тело заради нашето спасение. Не затоа што ние заслужуваме, туку поради Неговата голема милост. Свети Атанасиј зема повод од свети Апостол Павле (Евр. 2, 14 – 15) и истакнува дека Логосот Божји се роди за да умре. Преку воплотувањето на Бога Логосот се надмина смртта којашто влезе во човечкиот род со гревопадот на првосоздадените луѓе. Ни се дарува нов живот и надеж за воскресение.

Што значи за човечкиот род воплотувањето на Логосот Божји, Господ Исус Христос? Можност за облекување во “нов човек” и можност за станување “мали богови” по благодат.

Наближува празникот на Божјото Откровение, кога Бог им се откри на луѓето преку раѓањето во светот и историјата. Да го славиме роденденот на Логосот Божји на божествен начин, како што нѐ поучува свети Григориј Богослов. Духовно и литургиски. За да доликува на Оној што нѐ собра да празнуваме. Амин.

Асс. мр. Докторанд Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје