Собор на Свети Архангел Михаил – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 21.11.2020 г., кога го празнуваме Соборот на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Што е човекот, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш? Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал“ (Псал. 8, 4-5).

Браќа и сестри, денес ги прославуваме Светите Небесни сили бесплотни, предводени од Архангелот Михаил. Овој собор на Светите Ангели, е создаден од Бога како Втора светлина. Кога зборуваме за Светите Ангели, веднаш се поставува прашањето дали постојат ангелите, кои се и какви се ангелите, колку ги има и која е нивната улога?

За тоа дека постојат ангели, читаме во Светото Писмо, односно на почетокот од Првата Книга Мојсеева, во  првиот стих од првата глава.

Кога читаме за создавањето на светот, на почетокот од Првата книга Мојсеева се вели: „Господ ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1, 1). Тука под небо се подразбира небесен свет т.е. ангелите, архангелите и сите Небесни Сили, што значи дека кога Господ почнал да го создава светот, најнапред ги создал ангелите, кои се како што кажавме, втората светлина, бидејќи првата Светлина е Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Светите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, по Божество се еднакви, а созданијата, кои се од Бога создадени, се нееднакви, односно имаат своја ерархија или ред и поредок, т.е. едни се поставени на највисоко место, а други  на пониско, и така едни на други се потчинети, но сите се во служба на Бога, Кому Му служат.

Зошто се создадени Ангелите, браќа и сестри? Ангелите се создадени најнапред за да Го слават Бога, Спасителот наш Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух.  Улогата на Ангелите е да ја соопштуваат Божјата волја на луѓето. Тие се посредници во молитвите со нас луѓето, бидејќи ни укажуваат на добрите нешта, како ние треба да се однесуваме и.т.н.

Кога говориме за Ангелите, треба за знаеме дека тие се личности од Бога создадени, по Божји образ и подобие, како што и човекот е создаден по Божја образ и подобие, а тоа значи дека образот Божја во човекот е неговата душа, која има три дела: ум, разум и волја, кои кореспондираат на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Возљубени, браќа и сестри, ангелите како личности се слободни т.е. Господ ги создал како и нас луѓето да бидеме слободни, а тоа значи доброволно да одлучуваме дали сакаме да бидеме со Бога или да бидеме против Бога, како што и првиот Ангел, најблискиот до Бога, ѕвездата деница, кој се именувал Сатанаил, но откако згрешил, му отпаднало тоа ил, кое значи свет, и останал сатана. Неговата желба, поради преголемата убавина што ја имал, била да се изедначи со Бога.

Ангелите и луѓето се создадени да бидат богови по благодат, а тоа значи со силата Божја, со енергиите Божји, што ние ги добиваме преку Светите Тајни, подвизите и молитвите. Преку таа сила Божја, која се именува Божја благодат, ние Го гледаме и чувствуваме Бога, а исто така и учествуваме во природата Божја. Сатаната, пак,  заборавил на таа благодат Божја, која ја примил, како што ја примиле и сите ангели. Ние Божјата благодат најнапред ја примаме преку Светата Крштение, а исто така и преку другите Свети Тајни.

Сатаната, браќа и сестри, сакал да се издигне, како што читаме во Светото Писмо, горе над Божјите ѕвезди, и некаде на север да си издигне престол и да се изедначи со Бога. Тоа е исто како децата да им речат родителите дека не биле соработници со Бога во нивното создавање, туку тие ги создале нивните родители. Кога децата ќе посакаат да се изедначат со родителите, кои се учесници во нивното создавање, тоа е најголемото промашување. Ете, тоа е таа  најголемата глупост што ја направил сатаната кога згрешил, сакајќи да се изедначи со Бога.

Слушнавме денес од Светото Евангелие, како Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека го видел сатаната како молња паднал од небесата, под небесните воздушни пространства. Сатаната, браќа и сестри, е исто така најприсутен и во пустините. Во Стариот Завет, сатаната управувал со адот, ги држел под свое ропство и управа не само грешниците, туку и праведниците, но кога Христос по погребението, со душата слегол во адот, ги скршил резињата и вратите на адот, и ги ослободил од адот праведниците и сите оние што поверувале во Христа, како во Месија и Спасител. И од тогаш сатаната, со неговите ангели (демоните), ја загубиле силата и немаат сила над луѓето.

Па така, ние  не треба да се плашиме од сатаната и неговите ангели (демоните), зашто ним силата им е одземена, туку треба да се плашиме најмногу од нашите гревови и да се молиме т.е. да бараме прошка за нашите гревови, браќа и сестри. Дека постојат Ангели, имаме безброј докази во Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет. Исто така знаеме дека, кога згрешиле нашите прародители Адам и Ева, биле истеани од рајот, и бил поставен Херувим со огнен меч, да не им дозволи на нашите прародители повторно да се вратат во рајот, зашто ако се врателе и каснеле од плодот на дрвото на животот, ќе оживеел гревот во нив и немало да се спасат. Понатаму имаме безброј примери во Стариот Завет, кога ангелите се јавувале на луѓето. Да си спомнеме, како сношти во една од паримиите на вечерната беше кажано дека кога Исус Навин дошол со Израилците во Ерихот за да го освои, им се јавил еден човек, (односно тие го виделе како човек), а Исус Навин го прашал: „Kој си ти? Дали си од нашите или од непријателите?“, а тој му рекол: „Јас сум слуга Божји“. Тој, браќа и сестри,  бил Светиот Архангел Михаил, кој (на Исус Навин) му кажал како треба да постапува за да го освојат Ерихон. Исто така и оние три момчиња, Азариј, Мисаил и Ананиј, кои биле фрлени во огнената печка, се вели дека Ангелот Божја бил со нив во печката и огнот го претворал во роса и ги заштитувал да не изгорат. Во Стариот Завет имаме пример и со Светиот пророк Даниил, кому му се јавил Ангел Божји, кој го заштитувал во пештерата во која имало многу лавови. Во Стариот Завет го имаме и примерот со Светиот патријарх Авраам, кому му се јавиле Три Ангели, Кои Го до претставувале Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Ете, кога му се јавиле на Светиот патријарх Авраам, тој Ги примил со радост во својот дом, а Тие му ја соопштиле радосната вест за раѓањето на неговиот син Исак. Исто така, Ангелот Божји му ја сопрел раката на Светиот патријарх Авраам да не го убие својот син Исака, кој верувал дека иако го убие, Господ повторно ќе го воскресне. Понатаму имаме и други примери кога Ангели Божји им се јавувале на Божјите праведници,  како што е примерот , кога  Светиот Архангел Гаврил, му се јавил на Светиот пророк Захариј, и кога му претскажал за раѓањето на неговиот син, т.е. за раѓањето на Светиот Јован, Пророк, Претеча и Крстител. Ангели Божји  им се јавиле исто така и на Светите праотци Јоаким и Ана, на кои им ја соопштиле радосната вест за раѓањето на Пресвета Богородица, а на Пресвета Богородица и се јавил Архангел Гаврил, и ѝ ја соопштил веста за раѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос. Кога Христос кога се родил во Витлеем, Ангели од небесата ja пееле песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2, 14).

И ете, и во Новиот Завет имаме многубројни јавувања на Ангели, почнувајќи од Христовото Воскресение, кога два Ангела им се јавиле на Жените Мироносици, за да им ја соопштат радосната вест за Воскресението на Христа нашиот Бог и Спасител. Потоа Ангели му се јавиле и  на Свети апостол Петар, кои го извеле од темницата во која бил затворен. Исто така, имаме многубројни примери на јавувања, на ангели и нивни чуда, како во Стариот, така и во Новиот Завет.

Од Светото Предание, знаеме дека Светиот Дионисиј Ареопагит имал видение за Небесната Хиерархија, односно за Ангелите, и ни кажува дека постојат девет ангелски чинови, построени во три реда. Првиот ред го сочинуваат: Херувимите, Серафимите, и Престолите, врз кои Бог стои (почива) т.е. Бог е врз нив. Вториот ред го сочинваат: Властите, Господствата и Силите, а третиот ред: Ангелите, Архангелите и Началствата. Ете, таква е ангелската хиерархијата.

Во Светото Писмо ние наоѓаме информации за седум Архангели, почнувајќи од Светиот Архангел Михаил, чие име значи оној, кој што е како Бог. Потоа Архангел Гаврил, кој значи сила Божја, кој се слика со цвеќе во рака, бидејќи ги јавува радосните вести, а Архангел Михаил е оној, кој што војувал на небесата против сатаната, кој го победил, па така една третина од ангелите отишле со сатаната и повеќе не можат да се вратат, оти се утврдиле во злото, а двете третини од Ангелите останале со Бога Троичниот. Ангелите нас нè учат на добро и нè советуваат, а сатаната со неговите ангели (демоните), нè учат на зло, и ние при крштението, секој од нас имаме добиено ангел чувар, кој е од нашата десна страна, кој постојано ни внушува добри мисли и чувства, додека од левата страна е сатаната со неговите ангели (демоните), кои ни внушуваат лоши мисли, лоши чувства и лоши желби.

Браќа и сестри, да си спомнеме дека ние при создавањето сме поставени, како што кажавме на почетокот, нешто подолу од ангелите, но Господ нас луѓето со слава и со чест нè овенчал, и ни дал можност да бидеме богови по благодат, а тоа значи да се усовршуваме со помош на Божјата благодат, како што рекол Господ Исус Христос: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец, Кој е на Небесата“ (Мат. 5, 48). Тоа совршенство, браќа и сестри, е скоро и недостижно, но за нас луѓето и ангелите, е секогаш можно, сè повеќе и повеќе да се усовршуваме. Да не заборавиме дека ако ние паднеме во тешки смртни гревови, дека мораме да се трудиме да се ослободиме од гревовите, за да се спасиме. Нашиот живот на земјата е многу краток, и ние сме како гости во овој свет, па така порано или подоцна ќе го оставиме овој свет и ќе преминеме во оној другиот свет, каде кога ќе умреме, ќе треба  да дадеме одговор на времениот суд во четириесеттиот ден, а кога Христос повторно ќе дојде да му суди на светот, тогаш ќе треба да дадеме одговор и на Страшниот Христов Суд, кога сите ќе воскреснат од мртвите, а оние кои ќе бидат затекнати живи, ќе преминат во друга состојба т.е. телата ќе им бидат продуховени, како што било Телото на Христа, нашиот Бог и Спасител, по Воскресението. Затоа должност на секој од нас е внимателно да се однесува кон спасението на својата душа.

Во тој дух, браќа и сестри, да не заборавиме дека должноста наша е да се трудиме што е можно повеќе да се ослободуваме од гревовите и да не ги соблазнуваме другите, зашто слушнавме од денешното Свето Евангелие, а исто така и од апостолот, дека Господ вели: „Знаете ли дека ангелите се радуваат на оној свет, кога некој грешен човек ќе се покае на земјата“. За каењето на луѓето и за нивното поправање во нивниот живот, се радуваа Ангелите на небесата, па затоа Спасителот Христос вели: „Немојте да соблазните ниту еден од овие мали, вели Господ, зашто Ангелите нивни гледаат на Лицето Божјо на небесата“.

Па така, браќа и сестри, поучени од денешниот Свет апостол и од денешното Свето Евангелие, а и од оваа проповед, во која укажавме дека постојат Ангели и дека нивната задача е да ја соопштуваат и пренесуваат волјата Божја, да бидат посредници меѓу нас и Бога, да нè упатуваат на правиот и вистински пат, кој е Христос нашиот Бог и Спасител, да се потрудиме и ние ангелски живот да живееме.

Во првите тие века, кога некои христијани почнале Ангелите да ги сметаат за богови, на Лаодикискиот Собор, во триесет и петтото или шесто правило,  била донесена одлука, во која се вели дека Ангелите не се богови, туку дека се лични бестелесни суштества, не материјални и слободни. Од тогаш па наваму, нашата Света Православна Црква им определила и празници, како што е и овој денешен празник.

По молитвите на Светите Архангели Михаил и Гаврил, и на сите Небесни Сили, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар