Велики Четврток – Света Архиерејска Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 29.04.2021 г., во Четвртокот од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Зоран Димовски и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот заедно со свештенството  ја отслужи Светата Тајна Елеосвештение, која соборно се служи секоја година на Велики Четврток.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„На Твојата Тајна Вечера денес, Сине Божји, прими ме за учесник, зашто нема да ја откријам Тајната на Твоите непријатели, ниту ќе Ти дадам целив како Јуда. Но, како разбојникот Те исповедам; Спомни си за мене, Господи, во Царството Твое!“

Велики Четврток, браќа и сестри, е голем и спасоносен празник, на кој Христос нашиот Бог и Спасител, заради нас и заради нашето спасение, ги зеде гревовите на светот, за да го спаси човечкиот род од гревот и смртта.

Од Светото Евангелие и од Светиот Апостол слушнавме, како Господ им ги проштевал гревовите на грешниците, како што и ги простил и на жената грешница, која со миро Го помазала Христа, кога апостолот Јуда (Искариот) рекол дека не е добро да се растура тоа богатство, мислејќи на мирото, туку истото да се продаде и со парите да се помогнат сиромасите. Тој ова, браќа и сестри, го рекол, не дека бил загрижен за сиромасите, туку напротив, затоа што крадел пари од црковна каса, па ако тие пари,  за тоа скапоцено миро, влезеле во касата, тој ќе можел и од нив да украде.

Ете, се приближува времето за предавството на Господа Исуса Христа. Господ со Своите Ученици веќе пристапува кон Пасхата, која е за Него приготвена, на која укажува дека Синот Човечки ќе биде предаден и убиен. Тогаш Учениците Негови Го прашуваат, кој е тој што ќе Го предаде, а Господ им вели: „Оној, што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде“ (сп. Мат. 26, 23). Потоа, кога сите еден по еден Го прашувале Христа да не сум јас, кога дошло времето и Јуда да праша, Господ му рекол:  „Ти рече!“ (сп. Мат. 26, 25).

Потоа, Јуда заминал да Го предал Господа Исуса Христа за триесет сребреници, како што пророкувал Светиот славен пророк Исаија.

Христос нашиот Бог и Спасител, со Своите Ученици, отишол на Елеонската Гора, а потоа и во Гетсиманската Градина, каде што три пати се молел. Додека Спасителот се молел, Неговите Ученици биле понастрана од Него, не можејќи да го издржат ни првиот дел од молитвата, бидејќи им натежнале веѓите и заспале. Спасителот Христос тогаш им вели на Апостолите: „Tелото е слабо, а духот е цврст“, а потоа повторно оди да се моли, а тие повторно заспиваат.

Првосвештеничката молитва на Господа Исуса Христа во Гетскиманската Градина, е молитва на Синот Божји, Кој како човек се обраќа до Отецот.

Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Го моли Отецот да Го одмине чашата на страдањата со зборовите: „Отче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти“ (сп. Мат. 26, 39). И по трет пат Учениците Негови спијат и Спасителот наш Господ Исус Христос ја завршува Својата Првосвештеничка молитва.

Понатаму, првосвештениците и војската, со помош на Јуда Го фаќаат Христа, и Христос е веќе во рацете на Неговите непријатели. Јуда Неговиот ученик, Го предава со целив, а Христос потоа е изведен на суд пред првосвештениците Ана и Кајафа.

Никој, браќа и сестри, не нашол оправдан збор, за да Го обвини Христа нашиот Бог и Спасител дека за нешто е виновен, но затоа, пак, се нашле двајца лажни сведоци, кои лажно сведочеле дека Он рекол оти ќе го разруши храмот т.е. тие мислеле на Ерусалимскиот храм, а Христос говорел за Неговиот храм т.е. за Неговото Свето Тело, дека за три дена повторно ќе го подигне, односно ќе го воскресне Своето Тело, кое тие ќе Го убијат. Тогаш од првосвештениците бил одуден, а во меѓувреме Свети апостол Петар, три пати се одрекол од Него, не затоа што сакал да се одрече од Христа, туку затоа што сакал да види што ќе се случува со Него. Кога Христос излегувал од судот кај Ана и Кајафа, бил доволен само само еден поглед за Свети апостол Петар да се сети на зборовите Христови: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Марко 14, 30), за кое нешто Свети апостол Петар горко плачел.

И со тоа почнува страдањето на Христа нашиот Бог и Спасител. Таму некаде во преторијата имало на средината поставен еден висок столб, на кој столб биле врзувани и измачувани сите грешници, престапници и разбојници. Тука на тој столб, со вериги бил врзан и Христос нашиот Бог и Спасител и со камшици бил биен по Неговите плеќи, како што пророкувал Светиот псалмопевец Давид, велејќи:  во 128-от пслам во третиот стих, каде што вели: „Ете, по плеќите Мои ораат орачите и направија големи бразди“ (сп. Псал 128, 3), а тоа всушност се браздите на плеќите Христови, кои се покажале од раните што биле направени од камшикувањето.

Понатаму, Христа нашиот Бог и Спасител, Го плукаат и шамарат по образите, а Он не Го крие Своето Лице, туку Го нуди да биде тепан, плукан, шамаран.

После сето тоа, Христос нашиот Бог и Спасител, е исмејуван со тоа што Него сакаат да Го претстават како цар, па затоа Му облекуваат багреница, односно црвена пурпурна наметка, како што неселе царевите, сакајќи со тоа да Го понижат, а со тоа всушност го покажале нивното, а и нашето лицемерие кон Христа нашиот Бог и Спасител. Потоа Спасителот Христос е камшикуван, тепан и исмејуван, но Неговото страдање не завршува со тоа, бидејќи понатаму бил прогласуван како цар, кога на главата Му ставиле бодликав венец, кој го положиле на Неговата глава и силно го притискале, за длабоко да навлезат трњето од боцките во Неговата глава, од кои течело крв по Неговото Тело, а потоа Го предале на Пилата, за да Го суди и осуди.

Возљубени браќа и сестри, никој не успеал да докаже ниту една вина против Христа нашиот Бог и Спасител. Тоа го потврдил и самиот Пилат, кога им велел дека не нашол во Него никаква вина, па затоа кога тие бараат да биде осуден, тој им вели: „Мислете му вие“ (сп. Мат. 27, 24). И не само тоа, ете, дури и Јуда, кој Го предал Христа, нашиот Бог и Спасител, кога ги фрлил сребрениците во храмот, откако Го предал Христа, рекол: „Предадов праведна крв“ (сп. Мат 27, 4), што значи ни Јуда неговиот предавник, не Го обвинил дека е виновен за било што Спасителот наш Господ Исус Христос.

И не само тие, туку и жената на Пилат, која била многубошкиња, сонувала сон и му пратила порака на Пилат велејќи му: „Немој да го убиваш тој праведник, зашто ноќеска многу пострадав за Него“ (сп. Мат. 27, 19).

Црквата Христова, браќа и сестри, најверојатно неа и ќе ја прогласи за светителка, бидејќи таа жена во сон добила видение дека се предава на смрт Спасителот наш Господ Исус Христос. Па затоа, сето ова што се случило на Велики Четврток, она што го направил Господ Исус Христос за нас, а тоа е Неговата Искупителна жртва, кога Спасителот, како што вели Светиот пророк Исаија, заради нас и заради нашето спасение, бил измачуван и страдал, односно ги зел врз Себе нашите гревови и ги понел нашите слабости (види Иса. 53, 4).

Христос нашиот Бог и Спасител, заради нашиот мир, пострадал. Во Него не се нашла никаква вина, па затоа Христос со Своите страдања, измачувања и со исмејувањата што биле врз Него, носејќи ги гревовите на светот, го ослободил човекот од гревот и смртта и го воскреснал од мртвите за вечен живот и вечно спасение.

Затоа нашата Света Православна Црква, на овој голем и спасоносен празник, Велики Четврток, си спомнува за овие битни нешта т.е. дека Христос им ветил на Своите Свети Апостоли дека никогаш нема да ги остави, односно дека ќе биде со нив до крајот на светот и векот. Спасителот тоа го потврдил со востановувањето на Светата Тајна Евхаристија, кога на Тајната Вечера, покажал на Лебот и рекол: „Ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за прошка на гревовите“ (сп. Лука 22, 19)“, а потоа покажал на чашата во која имало Вино и рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева за прошка на гревовите. Ова правете го за Мој спомен!“ (сп. Лука 22, 20).

Спасителот Христос, браќа и сестри, како што слушнавме од Светото Евангелие, вели: „Вие ќе ја споменувате Мојата смрт, до Моето доаѓање“. И токму Светата Божествена Литургија, ќе се извршува за спомен на Христа нашиот Бог и Спасител, сè до Неговото повторно доаѓање, а потоа ние ќе ја јадеме Пасхата, секако ако ја заслужиме, во Царството Небесно, односно во рајот.

Па така, празнувајќи го овој голем и спасоносен празник, да си спомнеме дека Христос дојде во светот заради нас и нашето спасение. Затоа и Самиот Он го кажува тоа и во параболите дека дошол да го спаси она што е загубено т.е. да ја спаси загубената овца, оставајќи ги деведесет и деветте овци на сигурно. Христос знаел колку е скапа душата човечка, па затоа Он ја бара загубената овца. Знае Христос колку е тешко да се изгуби заблудената овца, како што вели Светиот пророк Исаија дека ние бевме како заблудени овци и секој тргна по својот пат, а Христос заради заради нашите гревови и заради нашето спасение, ги зеде гревовите врз Себе.

И ете, Христос ревнуваше по загубената овца за да ја врати при Себе и конечно да се зарадува затоа што ја нашол. Па и ние секако, ако се вратиме од нашиот грешен пат, од нашата гревовност, не да се грижиме повеќе за телото, туку за душата, зашто е кажано дека колку што е телото од облеклото поважно, толку е душата од телото  поважна.

Па така, душата е најважното и најскапоценото нешто, зашто е кажано дека и цел свет човекот да го придобие, а на душата Своја ако и напакости, тогаш ништо не добил. Па затоа да се помолиме на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој заради нас и заради нашето спасение слезе од небесата, се воплоти од Светиот Дух и пострада заради  нас и нашето спасение.

По молитвите на Мајката Божја и на Сите Свети, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар