Петок од Првата седмица во Великиот пост – Света Литургија на Претходноосветени Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 19.03.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја, Блажениот Јов и споменот на Светите маченици Конон таткото и Конон синот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Гоце Велјановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, благоволи да отслужи Света Литургија на Претходно осветените Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Светињата е за Светите!“

Оваа Света Божествена Литургија, што денес ја отслуживме, а пред тоа во средата ја отслуживме првата Литургија на претходно осветените Дарови, е всушност вечерна богослужба, на која осветените Дарови или Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, беа осветени во Сирната седмица.

Светата Православна Црква, во средата и петокот од оваа седмица, на своите духовни чеда им ги нуди Светите Дарови, заради преголемата ревност што тие ја покажуваат кон верата и нивната желба да не се одвојат на подолго време од Христа нашиот Бог и Спасител, односно од Неговите Свети Тајни, од Неговите Свето Тело и Неговата Света Крв т.е. Причесната.

Токму затоа, Света Црква, како грижлива мајка има љубов кон верните и не сака да ги лиши од Причесната, особено оние кои тримират и покажуваат голема ревност во Велигденскиот пост, како и малите дечиња.

Тримирењето доаѓа од грчкиот збор τρει ημέρα (три дена) и означува три дена да не се јаде и да не се пие ништо, како подвиг да се следи Христовиот пример, Кој четириесет дена и четириесет ноќи не јадел и не пиел ништо и ни покажал прекрасен пример дека и ние треба да постиме. Ете, некој од нашите верници тоа го прават и три дена не јадат и не појат ништо, односно во понеделникот и вторникот, а во средата по Причесната, земаат еден оброк, а потоа продолжуваат да не јадат и да не пијат ништо до петокот т.е. до оваа Литургија на Пораноосветените Дарови. Утрешниот и задутрешниот ден, се првите денови, во оваа седмица, во кои се јаде храна со масло, но не и риба. Риба се јаде само два пати во Велигденскиот пост, а тоа се деновите на Благовештение, кога Мајката Божја, ја добила радосната вест од Ангелот Божји дека ќе зачне и ќе Го роди Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, и на Цветници, кога Христос нашиот Бог и Спасител влегол во Ерусалим и бил пречекан како цар, не како политички цар, туку како духовен цар, чие царство е на небесата, а не на земјата.

Затоа нашата Света Црква, на своите верни чеда, во оваа седмица им ги нуди Светите Тајни, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Тоа значи оние што денеска ќе се причестат, треба да знаат дека тоа го прават со цел да искажат почит кон Христа нашиот Бог и Спасител, Кој четириесет дена не јадел и не пиел ништо.

Овој Велигденски пост, браќа и сестри, се пости на вода, освен во саботите и неделите, кога постот се разрешува на масло и морски плодови. Денеска имаме разновидна посна храна и воопшто не е тешко да се пости, но треба да знаеме дека вистинскиот пост е недонајадување. Кај нашиот православен народ има една прекрасна поговорка, во која се вели: „Кога ти е најслатко јадењето, тогаш да престанеш“. Што значи, да не се наполни стомакот изобилно со храна, зашто кога телото е добро нахрането, тогаш тоа бара да ужива. Не случајно е кажано, кога станува збор за животните дека јачменот трчал, односно кога со јачмен ќе ги нахранеле коњите, тогаш тие силно трчале. Исто се вели и за оние што пијат алкохол, во изобилство (пијаниците), дека ракијата викала.

Во овој пост, ние не треба да постиме не само телесно, туку и духовно, како што многумина православни христијани за жал акцентот го ставаат претежно на телесниот, а не на духовниот пост.

Во оваа прва седмица, од Велигденскиот пост, ние го читаме Канонот на Свети Андреј Критски, во кој се наоѓаат прекрасни духовни песни, во кои се говори како треба вистински да се пости. Во канонот се говори како многумина старозаветни луѓе и цареви, вклучувајќи го и Светиот пророк Давид, кога ќе се препуштеле на телесните уживања и наслади, веднаш ги стигнувала Божја казна, а кога ќе ја препознаеле казната Божја, како опомена дека треба да се вратат на правиот и вистински пат, преку покајни солзи се ослободувале од гревовите. Еден духовник вели: Оној што ќе пролее толку солзи, со кои што ќе може да се избања, нему ќе му бидат простени гревовите. Не случајно се вели дека Светиот славен пророк Давид, секоја вечер со солзи ја натопувал својата перница, за направените гревови, а како израз на тоа длабоко покајание го напишал 50-от покаен псалм.

Преку 50-от псалм, Светиот пророк Давид длабоко навлегол во својата душа и ги согледал своите гревови, своите грешни однесувања и постапки, за кои плачел и барал прошка од Бога.  Овој славен цар, од голем грешник, станал светител т.е. еден од најславните цареви и пророци на Светата Православна Црква, кој во своите псалми пророкува за Жртвата над сите старозаветни жртви, односно за Христовото распнување на Крст и пролевањето на Неговата Света Крв за прошка на нашите гревови. Спасителот Христос со својата смрт, смртта ја уништи, а со Своето Воскресение ни покажал пример дека и ние ќе воскреснеме, при Неговото Второ Доаѓање, кога на секого ќе му се даде според делата.

Во овој Велигденски пост, ние, кои постојано доаѓаме во храмот Божји, имаме можност да го слушнеме скоро целото Свето Писмо. Во изминатите подготвителни недели, почнувајќи од Неделата на Закхеј, Неделата на митарот и фарисејот, Неделата на блудниот син и Месопусната недела, кога се чита Евангелието за Страшниот Суд, нашата Света Црква, со прекрасни примери нè подготвува(ше) за Велигденскиот пост.

Во Првата недела од Велигденскиот пост – во Неделата на Православието,  Црквата ја прославува победата на Православието над сите ереси, односно погрешни учења, што се случиле во нашата Света Православна Црква, напоменувајќи ни некогаш повторно да паднеме во истите ереси.

А во Втората седмица, која е посветена на Светиот Григориј Палама, архиепископот Солунски, Црквата ни ја нуди Исусовата молитвата или молитвата на срцето: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот“. Оваа молитва, треба да ја кажуваме секогаш кога нашиот ум, срце и душа, ќе бидат нападнати со големи искушенија и потешкотии.

Многумина од луѓето велат: „Незнам како да го пополнам празното време“. Еве, браќа и сестри, добар начин за пополнување на празното време. Наместо човекот да фантазира и да му прави друштво на ѓаволот, нека ја кажува Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот“. Кога имаме маки, страдања и искушенија, да Го повикуваме Спасителот со зборовите: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот“. Од таа гледна точка, не случајно Свети апостол Павле рекол: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20), затоа што секогаш во неговата уста, во неговото срце и во неговата душа, била присутна оваа молитва, т.е. името на Христа нашиот Бога и Спасител.

Свети Игнатиј Богоносец, кој откако маченички пострадал во Рим и биле оставени неизедени само неговите коски и срцето, кое кога го пресекле, во него биле испишани зборовите: „Исус Христос“, затоа што Христос постојано Го носел во своето срце.

Во Третата седмица од постот, во средината од храмот се изнесува Крстот Христов, на кој Спасителот Христос пострада и ја пролеа Својата Света Крв. На тој начин, преку Крстот Христов ние добиваме духовни сили да се избориме со сите искушенија во Велигденскиот пост. Никој од нас, браќа и сестри, не треба да се занесува и да мисли дека сам може да направи нешто добро. Христос рекол: „Без Мене не можете да правите ништо” (сп. Јован 15, 5).

Па ете, во Четвртата седмица од Велигденскиот пост, која е посветена на Светиот Јован Лествичник, ни се покажува Лествицата, односно скалата за нашето духовно искачување кон небесата, преку пост, молитви, милостина и подвизи.

Во Петтата недела од Велигденскиот пост, нашата Света Црква, ни го нуди примерот Светата Марија Египетска, која од најголема блудница, која го продавала своето тело, станала светителка. Животот и примерот на Света Марија Египетска, треба да им послужи на многу млади девојки, кои за пари ги продаваат своите тела, заборавајќи на Христовите зборови, искажани преку устата на Свети апостол Павле: „Зар не знаете дека телата ваше се храмови на Светиот Дух!“

Телото наше треба да биде храм, а не срам на Светиот Дух. Во нашите тела треба да живее и обитава Светиот Дух, благодатта Божја, несоздадените Божествени енергии, преку кои нашата душа е вистински жива.

Потоа доаѓа Христовото влегување во Ерусалим или празникот Цветници, кога Спасителот Христос со голема чест и радост е пречекан од сите, па дури и од децата кои пееле: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово“(сп. Мат. 21, 9). Откако Христос влегол, а пред тоа го видел Ерусалим и неговата убавина, се расплакал, знаејќи дека ќе дојде време кога ќе треба да биде разурнат до темели, а тоа е Неговото второ плачење, бидејќи првото е само еден ден пред тоа, на Лазарева сабота, кога Му соопштиле дека умрел Неговиот пријател Лазар, братот на Марта и Марија.

Ете, браќа  сестри, потоа следува Страсната седмица, на страстите т.е. на страдањата на Спасителот наш Господа Исуса Христа, на предавството на оние што пред тоа викале: Осана на Синот Давидов, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово“ (сп. Мат. 21, 9).

Ете, Господ кажал дека тие што викаат и Го пречекуваат како цар, ќе Го распнат на Крст.

Целта на овој Велигденски пост, браќа и сестри, не е постот. Постот е средството, и начинот како ние се подготвуваме за најголемиот Празник, Празникот над празниците, Христовото Воскресение.

Свети апостол Павле вели: „Ако, пак, Христос не воскреснеше, тогаш празна е нашата проповед, празно е Евангелието, празна е и вашата вера (сп. 1. Кор. 15, 14).

Ако нема воскресение на мртвите, ако нема вечен живот, ако нема задгробен живот, ако нема Царство Небесно, кое вечно трае, сè е попусто, па дури и животните имаат предност пред нас луѓето, кои сме најразумни суштества на овој земен свет.

Токму затоа е востановен овој Свет Велигденски пост, за ние, браќа и сестри, да се воздржуваме од сè што е грешно и недостојно.

Понатаму исто така, да не дозволуваме во нашиот ум да влегуваат грешни мисли,  туку истите треба да ги бркаме и да не ги прифаќаме, бидејќи не се наши, туку се од ѓаволот. Зошто самоубијците се самоубиваат? Се самоубиваат, бидејќи мислат дека мислите што ѓаволот им ги внесува во нивните умови и срца, се нивни. Но ако знаат дека се туѓи и дека ѓаволот сака да се самоубијат, тие нема да се самоубијат. Ама мислејќи дека тоа се нивни мисли, тие тргнуваат во таа насока да си го одземат животот. Секогаш кога ќе забележите некој да живее во некој свој свет, на таквиот веднаш помогнете му, оти ѓаволот му внел лоши мисли да се самоубие, а самоубијците не можат да го наследат Царството Небесно.

Затоа ние, браќа и сестри, треба да се пазиме од грешните мисли во умот. Денес ние пеевме една песна, во која се вели: „Постави Господ стража во мојата уста“, а тоа значи мојата совест и мојот ум разбуди го, за да не дозволувам да влегуваат во него грешни мисли. Штом не се согласувате во вас да влезат грешните мисли, не сте направиле грев со мисла, не сте направиле грев со помисла, но ако на мислата и додадете и слика за грешни работи и правите разговори со тие мисли, тогаш тие преминуваат во фантазии, кои младите, па и сите ги водат во пропаст т.е. на најлошите работи што се случуваат тука на земјата.

Па токму затоа, да не дозволуваме во умот да ни се создаваат фантазии, од кои понатаму како последица настанува депресија. Што е депресијата? Депресијата е духовна состојба, кога човекот си создава свој бог т.е. бог му е работата, професијата, кариерата и.т.н, и штом не годобие посакуваното, ја губи желбата за живот.

Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован Претеча и Крстител и на Сите Свети, Господ да нè просветли во овој Свет Велигденски пост, да го читаме Светото Писмо и другите богоугодни книги, да доаѓаме во храмот на молитва, на Божествените Литургии, на Вечерните служби и на повечеријата, на Акатистите, па така духовно просветлени, да можеме да се избориме и ослободиме од напаста на ѓаволот. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар