Недела на митарот и фарисејот – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 21.02.2021 г., во Неделата на митарот и фарисејот, кога го празнуваме споменот на Светиот великомаченик Теодор Стратилат, Светиот пророк Захариј и споменот на Свети Сава II, архиепископ Српски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат“(сп. Лука. 18, 14).

Оваа недела, браќа и сестри, е посветена на митарот т.е. митникот или цариникот и фарисејот. Имено, станува збор за парабола, која ја кажал Спасител наш Господ Исус Христос, во која вели: „Два човека влегоа во храмот да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник (цариник). Фарисејот, застана напред пред сите за да го видат, ги подигна рацете и почна да се фали со зборовите: Ти благодарам Господи Боже, што  не сум како другите луѓе: ајдук, прељубодеец и клеветник, или како овој цариник, што е долу во храмот. Секоја среда и петок постам и давам десеток од сè што придобивам“ (сп. Лука 18, 11-12). А митникот (цариникот), браќа и сестри,  кој бил паднат на колена во еден ќош на влезот од храмот, се тепал во градите и викал: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ на мене грешниот“ (сп. Лука 18, 13), кој не можел дури ни своите очи да ги подигне кон небото, бидејќи длабоко во својата душа ја чувствувал својата гревовна состојба. Ете, Господ Исус Христос во параболата вели дека цариникот, си отиде дома повеќе оправдан“.

Затоа, возљубени браќа и сестри, денес ќе поговориме за состојбата на фарисејот и состојбата на цариникот т.е. за нивните карактерни особини, и како тие се прифатени и примени од Бога. Имено, што сакал фарисејот да покаже, со тоа што горделиво застанал пред сите да го видат? Фарисејот, исто како и сатаната, кој заради самољубие, властољубие и самодоволство, посакал да се оддели од Бога и некаде горе над ѕвездите да си направи престол, за да биде над Бога, заборавајќи дека е Божјо создание. Оттаму сатаната,  како што читаме во Светото Писмо, откако настанала војната на небесата помеѓу него и Светиот Архангел Михаил со своите Ангели, бил победен и исфрлен од небесата во поднебесните простори и на земјата, и станал Божји противник и клеветник.

Ете, кога сатаната, сакајќи да ја измами Ева и да ја предизвика на разговор, и рекол: „Дали навистина Господ ви рече да не јадете од забранетиот плод “, служејќи се со полувистина, бидејќи знаеме дека Бог на Адам и Ева им рекол: „Во кој ден ќе вкусите, ќе умрете“, ете, таа прифатила разговор со сатаната и на тој начин била измамена. На тој начин всушност  сатаната пред Ева Го клеветел Бога, велејќи и дека тие практично нема да умрат, туку ќе станат Богови. Точно е тоа, браќа и сестри, дека луѓето ќе станат богови, односно треба да станат богови, но не богови по суштина, по природа, туку богови по благодат т.е. да учествуваат во Божјата природа преку благодатта и да се усовршуваат. Човекот никогаш не може да го достигнат Божјото совршенство, зашто е создание Божјо, и за тоа што разликата меѓу Создателот и созданијата, е голема.

Па така, фарисејот поучен од сатаната, почнал горделиво да се однесува т.е. прво покажал дека е самодоволен и од никого ништо не бара, па ни од Бога. Фарисејот, сметал дека никој не е подобар од него и дека сè што постигнал, е негова заслуга. Со ваквата своја постапка, тој всушност покажал самољубие, односно покажал дека нему не му треба ни својот ближен, па ни Бог. Фарисејот, браќа и сестри, сите ги смета дека се подолу од него, па затоа вели: „Не сум како другите“ (сп. Лука 18,11), сакајќи да покаже дека е над нив, па дури и над Бога.

Така е со сите горделиви луѓе, бидејќи тие тргнале по умот на сатаната. Ете, тука покрај гордоста, кај фарисејот е присутно и сластољубието, бидејќи доживува сладост (наслада) во своите мисли, како и секој човек, кој има високо мислење за себе, како што честопати денеска луѓето, погрешно ги учат децата дека никој не е  над нив, во смисла дека тие сè можат и сè знаат, да бидат самоуверени.

Ете, од овие гревови, браќа и сестри, произлегуваат и многу другите гревови како:  самодоволството, самољубето, сластољубието, кога човекот се насладува од својот ум, од своите мисли и од своите чувства, потоа среброљубието, кога човекот ќе почне да му угодува на телото со прејадување и опивање, како оној богат човек, кој велел: „Душо моја, јади пиј и весели се, бидејќи имаш многу богатства за многу години“ (сп. Лука 12, 19), зашто тој јадењето, пиењето и телесните страсти, похоти, желби и чувства, ги сметал за најважно нешто во  животот. Ете, токму затоа Спасителот Христос рекол: „Кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси“ (види Матеј 16, 24–25). Што значи тоа? Тоа значи ако човекот не се оддаде на материјалните богатства, уживања, сласти, страсти и задоволства т.е. ако тој ги загуби тие нешта, ќе ја спаси својата душата, а кој ќе се задоволи и ужива во нив, тој ќе ја загуби душата и живот, не само тука на земјата, туку и на небесата.

Па така, возљубени браќа и сестри, да си спомнеме како постапил митарот, кој паднал на колена некаде во припратата на храмот и се биел во градите, чувствувајќи ја својата грешност. Ете, митарот се презира себеси и чувствувајќи се како најсиромашен, најнедостоен, нејнечесен и најбеден, покажува длабоко покајание во својата душа и срце. Спасителот Христос во блаженствата вели: „Блажени се бедните по дух, зашто е нивно Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3). Токму таков бил духот на овој човек, кој ништо не сметал дека е негово, туку сè што имал и поседувал, го сметал за дар Божји и милост Божја. Затоа митарот, покажал големо и длабоко покајание, бидејќи знаел дека недоволно грижливо се однесувал кон сето она што Господ му го дал нему како дар.

Ние како, пак, треба да се молиме во храмот? Од Светото Евангелие слушнавме дека фарисејот се молел со  зборовите: „Ти благодарам Боже што не сум таков како другите луѓе“ (сп. Лука 18, 11). Дали и нашата молитва треба да биде таква? Не, браќа и сестри, туку ние со смирение треба да се молиме на следнот начин: Ти благодарам Боже за тоа што сум беден, сиромав, грешен и недостоен, а не обратно т.е. да Му благодариме на Бога што не сме како другите луѓе. Ние како Свети апостол Павле, треба да се сметаме дека сме први меѓу грешниците. Свети апостол Петар вели: „Господ се противи на горделивите, а на смирените им ја дава благодатта“ (сп. 1. Петр. 5, 5). Ниеден горделив човек не ја здобил Божјата благодат, туку ако истата ја имал, ја загубил, а смирените, кои се смируваат и понижуваат, никогаш не ја губат Божјата благодат. Пример за тоа ни дава Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој рекол: „Бидете смирени и угледајте се на Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (сп. Мат. 11, 29).

Да го земеме, браќа и сестри, примерот од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој како Син Божји, еднаков на Отецот и Светиот Дух, по благоволението на Отецот, заради нас грешните и недостојните, слезе од небесата и се понижи Себеси, раѓајќи се во пештера, а не во палата.

Ете, во таква понизност дошол Синот Божји, заради нас и заради нашето спасение. Во пештерата во која се родил Христос, немало никакво затоплување, освен здивот на стоката. Гледате ли на колку понизен начин дошол кај луѓето Синиот Божји, Кој слегол на земјата, за да ни покаже дека тоа не го прави за нешто друго, туку за нас грешните и недостојните, покажувајќи ни дека и ние треба да покажеме понизност, ако сакаме да се спасиме. Понатаму Христос,  расте како што растат сите деца и благодатта Божја е врз Него. Но Христос, како што читаме во Светото Писмо, заради нас и нашето спасение, доброволно страда, прифаќајќи да биде биен по плеќите, шамаран по лицето, плукан, трнов венец да Му стават на главата, од која течеше крв по Неговото Лице, Крстот да Му го дадат до го носи на Голгота, на кој треба да биде распнат, Кој поради слабоста на телото како човек, не можеше да го носи, па затоа му го дадоа на Симон Киринеец да го носи, на кој потоа беше распнат меѓу двајца разбојници заради нас и заради нашето спасение.

Ако ние сакаме, браќа и сестри, да го доживееме Велигденскиот пост, кој ни претстои, треба да тргнеме по патеките на Христа нашиот Бог и Спасител т.е. по Неговото доброволно унижување и страдање, заради нас и заради нашето спасение.

Браќа и сестри, таков треба да биде нашиот однос. Човек не може да доживее вистинското покајание, ако тој поинаку гледа на другите, односно дека е подобар од сите. Вистинското покајание се доживува само тогаш, кога ќе се почувствуваме како најгрешни и најнедостојни од сите, како што вели Свети апостол Павле. Ако човек не се почувствува дека е погрешен од сите луѓе, тој не се покајал и во него нема длабоко покајание. Ако Свети апостол Петар Му се обратил на Господа со зборовите: „Оди си од Мене Господи, оти сум грешен човек“ (сп. Лука 5, 8), бидејќи сметал дека Господ не треба да влезе во душата на грешен човек, сè додека не се очисти од гревот т.е. не го очисти срцето од грешните желби, мисли, чувства, похоти, страсти, и умот грешните мисли, помисли и фантазии. Со други зборови кажано, кога човек длабоко ќе се покае и преуми, дури тогаш Господ преку Божјата благодат, влегува во човекот и од грешен, го прави свет човек.

Значи на таков начин, браќа и сестри, со длабоко покајание треба да ги чистиме и очистиме душата и срцето, пред и во текот на Велигденскиот пост.

Па така, оваа парабола, во сите нас нека ги предизвика истите чувства, кои ги имал митникот, за од срцето и душата да ги отстраниме грешни желби, чувства, похоти и страсти.

Исто така ние, браќа и сестри, во велигденскиот пост треба да почнеме да го читаме Светото Писмо и житијата на Светите, и во текот на постот верниците треба да го прочитаат целото Свето Писмо, како што тоа го правеле раните христијани.

Да се помолиме, по молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите небесни Сили, на Светиот Теодор Стратилат, Светиот пророк Захариј, на кои споменот им го празнуваме, и на Сите Свети, Господ Исус Христос, да нè помилувај и да нè спаси нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар