Успение на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во Јанковец

На 28.08.2020 г., кога го празнуваме Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), протоерејот Сотир Гочевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Во раѓањето си го зачувала девството, во успението не си го оставила светот, Богородице. Си се преселила во живот, мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смрт душите наши“. (Тропар на Успение)

Браќа и сестри, од овие зборови од тропарот, т.е. на кратката песна на Пресвета Богородица, во која се говори за нејзиниот живот, ние денес имаме претстава, која била Пресвета Богородица и каков бил нејзиниот живот, односно како таа го завршила својот живот и што значи нејзиниот живот за нас луѓето, кои сме грешни и недостојни.        Ние знаеме дека првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, поради кои ја прекршиле единствената Божја Заповед, да не јадат од забранетиот плод, е причина за смртта. Ним им било кажано дека ќе умрат, како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние, како негови потомци и наследници, грешиме и умираме“ (сп. Рим. 5, 12).

Но Господ, промислувајќи за спасението на човечкиот род, на нашите прародители Адам и Ева, им вети дека постои спасение за човечкиот род. Тоа спасение, пак, не може да дојде поинаку, освен преку Самиот Бог,  преку Второто Лице на Светата Троица, Синот Божји, Господ наш Исус Христос, Кој е во прегратките на Отецот и Кој предвечно од Него се раѓа.

Единствено Он, Синот Божји можел да го спаси човечкиот род. Па затоа Синот Божји, по благоволението на Отецот, од Својата преголема љубов кон човечкиот род, доброволно посакал заради нас грешните и недостојните да излезе од прегратките на Отецот и да се всели во Пречистата утроба на Мајката Божја, Пресвета Богородица и да се роди од неа. Он поживеал со луѓето и ги научил за постоењето на Бога и за постоењето на светот, како и за нашата Света Православна Вера, која единствено само православните ја зачуваа чиста и неизменлива. Верата нам ни е предадена од Христа нашиот Бог и Спасител, преку Светите Апостоли и Светите Отци до денешен ден.

И ете, како што Адам згреши и умре, така и сите луѓе умираат. Дури и Самиот Син Божји, Господ Исус Христос, посакал да умре заради нас и заради нашето спасение, зашто ако Христос не умреше, немаше да биде ни погребан ниту да Воскресне, ниту пак да се Вознесе на небесата и со Неговото Свето Тело, да ја вознесе нашата падната гревовна природа на небесата, и да седи од десно на Бога Отецот.

Првиот човек т.е. Адам на човечкиот род му донесе грев, страдања и смрт, а Вториот Адам, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, го избави човечкиот род од гревот и смртта и го приведе повторно во заедница со Него, но тоа не ќе беше можно ако не се родеше најсветото суштество на светот, а тоа е Мајката Божја, Пресвета Богородица, која не беше зачната од телесна похот, туку беше зачната после многу пролеани солзи од нејзините родители. Господ им даде чедо, кое тие Нему ќе Му го посветат. Кога им се родила Пресвета Богородица, најсветото дете, на Бога Му Го подариле.

Пресвета Богородица, кога наполнила три години, нејзините родители Јоаким и Ана, ја предале на Бога, во Ерусалимскиот храм Божји, на празникот „Воведение“, каде што ја примил Светиот Захариј, таткото на Свети Јован Крстител, за кого се вели дека како избезумен ја примил Пресвета Богородица, која на три годишна возраст се искачила на петнаесет скалила пред храмот.

Светиот Захариј, не ја внел Пресвета Богородица, само во храмот, каде што престојувале верните, и во олтарот, каде што свештените лица служат, туку ја внел и во најсветиот дел, односно во Светињата над Светињите, каде што никој немал право да влезе, освен, еднаш во годината, првосвештеникот за да покади пред кадилниот престол, т.е. пред Ковчегот на Заветот или Кивотот, кој е праслика на Пресвета Богородица, во кој се наоѓала маната и жезолот Аронов. Маната била храната, која им била давана на Евреите кога биле во пустината, враќајќи се од египетското ропство во ветената земја. И таму, се вели, во Светињата на светињите, престојувала Пресвета Богородица и била хранета со небесна храна од ангелите.

Пресвета Богородица, толку многу водела грижа за својот живот, за своите постапки, така што никогаш, ни со мисла, помисла или било какви фантазии не направила никаков грев. Токму затоа, таа е единствената која не направила личен грев и поради тоа се удостоила да Го прими во својата Света и Пречиста утроба, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исуса Христа. Денес слушнавме, од Божественото Свето литургиско Евангелие, дека една жена од народот, извикала кон Господа Исуса Христа: „Блажена е утробата која те носела и градите од кои си се хранел“ (сп. Лука 11, 27). Затоа Мајката Божја, носи безброј епитети. Таа е наречена Врата Небесна, како што сношти слушнавме од читањето на паримиите, потоа е наречена Сесвета, Себлажена, Сенепорочна, Пресвета, бидејќи нема посвета од неа и.т.н.

Мајката Божја, браќа и сестри, е заштитничка на човечкиот род и хранителка на оние што се напуштени, т.е. се грижи за сите оние кои нејзе и се молат и преку нејзините молитви бараат да бидат спасени. Мајката Божја не била лишена и од многу и многу страдања, бидејќи кога таа на Сретение Го предала Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, во рацете на праведниот Симеон, нејзе Светиот праведен старец и рекол: „И на тебе самата меч срцето ќе ти го прободе“ (сп. Лука 2, 34). Тоа значело дека нејзиниот Син и Спасител наш Господ Исус Христос, ќе пострада и ќе биде распнат на Крст.

Ние сношти, во текот на вечерната богослужба, ги пеевме статиите посветени на Мајката Божја, Пресвета Богородица, кои исто како што се трите статии посветени на погребението Христово, така и овие три статии се посветени на нејзиното Успение. Од тие статии, слушнавме како Мајката Божја, Пресвета Богородица, пострадала многу во животот, исто како што страдаат многумина невини луѓе, кои биваат неправедно осудени од правосудството на овој свет. Денеска правосудството за жал, не е правосудство, бидејќи се грижи да ги заштити оние кои се најголеми криминалци, оние кои се најголеми престапници, кои прават најмногу штета на луѓето и.т.н.

И ете, кога сето тоа ќе го слушнеме и ќе го доживееме, веднаш се поставува прашањето, каде е правдата Божја на земјата? Зошто не одговараат т.е. не се казнети оние што направиле лоши дела. Еден добар дел од нив, и тука на земјата ги стигнува правдата Божја. Да си спомнеме за оние грешни луѓе, во Стариот Завет, кои добија казна според своите престапи и гревови. Царот Саул, кој беше избран од Бога и миропомазан од пророк Самуил од Бога за цар, откако се откажа од Бога и сакаше од врачарката од Ендор да дознае каков ќе крајот на неговото царство, заврши со самоубиство.

Царот Давид, кој беше избран после него, иако беше праведен и чесен, заради гревот што го направи, кога ја посака Вирсавеа жената на Уриј Хетеин, и го прати, нејзиниот сопруг во војската да загине на место каде што беше неизбежна неговата смрт, му беше пренесено од ангелот дека ќе ја плати казната, со тоа што првото дете од неговата жена Витсавеја, умре само по осум дена по раѓањето. Потоа умре и неговиот син Авесалом, кој ја обесчести својата сестра. Така и Давид доживеа големи искушенија и го плаќаше гревот, но за разлика од Саул, Давид се покаја. Светиот славен пророк Давид, го напиша, педесетиот псалм, кој е образец на покајанието во Стариот, па и во Новиот Завет, Ние сме должни секој ден барем еднаш да го прочитаме 50-от псалм и преку него себеси да се најдеме како најгрешни, исто онолку, ако не можеби и илјадници пати погрешни од него.

Исто така и други старозаветни и новозаветни цареви и луѓе, погрешија и платија за своите престапи и гревови, како царот Ирод, кој заради тоа што сакаше вечно  да владее на земјата, нареди да се убијат четиринаесет илјади деца, за меѓу нив да го убие Богомладенецот, Синот Божји, зашто беше слушнал оти е цар на Израилот, заборавајќи дека Неговото Царство не е од овој, туку од оној свет. Тој неславно го заврши својот живот, изеден беше од црви уште за време на животот, затоа што ги уби четиринаесетте илјади деца. Исто така, казнета беше и незаконита жена на Ирода, жената од неговиот брат Филипа. Иродијада, која ја дочека на табла главата на нејзината ќерка, преку која издејствува во затворот да биде пресечена и на табла донесена, главата на најчесниот, најславниот и најголемиот роден од жена, Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, своевремено ја прими на табла и главата на ќерка ѝ Саломија.

Браќа и сестри, кога сите овие злодела ги знаеме, како ден ни е јасно дека тука на земјата ќе платиме за нашите гревови и престапи, но сведоци сме дека има и многу големи престапници, кои нема да го добијат заслуженото т.е. казната Божја тука на земјата, па некои се разочаруваат поради тоа и велат, зашто тие големи престапници, разбојници, убијци, неверници и насилници, ја одбегнуваат казната Божја.

Возљубени во Господа, никој нема да ја одбегне казната Божја. Ако некој овде ја одбегне, за него е уште полошо, зашто тој што тука ќе ја одбегне казната Божја, таму, во идниот живот нема да ја одбегне и нема да се спаси, а оној, пак, кој тука ќе плати за своите гревови и престапи, има можност да се покае, како што многумина се покајале за гревовите, а некои како Светиот пророк Давид станале и светители. Покајанието е света работа за оние што искрено и длабоко се каат за своите гревови, бидејќи тие преку покајанието ќе ги очистат своите срца, умови и души, од грешни мисли, грешни желби, чувства, похоти, страсти и дела.

Оние кои водат строго сметка, како што водела Мајката Божја, во нејзиниот ум да не влегува никаква грешна мисла и помисла, кои потоа откако ќе ги примиме и разработиме во нашиот ум и со нив разговараме, стануваат фантазии, како што се фантастичните филмови што ги прават луѓето. Од фантазијата не е лишен никој од луѓето. После Адама, единствено Спасителот Христос немал фантазии, а Мајката Божја, не дозволила никакви фантазии и никакви грешни мисли да има во нејзиниот ум, а не примила ни грешни помисли, па затоа останала девствена, чиста, света и непорочна. Девственоста, е голема работа, браќа и сестри. Дури и сега во некои земји, како на пример во Индија, каде што има девствени девојки, кога сакале да проверат дали девојката е девствена, ја проверувале со змија кобра. Ако девојката била девствена, змијата не посегала по девојката да ја касне, но ако била недевствена, ја каснувала и таа умирала.

Ете, токму затоа Мајката Божја, Пресвета Богородица, строго водела сметка за својата девственост, па затоа и ние во денешниот тропар пееме: „Пред раѓањето, во раѓањето и по раѓањето, (Мајката Божја, Пресвета Богородица), останала Дева“, а за тоа ни сведочи и ѕвездата од Кутлеш, која е насликана на нејзината облека, т.е. над нејзиното чело и од десната и левата страна, која е знак за нејзината девственост, бидејќи и пред да Го зачне Христа нашиот Бог и Спасител, и во раѓањето на Христа, нашиот Бог и Спасител, но и по раѓањето, останала девствена, или како што пееме на вековнословенски: „Прежде рождества, в рождестве и по рождестве, паки, пребиваеши Дева“.

Токму во тоа е, и суштината на девството на Мајката Божја, во раѓањето на Бога Словото.

Кога веќе ги имаме сите овие нешта како сознание, ќе кажеме дека Успението на Мајката Божја, е второ воскресение, бидејќи како прво се смета Воскресението на Христа нашиот Бог и Спасител.

Затоа ние, на овој ден, не плачеме за Мајката Божја, туку се радуваме, бидејќи таа од Оној, Кој е Живот за светот, била претставена во оној свет да биде заедно со Спасителот наш Господа Исуса Христа. Но Мајката Божја не го оставила овој светот, како што пееме во тропарот на Успение.

Еден познат светител, Светиот Андреј Јуродиви, кој кога од некој ангел Божји бил однесен на небесата, да ги види сите нешта, т.е. и луѓето и сите Свети, таму не ја видел Мајката Божја, па затоа прашал каде е таа, а како одговор му било речено дека таа е на земјата и се грижи за оние што плачат и ја молат неа, т.е. ги собира нивните солзи и ги лекува нивните души. Точно е тоа, браќа и сестри, дека лекувањето на нашите души доаѓа преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, бидејќи она што не сакала да го направи Ева, првата жена, го направила втората Ева, Мајката Божја, Пресвета Богородица, со своето послушание го избавила светот, од гревот и смртта, со раѓањето на Синот Божји.

Ева, нашата прамајка, заради тоа што стапила во врска со сатаната, т.е. заради неверството кон Бога и духовното блудство со сатаната најблискиот ангел Божји, кој отпадна од Бога, не се обожи, а Мајката Божја, Пресвета Богородица, со својата девственост го избави светот и целиот човечки род, од гревот и смртта, и се обожи примајќи Го Синот Божји во својата Света утроба.

Токму заради тоа, ние денес ја славиме Мајката Божја, како Пречиста, како Пресвета, како Сесвета, како најсвета, зашто од неа ништо посвето не се роди на овој свет, па токму заради тоа, таа беше удостоена да Го прими во својата утроба, Оној што не може да го опфати целиот свет и целата вселена, Синот Божји.

Затоа и нејзината фреска во олтарот, Богородица во Знакот, каде што е изобразен Христос во нејзината утроба, се нарекува поширока од небесата, бидејќи Оној што не можеа да Го сместат небесата, се смести во утробата на Пресвета Богородица.

По нејзините Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар