Шеста недела по Пасха (Недела на слепиот) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Битола

На 06.06.2021 г., во Шестата недела по Воскресението Христово, посветена на слепиот, кога го празнуваме споменот на Преподобен Симеон Столпник Дивногорец, Преподобен Никита Столпник и споменот на Светиот маченик Мелетиј Стратилат и 1218 војници со жени и деца, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Додека сум во светот, Јас сум светлина на светот“ (сп. Јован 9, 5).

Браќа и сестри, од денешното Свето Литургиско Евангелие, слушнавме за чудото што го направил Спасителот наш Господ Исус Христос кога дошол до храмот за да влезе, а пред храмот имало еден човек, кој бил слеп од раѓање. Овој слеп човек не отишол кон Господа, туку Господ Исус Христос отишол кон него и го прашал дали сака да прогледа, а тој рекол: „Да Господине сакам да прогледам“. Тогаш Господ плукнал на земјата, направил кал, му ги намачкал очите со калта и му рекол: „Отиди во бањата Силоам, што значи испратен, изми се таму и ќе прогледаш“ (сп. Јован 9, 7). Така и направил слепиот од раѓање, и прогледал.

Кој, браќа и сестри, најмногу се расрдил на ова чудо. Тоа биле, книжниците и фарисеите, кои Господа Исуса Христа не сакале да го признаат за Месија, за Спасител, за Син Божји, Кој дошол од небесата за да го подигне паднатиот човек, односно да го врати во заедница со Бога. Тие негодувале и велеле: „Кој е овој и како може грешен човек да лекува и тоа во сабота?“ Ете, токму заради сите овие нешта што се случиле во оваа недела, која ја именуваме Недела на слепиот, т.е. на слепородениот, должноста како Архипастир, Ни наложува да го појасниме денешното Свето Евангелие.

Имено, ние знаеме дека луѓето што се слепи, се многу несреќни луѓе, а за тоа говори дури и еден познат германски писател, кој вели: „Да умре човек не е ништо, но да биде слеп, нема поголема несреќа од тоа“, рекол Шилер.  И навистина да не ги гледа убавините на овој свет, да не го гледа сонцето, месечината, ѕвездите, планетите, да не ги гледа горите, шумите, полињата, цвеќињата и сè што создал Господ, реките, потоците, езерата, островите и океаните, тоа е голема несреќа.

Браќа и сестри, дури и еден руски писател Коваленко, објаснува во неговото дело, кое говори за слепиот музичар, кој не верувал во Господа. Но тој при една прилика, кога слушнал како луѓето велат: „Дајте на слепите да им дадеме помош“, во неговата душа и срце, се појавил силен порив и тој се променил наеднаш и поверувал во Господ и потоа станал еден од големите верници.

Возљубени браќа и сестри, навистина телесната слепотија е опасна работа и сите ние ги сожалуваме луѓето што се слепи, што не можат да го видат овој свет, што не можат да ги видат можеби своите родители како и овој слеп човек од раѓање, што не можел да ги види своите родители, роднините, браќата, сестрите, блиските, пријателите и сета убавина што ја создал Господ.

Покрај оваа телесна слепотија, браќа и сестри, постои уште една друга слепотија или слепило, кое се вика духовно слепило.

Кои се луѓето што се духовно слепи? Духовно слепи се горделивите луѓе, односно оние што мислат дека се најпаметни, што сите ги пониужуваат, ги срамотат. Тие се оние кои се на власт и ги понижуваат подчинетите; кои се на високи работни места и ги малтретираат своите вработени. Исто така, духвно слепи се оние, кои живеат во големи гревови, односно блудниците, прељубодејците, крадците, разбојниците. Исто така големи духовни слепци се и оние, кои постојано прават сè што е недостојно на овој свет. И токму заради тоа Господ и го направил ова чудо, за да појасни меѓу другото како луѓето пред сè треба да се излекуваат од духовното слепило, а не само од телесното.

Господ на овој ден направил двојно чудо: го излекувал болниот од неговото телесно и духовно слепило, зашто при првата прилика откако го излекувал телесно, кога го нашол, откако слушнал дека го избркале од храмот го прашал дали верува во Синот Божји, а овој рекол: „Кој е Господи за да поверувам во Него?“ (сп. Јован 9, 36), а Господ му рекол: „Си Го видел и Го знаеш и овој што зборува со тебе, Он е Синот Божји“ (сп. Јован 9, ), а тој одговорил: „Да Господи верувам“ (сп. Јован 9, 38), и Му се поклонил на Господа Исуса Христа“.

Земјата на која плукнал Господ и од која направил кал, ја означува нашата телесна природа, браќа и сестри, и укажува на тоа дека сме од земја создадени и во земјата ќе се вратиме откако ќе умреме, и таму ќе бидеме до Второто Христово доаѓање ,кога сите ќе воскреснат од мртвите и на сите ќе им се даде награда или казна според делата што ги направиле.

Бањата Силоам, каде што го пратил Господ Исус Христос да оди и да се измие слепородениот, значи пратн. Кој е пратениот? Пратениот „Силоам“ е Самиот Спасител Господ Исус Христос, Кој е испратен од Отецот на земјата за да ги спаси луѓето од гревот и смртта, а водата во бањата, пак, е праслика или праобраз на Светата Тајана Крштение, зашто ние, преку Светата Тајна Крштение, која ја правиме со вода, се очистуваме, најнапред од нашиот првороден грев и од сите гревови што сме ги направиле, а исто така и од гревовите на нашите родители и предци.

Појаснувањето за ова чудо, што го направил Спасителот, е веќе кажаното.

Веднаш, браќа и сестри, се поставува и прашањето како луѓето да поверуваат дека постои Бог? Има повеќе начини. Првиот и основен начин е да поверуваме и да видиме со нашите духовни очи дека Господ постои преку сè што е создадено. Кога ќе погледнеме дека постои сонце, месечина, планети и ѕвезди,  дека постојат планини, шуми, потоци, реки, езера, океани, мориња, разни животни, птици небесни и морски риби и секакви животни во морињата и океаните, тоа е доволно за паметен човек да размисли и да рече дека ова само од себе не можело да постои, туку некој ум го создал, а умот што ги создал сите убавини во светот е совршениот Ум, Бог Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Кој по својата природа е совршен, а по Своето пројавување во светот е Троичен, Отец, и Син, и Дух Свет.

Па исто како што без сонцето нема телесен живот на земјата, исто така, без Сонцето на правдата, Христа нашиот Бог и Спасител, Кој (како што кажавме на почетокот) рекол: „Додека сум Јас во светот, Јас сум светлина на светот“ (сп. Јован 9, 5), нема духовен живот. Конечно, духовниот живот на луѓето зависи од тоа дали тие веруваат во Бога и дали тие живеат според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на нашата Света Црква изразено преку учењето на Светите Отци.

Па така, браќа и сестри, ако некој мисли дека Господ не може да се види, тој се лаже себеси. Господ се гледа како што рековме, преку видливата природа што ја создал, преку која можеме да заклучиме и констатираме дека Он постои.

Дали ние можеме да Го видиме Бога во Неговата природа, како е Он совршен? Како суштествува? Не можеме, зашто Господ рекол: „Не може човек Мене да Ме види, а жив да остане“ (сп. 2. Мој. 33, 20). Не може човек да Го види Бога во Својата природа, во Својата суштина како Бог, и да жив остане, но може да Го види Бога, преку Светата благодат или светлината Божја, преку небесните несоздадени светлини, кои се благодатта Божја, која нам ни се дава. Преку таа благодат, човекот може да Го види Бога.

Како се случува тоа? Тоа може да се случи на начин кој што е докажан, а тоа е човекот да се ослободи од своите гревови. Кои се луѓето што го гледаат Бога преку светлината, преку благодатта Божја. Ние имаме еден Свет отец од нашава земја, од Македонија, а тоа е Свети Григориј Палама, кој живеел во четиринаесеттиот век во близината на градот Бер или Верија на грчки кажано, во манастирот посветен на Свети Јован Крстител. Свети Григориј Палама, живеејќи таму во тихување, во мир, гледајќи преку правецот на папокот што се вели, размислувајќи за Бога, односно созерцавајќи Го или согледувајќи Го Бога, успеал на тој начин да отстрани од својот ум, секакви мисли, помисли, фантазии, и од срцето секакви чувства, похоти и страсти за овој свет, и сиот свој ум и сето свое срце и сите свои чувства ги насочил кон Бога и само на Бога мислел и само името Господово го изговарал со зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј ме грешниот“.

Оваа молитва ја кажувал во себе и дење и ноќе, и кога работел, и кога се движел, и кога спиел, и кога јадел, односно непрестајно дваесет и четири часа во текот на денот и ноќта. Ете, овој Божји угодник практично, преку умносрдечната молитва т.е. преку молитвата на умот и срцето, докажал во тоа време дека истата била практикувана уште од најрано време, т.е. од времето на Господ Исуса Христа, зашто и самиот Свети апостол Павле рекол: „Само пет збора сакам да кажам во храмот Божји од кои ќе имаат полза браќата, отколку илјада зборови да кажам на неразбирлив туѓ јазик, зашто тогаш мојот ум се моли, ама браќата од тоа немаат полза“ (сп. !. Кор. 14, 19). И токму тие пет зборови се содржани во оваа молитва, наречена умносрдечна.

Што значи, ако ние сакаме да знаеме дека Господ ги лекувал луѓето од телесни болести, треба да си спомнуваме на зборовите на пророкот Исаија, кој вели дека Он ги лекувал слепите, а во Новиот Завет, имаме на многу места во Евангелијата, ете ќе спомнеме кај Светиот апостол и евангелист Матеј, дека Спасителот Христос излекувал двајца слепи. Истото тоа се сретнува, во Капернаум, потоа во Витсаида, каде излекувал повторно двајца слепи, а Господ излекувал двајца слепи и во Ерихон. А еве во Ерусалим го излекувал овој од раѓање слеп човек.

Сите што Спасителот Христос ги лекувал, прво ги лекувал од нивното духовно слепило, а духовното слепило рековме дека е гревот и гревовната состојба, па затоа Господ велел: „Ти се простуваат гревовите, оди и повеќе не греши“, што значи кога ќе му се простат на човекот гревовите, кога ќе се ослободи од гревовите, односно кога ќе признае дека згрешил, кога ќе плаче за направените гревови, како детето што плаче кога ќе скрши или направи нешто лошо, кога ќе пролее многу солзи и направи добри дела спротивни на гревовите што ги направил, тогаш на тој начин, човекот го чисти своето срце.

Затоа е и кажано во петтата заповед на блаженствата: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8), што значи не можат да го видат Бога, оние што немаат чисти срца, што живеат во гревови. Треба да ги очистиме срцата, за да го видиме Бога. Треба да ги просветлиме умовите, за да го видиме Бога, а тоа значи да се просветлат умовите?

Да стражариме и да не дозволиме во нашите умови да влезат, браќа и сестри, никакви грешни мисли, помисли и секакви фантазии, кои се разговори со тие грешни мисли и помисли што ни ги праќа или ѓаволот или преку тоа што ќе видиме со очите лоши работи или ќе слушнеме лоши работи со ушите. Кога ќе почнеме со тоа да се занимаваме, тогаш ние грешиме со вид, грешиме со слушање, грешиме со мисли, грешиме со помисли, грешиме со фантазии, грешиме со нашите чувства, грешиме со похотите, страстите и најпосле и со грешните дела.

Ете од тоа треба да се ослободиме т.е. да ги очистиме срцата и да ги просветлиме нашите умови, а тоа треба да го направиме преку исповед пред свештеното лице. Тогаш, браќа и сестри, се доаѓа во храмот Божји и се прима Светата Тајна Евхаристија, Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е Светлината, која ги очистува нашите души, и од нашите грешни похоти и страсти.

Има многу луѓе на разни положби, што гледале многу чуда и работи, но биле духовно слепи, како што биле фарисеите и садукеите за кои денеска слушнавме во Светото Евангелие.

Исто така, и еден од учениците Христови, Јуда Искариотски кој, иако ги гледал чудата што ги правел Господ Исус Христос, сепак не верувал, бидејќи бил духовно слеп. Ние денес се прашуваме да Го видиме Бога, без да веруваме во Него и да ги очистиме нашите души и срца.. Секој што има чисто срце и просветлен ум, го гледа Бога, а тоа се луѓето што се обожиле, а обожените луѓе се светителите. Тие практично, мислејќи постојано на Бога, говорејќи ја постојано молитвата: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј ме грешниот“, и постојано насрчувајќи го својот ум, своите чувства, своите желби, своите мисли кон Бога, Го чувствувале Бога и преку Светата благодат Го гледале Бога, но не Го гледале во Неговата суштина, туку во благодатните Божји пројави.

Во Стариот Завет, Бог се јавувал на различни начини, не во тело, како што бил случајот кога ги спасувал евреите во Египет, кога минувал како облак и.т.н.

Многу, други светители, кога се просветиле, успеале да Го видат Бога, како Светите Апостоли Јаков, Јован и Петар, на Преображението Господово на гората Тавор. Свети апостол Павле Го видел Бога, уште преда да биде крстен, кога Господ го турнал од коњот, кога тој одел за Дамаск да ги гони христијаните, не дека не верувал во Бога, туку ревнувал, ама не го знаел вистинскиот Бог. Откако Го познал Бога и поверувал, тој се крстил и станал најревносниот апостол на нашата Света Црква.

Па така, образец на оние кои се просветиле и ги очистиле душите и срцата и се обожиле, е Мајката Божја, Пресвета Богородица. Таа е вистинскиот образец уште пред да се всели во неа Светиот Дух при зачнувањето на Господа Исуса Христа, кога и било соопштено од Ангелот Божји дека ќе зачне и ќе Го роди Синот Божји, таа веќе била чиста и обожена, односно можела да Го гледа Бога. Па така и ние, колку повеќе ќе бидиме чисти со срцата и просветлени со умовите, толку повеќе ќе можеме да Го видиме Бога и да се ослободиме од духовното слепило. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар