Петнаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 20.09.2020 г., во Петнаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Созонт, Светите апостоли Евод и Онисифор, Светиот маченик ЕвпсихијСветиот Јован, архиепископ Новгородски и споменот на Преподобната Касијана Песнописателка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето литургиско Евангелие, во кое беше кажано како еден богат човек му пристапил на Господа Исуса Христа, кој, со намера да го искуша, Го прашал Спасителот која е најголема заповед во Писмото, а Господ Исус Христос му рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, и ближниот како себеси. Тоа прави го и ќе бидеш жив“ (сп. Мат. 22, 37-39).

Веднаш се поставува прашањето, кого ние денеска најмногу го љубиме, и кон што најмногу го упатуваме нашиот ум, нашето срце, нашата душа и нашите мисли?

Господ вели: „Кој сaка повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, ниви или куќи, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37), а јас би додал и духовник, односно гуру духовник, кој е свештено лиц или еромонах, кој верниците ги повикуваат и ги свртуваат кон себе, а не кон Христа. Има такви верници, кои побргу ќе загинат за духовникот, отколку за Христа.

Ете, овие зборови не се мои, туку Христови, па затоа најмногу треба да Го сакаме Бога, од Кого потекнува нашето постоење, нашето живеење и нашето опстојување во нашиот живот.

Бог е љубов, па затоа во Светото Писмо е речено дека Отецот го љуби Синот и Светиот Дух, а Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светот Дух Го љуби Отецот и Синот. Ете, тоа е совршената љубов во Светата Троица на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Од таму почнува и потекнува секаква љубов и секакво постоење, и сè што постои во светот. Господ не случајно, и не поради нешто друго, го создал светот, туку од преголема љубов, најнапред духовниот свет, ангелите и небесните сили, а потоа и материјалниот свет. Господ, браќа и сестри, со создавањето не застанал тука, туку го создал и човекот како цар на земјата, за да управува со неа и рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мој. 1, 28). Што значи Бог е љубов, па затоа еден светител на Руската Православна Црква вели: „Боже, Господи, името Ти е љубов!“, и токму затоа треба да Го љубиме Бога со сето свое сеце. Што значи да се љуби Бог со сето свое срце? Тоа значи сите наши желби, чувства и пориви, а исто така и нашата волја да се движи кон Бога.

Христовите зборови „возљуби Го Господа со сета своја душа“ (сп. Мат. 22, 37), значат ние целата  наша душа да Му ја прададеме на Бога.

Од денешното второ Свето Евангелие, ги чувме Христовите зборови: „Оној, кој што сака да ја запази својата душа ќе ја изгуби, а тој што ќе ја изгуби душата заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси.

Што значи тоа, кој што сака да ја спаси душата ќе ја загуби? Оној, кој својата душата, ќе ја насочи исклучиво кон земните и материјалните богатства, кон уживањата и кон сè што е преодно, материјално, земно, тој секако ќе ја изгуби својата душа, а оној што, заради Евангелието, заради Христа нашиот Бог и Спасител, ќе ја изгуби својата душа, односно Нему му ја предаде, тој ќе ја спаси душата своја.

Па така, браќа и сестри, спасувањето на душата, се состои во тоа, кон што ние ќе ја насочиме нашата душа. Да се сака Бог со сите свои мисли, значи постојано да мислиме на Бога, како што мајката постојано мисли на својот син единец, која сите своии мисли и чувства, ги насочува кон својот син, т.е. постојано мисли на него да не му се случи нешто лошо, како ќе проживее, како ќе опстои и.т.н.

На ист начин и мажот и жената, пројавуваат таква вистинска љубов, и постојано мислат еден на друг. Ете, таква е таа несебична љубов, браќа и сестри.

Љубовта Божја не бара ништо, туку таа самата се дава, бидејќи е саможртвена. Доказ за тоа дека љубовта Божја е саможртвена, е Светото Писмо, во кое се вели: „Отецот толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (сп. Јован 3, 16).

Гледате ли колку е голема и слина љубвта Божја. Бог Отецот Го жртвува Својот Син, како Авраам своевремено што го жртвувал својот син Исака, кога му било речено да го жртвува, верувајќи дека Бог ќе го воскресне и ќе го спаси.

Ете, таква е љубовта Божја, која за возврат ништо не бара. И Христос нашиот Бог и Спасител, од преголемата љубов, кон човечкиот род, излезе од прегратките на Отецот, и дојде во светот, понижувајќи се до таму, како совршен Дух, да прими наше тромо човечко тело и да се изедначи во сè со луѓето, освен во гревот. Ете, Господ посакал да претрпи големи страдања и маки, да биде тепан, да биде биен, да биде плукан, да биде шамаран, трнов венец да Му стават на главата, да биде неправедно осуден, да Му го дадат Крстот да го носи на Голгота, и на него да биде распнат. Ете, од преголема љубов кон луѓето, Христос нашиот Бог и Спасител и од Крстот се моли за оние што Го распнуваа со зборовите: „Прости им Боже, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Господ Исус Христос бара прошка за Неговите непријатели, за оние што Го распнуваат. Ете, тука е таа совршена Божја љубов, од која извира секоја љубов. Токму затоа Свети Јован Богослов вели: „Ако некој рече: „Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (сп. 1. Јован 4, 20). Тука во овие зборови се укажува на тоа дека пред сè и над сè мора Бога да Го љубиме, зашто во првата заповед е речено: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, и ближниот како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39)“. Во оваа заповед се содржани сите други заповеди, а втората заповед за љубовта кон ближниот, е содржана во првата заповед, т.е. во заповедта за љубовта кон Бога, браќа и сестри.

Во врска со тоа, старозаветниот пророк вели: „Господи Боже, секоја ноќ моето срце и мојата душа, копнеат по Тебе“. Ете, како тоа Го доживува старозаветниот пророк. А Светиот пророк Давид ќе рече: „Како што еленот жеднее по водни извори, така и душата моја, копнее по Тебе Боже!“ (Псал. 41, 1). Исто така, браќа и сестри, во Светото Писмо е кажано дека љубовта кон Бога е најголема и најсовршена љубов. Каде што има љубов кон Бога, тука престанува секаков страв.

Ете да си спомнеме како нај слабите и нај нежните суштества т.е. Жените Мироносици, ноќе тргнаа на гробот Христов, за да Го помажат Телото Исусово. Замислете, не беа Апостолите оние кои први тргнаа кон гробот Христов, туку нежните и слабите Жени Мироносици, кои без никаков страв тргнаа да Го помажат Телото Христово рано наутро.

Таква е љубовта Божја, браќа и сестри, таква е љубовта на луѓето кон Бога, кои искрено Го сакаат со сета своја душа, со сето свое срце, со сиот свој ум и со сите свои мисли.

А кога зборуваме за втората заповед, љубовта кон својот ближен, Светиот евангелист Јован Богослов вели: „Не може некој да Го сака Бога, како што кажавме веќе, а да го мрази својот ближен“. Ако ние Го сакаме Бога, тогаш ќе ги сакаме и сите луѓе, бидејќи сите сме  Негови чеда. Ако сме Негови чеда, тогаш ние сме и браќа меѓу себе, а ако сме браќа меѓу себе, тогаш ќе се сакаме помеѓу себе, како што децата во едно семејство се сакаат едни со други, затоа што имаат ист татко и иста мајка. Ете, на ист начин треба да се сакаат и луѓето во поголемата заедница, т.е. во Црквата Божја, и општо во целиот свет, затоа што имаат еден Отец, Кој е на небесата, и токму во тоа е големината, браќа и сестри.

И од таа гледна точка, треба да се знае дека ако човек Го сака Бога, тогаш тој може да поднесува и големи страдања и големи искушенија.

Од денешното второ литургиско Евангелие, браќа и сестри, слушнавме дека Господ вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот Крст, и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34). Што значи тоа? Тоа значи дека оној што вистински Го сака Бога, треба да се одрече од самиот себе, од својата човечка волја, од земните, материјалните и другите преодни нешта во светот, да го земе својот крст т.е. сите страдања, искушенија, маки и потешкотии во животот, и истите да ги прифати како дар од Бога, за преку нив да може да се спаси. Некој ќе рече, а зошто јас да страдам? Да се прашаме, браќа и сестри, зошто Христос пострадал, Кој дошол не за праведниците, туку за грешниците. Христос заради нас дошол во светот, заради нас пострадал, заради нас умрел на Крстот, заради нас бил погребан, заради нас слегол со душата во адот, за да ги избави од адот и грешниците, и праведниците, кои поверувале во Него.

Спасителот Христос Воскреснал од мртвите и се јавувал по Своето Воскресение, а по четириесет дена се Вознел на небесата. Заради нас Спасителот Христос Го испратил Светиот Дух над Своите Свети Апостоли и постојано е присутен во Неговата Света Црква.

Ете, ако Господ така се жртвувал Себеси, заради нас грешните и недостојните, ние тогаш што треба да правиме? Не треба ли и ние да покажеме барем малку љубов кон Бога!? Ако немаме љубов кон Бога, тогаш немаме љубов ни кон својот ближен. Затоа Господ им рекол на Светите Апостоли: „Нова заповед ви давам, да се сакате еден друг“ (сп. Јован 13, 34). Овие зборови се однесуваат и на сите нас, браќа и сестри. Нема ли љубов во семејствата, меѓу децата, меѓу браќата и сестрите, меѓу мажот и жената, нема ли љубов во заедницата Христова, во парохијата, во  Епархијата, во Црквата Божја, тогаш, браќа и сестри, тука не е присутен Бог, туку, тука е присутен ѓаволот. Таму каде што има луѓе, кои велат: „ние сме најдобрите“, тука е влезен ѓаволот. Кога ќе слушнете некој да вели: „нашата Црква е најдобрата Црква“, верувајте дека преку таквиот човек зборува ѓаволот, а и сите оние што така мислат, кога ќе рече некој дека нашиот манастир е најдобриот манастир, тоа е ѓаволска идеја. Знајте и бидете уверени во тоа дека е така. Тоа не го велам јас, туку го велат оние што тоа го провериле, за таканаречените гуру духовниците, кои себеси се прогласуваат и поставуваат пред Христа. Ако јас застанам пред Христа и вие мене ме сакате, тогаш и вие и јас сме на погрешниот пат. Јас треба да бидам пастирот, кој што ќе ве води кон Христа, а не кон мене. Сите духовници, свештеници, игумени, архимандрити, владици и незнам кои, што ве водат кон себе, се на погрешен пат. Ова морам да го кажам, зашто во Русија веќе се води голема борба против таканаречените гуру духовници, а тоа се свештени лица кои Бога Го ставаат на второ место, а на прво место се ставаат себеси. Ако јас се ставам на прво место, а Бога го ставам зад мене, тогаш не сум Божји епископ, туку јас сум слуга на ѓаволот.

Затоа укажувам на ова, браќа и сестри, за да знаете дека од ова нешто не страда само Руската Црква, туку страдаат и други Православни Цркви, но не помалку и нашата Македонска Православна Црква.

Затоа да се помолиме, браќа и сестри, на Светиот маченик Созонт и на Светите апостоли Евод и Онисифот, на кои денес споменот им го празнуваме, преку нивните молитви и преку молитвите на Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господ нè запази од секакво зло.

Да Го возљубиме Господа Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сета  своја мисла, со сиот свој ум, и ближниот свој, како самите себе. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар