Интервју на Митрополитот г. Петар за Канал 5 телевизија…

(Аудио) «Интервју на Митрополитот г. Петар за Канал 5 телевизија

Интервјуто со Митрополитот г. Петар (М.П) го водеше новинарот Гоце Серафимовски (Г.С).

Г.С. Првото мое прашање е што очекувате од денешниот избор за нов Патријарх на Српската Православна Црква т.е. дали од  евентуалниот избор, каде во игра се околу триесетина епископи, каде во потесниот круг се споменуваат четири или пет епископи. Што очекувате од денешниот избор?

М.П. Не можеме ништо да преудицираме т.е. да тврдиме дека ќе биде вака или така, но очигледно дека ќе се случи избор на нов патријарх. Ако гледаме од аспект што ќе се случи во врска со нас т.е. со Македонската Православна Црква, со нашата Татковина Македонија и нашиот Македонски народ, конкретно зборувам за православните христијани, бидејќи станува збор за православен Патријарх на соседна Црква, држава и народ т.е. Србите, сметам дека за нас најдобро би било од оние тројцата кандидати, од кои ќе се врши изборот по пат на ждрепка со ковертот т.е. од три коверта да се извлече еден коверт од страна на еден од игумените на Српската Православна Црква, да биде избран човек, кој досега никогаш ништо лошо не говорел против нашата Црква и не ја сметал нашата Црква како непостоечка т.е. дека е Српска Црква во јужна Србија, или Вардарска бановина, или, пак, Црква на држава која е вештачки создадена на вештачки создаден народ, односно со други зборови да погледнат на вистината онака како што е т.е. дека сме реална Црква и дека постоиме, иако сме во некаква голема изолација од страна на другите Помесни Православни Цркви, но сепак сме постигнале резултати. Ете,  од три Епархии, сега имаме дванаесет Епархии (8) во Македонија, а со текот на времето можеби ќе бидат и четиринаесет. Исто така, во нашата Црква имаме и тринаесет Епископи, па така се надевам дека ако идниот патријарх на Српската Црква така погледне на нашата Црква, може да придонесе во голема мера да се надминат недоразбирањата помеѓу нашите две Цркви и народи, па ако сакате дури и помеѓу двете држави т.е. меѓу Република Македонија и Република Србија.

Исто така, на Српската Црква и се дава една прекрасна можност да биде посредник или мост на зближување, во оваа голема поделба во Православието помеѓу Цариградската и Руската т.е. Московската Патријаршија, во смисла на обединување, зашто знаеме дека поделбите се заради политички прашања, а не од канонска или црковна природа.

Г.С. Она што сега во медиумите во Србија се шпекулира, е дека во потесен круг се: Епископот Бачки Иринеј, Владиката Јоаникие, Епископот Бањалучки Ефрем и сегашниот заменик на Блаженоупокоениот Патријарх Иринеј, Митрополитот Хризостом. Што ви значат овие имиња, и дали некој од нив, не мора да го кажете со име, доколку би бил избран, каков би бил неговиот однос кон МПЦ.

М.П. Јас во претходното прашање го дадов одговорот на ова прашање дека оној што евентуално има најмалку говорено против нас и кој најмалку ја посакува нашата Татковина Македонија како дел од Србија, како што кроеја заговор најрадикалните архиереи на Српската Православна Црква дека ќе ја снема Македонија, не сакам да именувам, нека им служи на честа, мислам дека само таков Патријарх би бил од полза за нас.

Велиме дека Господ допушта да се случи злото за да се опаметиме, оти во секое зло, има и некое добро, ако се вразумиме и опаметиме. Во тој дух сакам да нагласам дека секој од кандидатите, кој ќе биде избран за Патријарх, ако продолжи со оној став на радикалните архиереи во Српската Православна Црква, не сакам да именувам, кои го ставаат Свети Сава над Христа Спасителот, не е добро за Црквата. Јас сум против тоа било која Црква да се именува како: Свето Савска, Свети Климентова или на Свети Андреј. Црквата е Христова, бидејќи Христос е основачот на Црквата, Кој е главата на Црквата. Ете, тоа говори за тешката болест на Православните Помесни Цркви, каде нацијата се става над Црквата, а треба да биде обратно т.е. Црквата да биде над секоја нација. Црквата не ги исклучува нациите и народите, а тоа го гледаме од Христовиот пример, Кој Апостолите по двајца ги испрати на проповед, велејќи им: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!“ Што значи, такви Архиереи, кои така говорат за својот народ и за својата Црква т.е. Светосавска Црква, а не Христова, или дека „Српско је небо плаве боје и на њему Срби ангели стоје…“ или „говори српски да те Бог разуме“, такви не се полезни ни за самиот Српски народ, а камо ли општо за Православието и за Православната Екумена.