Четиринаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 26.09.2021 г., во Четиринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Осветувањето на храмот на Христовото ВоскресениеСветиот свештеномаченик Корнилиј стотник, Светите маченици Макровиј и ГордијанСветата маченичка Кетевана и споменот на Преподобниот Еротеј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Пријателе, како дојде на оваа свадбена трпеза, необлечен во свадбена облека?“ (сп. Мат. 22, 12).

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, во кое Спасителот Господ Исус Христос кажал една парабола за Царството Небесно во која се вели: „Имаше еден цар, кој приготви свадбена трпеза за својот син, па  испрати слуги, за да ги повикаат поканетите на свадбата. Но се вели никој од поканетите, не се оѕва на поканата од слугите. Тогаш царот испратил други слуги, мислејќи дека тие ќе послушаат, но и при оваа прилика, поканетите не се оѕвале, зашто едни отишле на работа, други по трговија, а некои, пак, ги фатиле слугите и ги биеја, а многумина од нив ги убиле. – Тогаш, се вели по параболата, – царот се разгневи многу и одлучи градот да им го изгори“. Па така, после сето ова, царот им рекол на своите пратениците: „Одете по раскрсниците и повикајте ги сите, и сиромаси, и богати, и лоши, и добри, за да се наполни свадбениот дом“ (види Мат. 22, 9).

Понатаму, во параболата, се вели: „Kога се исполни трпезата, царот дојде за да ги види гостите и забележа еден необлечен во свадбена облека, кому му рече: „Пријателе, како влезе овде необлечен во свадбена облека?“ (сп. Мат. 22, 12) А потоа им рече на неговите слуги: „Фатете го и фрлете во крајната темнина, каде што ќе има плачење и чкртање со заби“ (сп. Мат. 22, 13).

Браќа и сестри, оваа парабола, која ја изговорил Христос нашиот Бог и Спасител, има свое преносно или алегориско значење. Имено, царот е Самиот Бог Отецот, а царевиот Син, е Спасителот наш Господ Исус Христос. Првите пратеници, се всушност пророците, кои Бог ги испратил во Стариот Завет меѓу избраниот Еврејски народ, да го повика народот да биде учесник во Царството Божјо и Царството Небесно, но народот т.е. книжниците, фарисеите, садукеите и старешините еврејски, не се оѕвале на поканата, иако биле повикани да го воведат Еврејскиот народ во верата. Ете, тие тоа не го направиле, бидејќи формално ја извршувале својата задача т.е. само за да се покажат пред луѓето и да ги заслужат првите места, како што се вели во Светото Писмо.

Оние што отишле на работа и по трговија, тоа се луѓето, кои мислат само за материјалното и преодно богатство, а не за она што е вечно и нераспадливо. И токму заради тоа, тие грижејќи се повеќе за своите тела не се оѕвале на поканата. Потоа се вели во параболата дека царот ги пратил своите пратеници и по раскрсниците, односно насекаде во светот, зашто раскрсницата ги покажува сите четири страни на светот т.е. една покажува на исток, друга на запад, трета на север, а четвртата на југ.

Ете, токму зашто Господ ги испратил Апостолите по двајца насекаде во светот со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20). Така што нема оправдување за ниту еден човек во светот дека не слушнал за нашата Света Православна Вера, а особено денеска, кога преку  мас медиумските средства, секој има можност да научи и да слушне за нашата Света Православна Верата и за Христа нашиот Бог и Спасител.

Но ете, тие не послушале. Се поставува прашањето, браќа и сестри, кои се тие што не послушале? Рековме дека тоа се фарисеите, садукеите, книжниците и еврејските старешини, па токму затоа тие не го наследиле Царството Небесно. Потоа исто така се поставува прашањето, кои се оние кои пратениците требало да ги повикаат по раскрсниците? Тука не станува збор само за избраниот Еврејски народ, туку за сите луѓе т.е. и за оние што до тогаш не знаеле за Бога, а тоа се незнабошците, чии апостол е Светиот апостол Павле, кои иако го немале Старозаветниот  Закон, во себе ја имале совеста, која ја има секој човек, а нема човек без совест.

А што е совеста? Совеста, е гласот Божји, кој е во нас, која точно ни кажува, што е добро, а што лошо. За пример земете ги децата, кои иако сеуште не се доволно интелектуално развиени, знаат што е добро, а што лошо, и многу поправилно постапуваат. Кога децата ќе згрешат, плачат и бараат прошка, а кога ние возрасните ќе згрешиме, не бараме прошка и не плачеме за гревовите, туку ги  обвинуваме другите, како Адам што ја обвинил својата жена Ева, кога ја прекршил Божјата Заповед да не јаде од забранетиот плод, па Му рекол на Господа: „Жената, која Ти ми ја даде, таа ми даде да јадам“ (сп. 1. Мој. 3, 12). Адам не само што ја обвинил Ева,, туку Го обвинил и Господа, а жената ја обвинила змијата т.е. сатаната.

Така ние возрасните сите ги обвинуваме, со цел да се оправдаме, зашто така нè учи сатаната, кој ни внушува мисли во нашите умови и срца, да говориме сè што не е правилно и вистинско. Со полувистини, нема да стигнеме до Царството Небесно, туку ќе стигнеме до адот и пеколот.

Затоа Господ во оваа парабола вели: „Царот се налути и испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгори нивниот град“ (види Мат. 22, 6). Знаеме браќа и сестри, дека Господ допушти Ерусалим да биде разурнат во седумдесеттите години, во времето на  Веспасијан и Тит, кога од Ерусалим и ерусалимскиот храм не остана ни камен на камен, како што Господ кажал преку пророкот дека ќе им го изгори градот и ќе им го сруши нивниот храм.

Евреите, всушност самите си изрекле пресуда, кога Го осудиле Христа на распнување со зборовите: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“ (сп. Мат. 27, 25). Па така, Евреите биле протерани низ целиот свет и две илјади години немале своја држава. Дури некаде во 1949 или 1950 година, повторно востановиле држава, но го отфрлиле Христа нашиот Бог и Спасител, а без вера во Него, браќа и сестри, нема спасение, ни во Стариот, ни во Новиот Завет.

Понатаму во параболата се вели дека откако се наполнил свадбениот дом, царот влегол да ги види гостите, а тоа во преносна смисла значи дека кога ќе заврши светот и векот, кога Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите, тогаш практично сите ние ќе излеземе пред Христа нашиот Бог и Спасител, зашто е речено во Светото Писмо, Отецот Му го даде судот на Синот. Синот е Оној што ќе суди на Страшниот Суд, пред Кого сите ние ќе застанеме, кога  ќе се отворат книгите, и на секого ќе се покажат добрите или лошите дела. Сè што сме направиле во животот, сè ќе биде изнесено на виделина и на сите ќе ни се суди според делата.

Кога ќе дојде Страшниот Христов Суд, сите ние ќе мораме да дадеме одговор за нашиот живот тука на земјата.

Во параболата се вели дека кога дојде царот, виде еден човек необлечен во свадбена облека, па му рече: „Пријателу, како дојде ти тука на оваа свадбена трпеза необлечен во свадбена облека?“ (сп. Мат. 22, 12) А овој молчеше. Што значи тоа, браќа и сестри? Тоа значи дека ниту Евреите во Стариот Завет, па ниту ние православни христијани, кои сме крстени и миропомазани, ќе се спасиме, ако не живееме вистински христијански живот.

Па затоа, ако ние во текот на нашиот живот, не сме направиле добри дела и ако ние не сме воделе грижа нашето срце да биде очистено од грешните желби, похоти, страсти, чувства и грешните дека, и ако не сме го набљудувале нашиот ум со нашата совест, која е гласот Божји во нас, да не прифаќаме грешни мисли и помисли, и да не фантазираме за земните и материјалните работи и богатства, тогаш ние не сме успеале со свадбена облека да дојдеме на свадбената трпеза, односно на Божествената Литургија. Свадбена Трпеза во овој свет, е Светата Божествена Литургија, на која нас секој ден нè повикува Црквата Божја, преку камбаните, кои бијат наутро и нè повикуваат да дојдеме. Исто така и свештениците нè повикуваат на секоја вечерната богослужба да дојдеме во неделните или празничните денови на Божествената Литургија.

Свети Климент Охридскиот Чудотворец, вели дека секоја недела како на Велигден, треба да бидеме собрани на Божествената Литургија. Секоја недела ние го славиме Христовото Воскресение. Една народна песна вели дека секоја недела е Велигден.

Но прашањето е дали ние што сме тука во храмот и дали сме облечени во свадбена облека, покрај сите други повикани на свадбената трпеза.

Тоа значи ако ние не сме живееле во согласност со верата, со Светото Писмо, со Светото Предание, со учењето на Светите Отци, со учењето и каноните на Вселенските и Помесните Собори, тогаш нема да се покажеме облечени во свадбена облека на таа свадбена трпеза, на Страшниот Суд, односно ние нема да бидеме оправдани за нашето постапување и живеење.

Некои ќе речат, па јас сум грешен човек и не заслужувам да го наследам Царството Небесно. Не е точно, браќа и сестри. Многу големи грешници станале светители, кои ни дале пример и образец како треба да живееме. Еве за пример да го земеме Свети апостол Павле, кој ги гонел христијаните, кој за себе вели дека не е достоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја, но на друго место вели дека од сите Апостоли најповеќе се погрижил т.е. покажал најголема ревност кон Христа нашиот Бог и Спасител, и станал врховен апостол.

Така и ние сме должни, како Свети апостол Павле, да се сметаме како најголеми грешниците, како што читаме и во молитвата пред Светата Причест. Ако така постапуваме и ако од длабочината на душата и срцето кажеме: „Господи, Тебе ти згрешив, помилуј ме“ тогаш Господ преку Неговата благодат ќе ни даде мир и спокој.

Господ вели дека Он е Лебот на животот, а оној што Го прима Христа како Леб на животот, тој може да очекува дека ќе се спаси.

Па затоа, браќа и сестри, ние треба искрено да се покаеме од длабочината на душата и срцето за гревовите и да се исповедаме пред свештеникот и да пролееме многу солзи за нашите гревови, како децата што плачат за направената грешка, за да се спасиме.

Ете, така и ние ако се покаеме за нашите гревови, ќе го заслужиме Царството Небесно, не само поради нашето покајание, туку по милоста Божја.

Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на која денес го празнуваме празникот на нејзиниот појас.

По нејзините Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар