Деветнаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ – Битола

На 31.10.2021 г., во Деветнаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот апостол и евангелист ЛукаСвети Петар Цетињски, митрополит Црногорски и споменот на Свети Константин Кавасила, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним!“ (сп. Лука 6, 21).

Од денешното Свето литургиско Евангелие, браќа и сестри, ги слушнавме овие зборови, кои ги кажал Спасителот Христос. Нам православните христијани, погледот ни е секогаш вперен горе кон небесата, кон Царството Небесно. Иако ние носиме души и во нас имаме дух, ние исто така сме телесни луѓе, кои живееме тука на земјата, кои сме во Божјата заедница, Црквата Христова, која ја сочинуваат верните со свештенството и монашвтото, собрани околу својот Епископ, наспроти они, кои не се во оваа Божествена заедница.

Нашиот познат македонски философ Аристотел, дал прекрасна дефиниција за луѓето, во која вели: „Луѓето се општествени животни, кои живеат во заедница“. Аростотел со оваа дефиниција, не сакал да ги навреди луѓето, туку сакал да укаже на тоа дека како што животните живеат во животински заедници според родот и видот, како што читаме во Светото Писмо, така и луѓето живеат во заедници, и според таа заедница, тие треба да се управуваат според законите и нормите, кои ги донесува општеството. Тие закони и норми, треба да се почитуваат само доколку се во согласност со учењето на нашата Света Православна Вера и Црква, според Десетте Божји Старозаветни и Новозаветни Заповеди, и според двете најголеми Новозаветни Заповеди, кои ги кажал Господ Исус Христос: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).

Ако ги исполниме овие две најголеми Заповеди, кои Господ ги кажал, тогаш сме ги исполниле и Десетте Божји Старозаветни и Десетте Новозаветни Заповеди, браќа и сестри.

Ние знаеме дека не сите општествените закони, се во согласност со учењето на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, бидејќи нив ги носат луѓе, од кои голем број од нив, се во големи гревовни состојби, па заради нивните гревовни состојби, во законите внесуват такви правила, кои се спротивни на учењето на Црквата. Еден од тие закони, е оној закон дека жената била сопственик на своето тело и дека може да ги убива децата, кои ќе се зачнат во нејзината утроба, а Господ вели: „Не убивај“, бидејќи секој оној што ќе убие, ќе треба да даде одговор пред Бога на Страшниот Суд. Ако тука на земјата, било кој човек направил такво дело, колку и да е тоа скришно, ќе биде откриено на посебниот суд, а на Страшниот Суд, ќе биде соопштено пред целиот свет од Адама и Ева, па до крајот на светот. За секое наше дело, кое сме го направиле, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд. Ако сме се исповедале кај свештеникот и сме направиле добри дела, спротивни на гревовите, ќе ни бидат простени, и тие гревови нема да бидат спомнат на Страшниот Суд.

Сега, пак, ќе се вратиме на зборовите од мотото на денешната проповед, во кои Господ вели: „Како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним!“ (сп. Лука 6, 21). Некои велат дека ние не треба да правиме лоши дела, а и нам другите не треба да ни прават лоши дела. Ова и претходното, браќа и сестри, не е исто, иако некои сакаат да ги поедностават работите, но истите тие прават грешка, бидејќи ѓаволот така ги подучува за ние да бидеме во некоја заблуда, мислејќи дека е исто, а не е исто. Зошто? Друго е да бараш и да сакаш да ти прават добро, а сосема е друго не правиш лошо. Зошто? Своевремено слушнав од некои луѓе, дека некој човек од Битола, кој бил доста почитуван, рекол: „Ние во нашето семејство, не правиме лошо, ама и добро не правиме“. Гледате колку е голема разликата. Не е исто да не правиш лошо и да не правиш добро. Ако не правиш добро, тогаш нема фајде од тоа што не правиш лошо. Значи не е битно дали не правиш лошо, битно е дали правиш добро. Ние треба да правиме добро и тука е големата разлика во Христовите зборови. Во таа смисла, браќа и сестри, Господ Исус Христос, во денешното Свето Евангелие, вели дека ние треба да ги љубиме и нашите непријатели.

Веднаш се поставува прашањето: како е можно да ги сакаме нашите непријатели т.е. оние кои  нè навредуваат, кои ни прават лоши работи, кои нè мразат, кои не нè сакаат, кои ни се одмаздуваат и.т.н. Самиот Спасител Христос, за тоа ни дал пример, кога бил распнат на Крстот, заради нас и заради нашето Спасение. Христос, Синот Божји, по благоволението на Отецот, добороволно поскал да осиромаши, односно да се понижи Себеси, и од совршен Дух, да прими човечко несовршено тело.

Ете, Христос посакал заради нас грешните, да стане човек и доброволно да поживее меѓу луѓето, да биде биен, шамаран по лицето, плукан, трнов венец да Му стават на главата, да биде неправедно осуден на смрт од Неговите истородни Евреи по мајка, да Му го дадат Крстот да го носи на Голгота и на него да биде распнат и да ја пролее Својата Света и спасоносна Крв, за повторно да нè врати да бидеме во заеднца со Бога.

Ете, Христос од Крстот извикал кон Својот Отец Небесен и се молел за оние што го распнале со зборовите: „Прости им Боже, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука, 23, 34). Гледате како Господ во најголемите страдања, заради нас и заради нашето спасение, се обраќа кон Својот Отец Небесен и се моли за оние што Него на Крст го распнале со зборовите: „Прости им Боже, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука, 23, 34). Некој ќе рече: добро, Христос бил богочовек, па затоа така можел да се моли, а што да правиме ние луѓето, кои не сме богочовеци, ама сме богови по благодат т.е. по силата Божја, која нам ни се дава преку Светите Тајни и подвизите кои ги правиме. Првиот маченик за верата, браќа и сестри, бил човек, како што сме и ние, а тоа е Светиот апостол и Архиѓакон Стефан, кој неправедно бил осуден со каменување т.е. со камења бил затрупан од оние што го мразеле. На неговото маченичко страдање т.е. каменување со камења, бил присутен и Савле, подоцнежниот апостол Павле.

Светиот првомаченик Стефан, кој невино пострадал, бидејќи верувал во Христа нашиот Бог и Спасител, пред да ја предаде својата душа во рацете на Бога, ги кренал своите раце, погледнал кон небото и извикал: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (сп. Дела 7, 56). На Светиот првомаченик и Архиѓакон Стефан, му се отвориле небесата, за да го види небесниот свет, Царството Небесно, во присуство на оние што го убивале и каменувале. И не само тој, туку и милиони други маченици за нашата Света Православна Вера, пострадале со силна вера дека Господ Исус Христос, како награда ќе ги прими нивните страдања во Царството Небесно. Ние за тоа имаме безброј примери во житијата на светите.

Мачениците, браќа и сестри, се молеле и за оние што нив ги убиваат, а апологетот Тертулијан вели: „Крвта на мачениците, е семе за нови христијани“. Стотникот, кој бил присутен на Христовото Воскресение, на оние што него  требало да го убијат, им дал пари и барал од нив да го убијат, за да ја исполнат заповедта што им била дадена.

Сите маченици правеле такви подвизи, браќа и сестри. Што значи во ниедна религија, во ниедна таканаречена вера, не постои таков закон да се сакаат непријателите, освен во нашата Света Православна Вера и Црква, па затоа се вели дека таа е исправна. Но, браќа и сестри, покрај тоа, Господ наш Исус Христос, кажал дека Он е Свет, па затоа вели: „Како што Сум Јас Свет, така и вие бидете свети“.

Примерот дека ние треба да бидеме свети, ни го дал Христос нашиот Бог и Спасител. Ете, затоа ние треба да Го следиме Неговиот пример. Светоста Божја, ние ја постигнуваме преку подвизи, страдања, искушенија маки, потешкотии и.т.н. Ние никогаш не треба да велиме ништо против Бога, туку напротив, треба да постапуваме како праведниот Јов, кој бил најбогат човек во Светиот Завет, но поради зависта на сатаната (ѓаволот), му било одземено сето богатство заедно со децата, кои пострадале при роденденот на постариот брат, кога се радувале и играле околу куќата, која поради земјотрес паднала и ги  поклопила. Нему му се обраќале неговите пријатели и неговата жена да похули на Бога за да умре, но тој никогаш не рекол ништо против Бога, иако сè изгубил, туку велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21). Затоа Господ подоцна сè му вратил т.е. повторно му дал десет деца и покажал дека секој оној што има вера во Бога и очекува милост од Бога, ќе го наследи Царството Небесно.

Ние, браќа и сестри, треба да бидеме милостиви, како што е милостив нашиот Бог, зашто знаеме дека Господ поради Неговата милост, им дава на сите подеднакво т.е. и на добрите и на лошите. Сонцето свети, и за добрите, и за лошите, а и дождот паѓа, и за добрите, и за лошите. И за добрите, и за лошите, имаме и добри лета, и добри зими, добра есен и добра пролет. Сето тоа е заради милоста Божја. Господ ги сака сите, браќа и сестри. Ние понекогаш велиме: зошто на лошите им дава подолг живот? За да се покајат, а не за нешто друго. Оние што порано ќе си заминат од овој свет, ако биле добри, заради нивната добрина, Бог сака побргу да се кај Него во Царството Небесно, отколку тука со нас во овој свет, за кој Светиот Јован Богослов вели: „Целиот свет во зло лежи“ (сп. 1. Јов. 5, 19).

Па така, браќа и сестри, ако ние им правиме добро на луѓето, со желба истото да не ни биде вратено назад, каква ќе ни биде наградата? Што значи, сè што правиме, истото треба да го правиме, не за да имаме корист тука на земјата, туку на небесата.

Свети апостол Павле вели вака: „Кога на лошите, им правиме добро, ние како да им ставаме жар на главата“, бидејќи оној кој е лош, кога му правиме добро, тој тогаш е збунет и не знае што да прави и си вели: „Ама јас сакам тој да ми возврати за да се кареме постојано“. Како ќе се карате со некој што не сака да се кара со вас? Вие се карате со него, а тој со добро ви возвраќа и доброто го победува злото. Значи злото никогаш не се победува со зло. Ако на шамар, се одговара со шамар, на тупаница, со тупаница, каде ќе ни биде крајот, бидејќи по тепањето доаѓа и убиство. На секој истрелан куршум, ако се возврати со истрелан куршум, каде ќе завршиме? Сите ќе погинеме. Затоа во војните гинат многу луѓе. Но, ако не се возврати на лошото со лошо, односно ако се возврати со добро, битката завршува тука, браќа и сестри. А, пак, ако некој настрада, Господ  ќе го прими во Царството Небесно, а оној што го направил злото, ако не се покае, ќе биде од левата, а не од десната страна на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, слушајќи ги овие Христови зборови: „Како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним!“ (сп. Лука 6, 21), и ние да постапиме според нив. Ако ние на оние, кои ни прават зло, кои нè навредуваат и хулат, им возвраќаме со добро, тогаш можеме да се надеваме дека ќе го наследиме Царството Небесно. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар