Обрезание Господово и Свети Василиј Велики – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 14.01.2020 г., кога го празнувавме Обрезанието по тело на Спасителот наш Господ Исус Христос  и споменот  на Светиот Василиј Велики, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Зоран Димовски и Атанас Лажовски, протоѓаконот Драган  Ѓорѓиевски и ѓаконот Метошко Дончовски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола. 

После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на предстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови, кои секојдневно ни ги дава.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, нашата Света Православна Црква, денес прославува троен празник. Празникот именуван Нова Година, според јулианскиот календар, кој всушност бил прифатен на Вселенските Собори како официјален календар за Црквата Христова, останува и ќе остане во употреба во нашата Македонска Православна Црква, сè додека на Вселенски Собор не биде поинаку одлучено, зашто само Вселенските Собори, одлуките што ги донесувале, можеле да ги изменат, согласно со потребите на Црквата, доколку не се работи за вистините Божји, а вистината е една, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител и учењето на нашата Света Православна Црква, за Него т.е. за Троичниот Бог.

Нема многу догми, една е догмата за Христа нашиот Бог и Спасител. Токму околу тоа се кршеле копјата, кога се создавале погрешни учења за Вистината, за Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, кога го празнуваме овој празник, односно календарската Нова Година, според јулијанскиот календар, исто така, во истиов ден го празнуваме големиот празник Обрезание Господово, што се случил во осмиот ден по раѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител.

Исто така, денес го празнуваме и Свети Василиј, кој е столбот на Православната Црква, меѓу оние останати столбови, како што се: Свети Јован Златоуст, Свети Григориј Богослов, Свети Атанасиј Велики, Свети Кирил Ерусалимски и Свети Кирил Александриски, и.т.н.

Свети Василиј во нашата Света Црква е познат како голем богослов, голем подвижник и голем канонист, бидејќи напишал многу канони, и токму заради тоа му е ставен епитетот велики, што значи голем црковен маж на нашата Света Православна Црква.

Па ете, да кажеме по нешто за сите овие три празници. Кога зборуваме за новата година, секогаш преку нашите чувства, се осмелуваме да кажеме кои се нашите желби во нашиот живот и кои се желбите во годината што настапува. За да посакаме желби и да живееме во согласност со учењето на Света Црква, потребно е најнапред да направиме преглед на сето она што сме го постигнале или не сме го постигнале во изминатата година.

Ние обично правиме пресметка во семејниот буџет, за тоа колку приходи и расходи сме постигнале, односно дали навистина сме успеале добро да ја поминеме годината, а истото го прават и оние што работат во разни фирми, претпријатија и организации, со цел да констатираат, дали  правилно работеле, односно дали повеќе приходи или расходи направиле. Така и ние, браќа и сестри, треба да направиме преглед, дали сме направиле повеќе добри дела во годината што измина или сме направиле повеќе лоши дела.

Без еден таков преглед на нашите постапки, на нашиот живот, на нашите однесувања, ние не можеме да речеме, дека тоа и тоа го посакуваме во годината што следува, туку откако ќе ги направиме тие пресметки и откако видиме колку добри, а колку лоши дела сме направиле, тогаш да се насочиме, она што е добро да го исполниме и да го извршиме, а она што било лошо, да го отклониме и отстраниме од нас, со цел да не ги повторуваме грешните постапки, однесувања и дела, кои изминатата година сме ги направиле.

Браќа и сестри, токму во тој дух нè поучуваат и Евангелија што денеска ги слушнавме. Имено, во Светото Евангелие се говореше за тоа, како Спасителот наш Господ наш Исус Христос, како дванаесет годишно дете, бил однесен во Ерусалимскиот храм.

Праведниот Јосиф бил вереник на Пресвета Богородица, бидејќи во тогашната држава, било недозволено некој да живее безбрачно. Спасителот Господ Исус Христос го почитувал и Јосифа, а и Својата мајка, Пресвета Богородица, и секогаш ги слушал нејзините поучните зборови и во ништо не им се  противел.

Тој ништо спротивно не правел од она што го учела и воспитувала Неговата мајка. Па така, се сеќаваме и на она чудо што Спасителот Господ Исус Христос го направил во Кана Галилејска, кога на молба на Неговата мајка, водата ја претворил во вино. Ете, колку бил исполнителен Спасителот наш, Господ Исус Христос.

Спасителот Христос, кога како дете, со своите родители бил отиден во Ерусалимскиот храм на неколку дена. Кога се враќале назад за Назарет, а биле некаде можеби на половина пат, тогаш Светиот Јосиф и Пресвета Богородица,  кога забележале, дека Спасителот Христос го нема, и веднаш го побарале и не го нашле. Потоа почнале да прашуваат по роднините и пријателите, дали некој го видел, но сите рекле, дека не го виделе при враќањето од Ерусали  за Назаред. Тогаш тие одлучиле да се вратат назад и да го бараат по патот. Кога стигнале во Ерусалим и кога влегле во храмот, тие го виделе таму како дванаесет годишно момче седи на престолот и ги поучува старешините Еврејски. Тогаш тие му се обратиле, зошто така ни направи, (сине) ние многу се загриживме за тeбе. А Христос им рекол: „Зошто сте ме барале, зар не знаете, дека Мене ми доликува да бидам во домот на Мојот Отец?“ (сп. Лука 2, 49).

Ете, со тоа Спасителот Господ Исус Христос, покажал колку била силна Неговата ревност за храмот Божји, каде што изобилно е присутен Светиот Дух, каде што изобилно е присутен самиот Троичен Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Ете, токму затоа Господ укажал на тоа, дека Нему му доликува да биде во домот на Неговиот Отец. Кога се вратиле, се вели, дека Спасителот Христос им бил послушен и на праведниот Јосиф, а исто така и на Мајка му Пресвета Богородица.

Ние денеска, браќа и сестри, го прославуваме и Светиот Василиј Велики, како што на почетокот спомнавме, кој се родил во времето на великиот цар Константин, некаде во 329 година, а својот живот го завршил во 379 година, на педесет годишна возраст.

Свети Василиј, потекнува од Кесарија Кападокиска, за која сигурно сте гледале на телевизиите, дека таму и ден денес, има прекрасни цркви и манастири, кои се издлабени во карпите, односно во оние големи ридови, каде што христијаните во тоа време биле еднодушни и правилно ја исповедале верата. По кажувањето на Свети василиј Велики, таму задолжително се служеле Свети Литургии, секоја среда, секој петок, секоја сабота и  секоја недела, и на секоја Божествена Литургија, верните се причестувале.

Кога зборуваме, за Светото Христово обрезување, потребно е да кажеме, дека обрезанието е старозаветен закон, кој е донесен во времето на Светиот старозаветен патријарх, Авраам, со кој Господ склучил Завет или договор.

Господ на старозаветниот патријарх Авраам му рекол дека од тогаш па натаму, еврејскиот народ треба да го почитува овој закон, завет и договор, односно секое машко родено дете да биде обрезано, т.е. крајчето од нечистиот орган да биде отсечено.

Со тоа, сакало да се укаже, дека еврејскиот народ е избраниот народ. Во Старозаветната Црква, во Стариот Завет, еверјскиот народ е единствен народ, кој останал доследен на Верата во Бога, верата во Месијата, Христа Спасителот, а тоа значи, доследен  во верата во Света Троица, во Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

И ете, тој Завет или закон се запазувал сè до времето на Господа Исуса Христа. Христа Спасителот немал потреба од обрезание, бидејќи не бил нечист. Он е свет и непорочен, но заради нас грешните и недостојните слегол од небесата, излегол од прегратките на Отецот и доброволно примил човечко тело, изедначувајќи се со луѓето во сè, освен со гревот. На тој начин, Спасителот Христос, на осмиот ден по раѓањето, бил донесен во храмот и бил обрезан по тело, за да се покаже, дека е вистински човек, а не некое привидение, како што погрешно учеле некои еретици за Христа нашиот Бог и Спасител. Еве, за да се докаже дека бил вистински човек со вистинско тело, Христос токму затоа примил и обрезание.

Обрезанието е праслика или праобраз на крштението. Како што преку телесното обрезание се очистува телото од нечистиот дел, односно од крајчето, така и преку крштението, стариот човек умира и се раѓа нов човек. Човекот кој што живеел во гревови, кога влегува во воводата т.е. во купелот или кога младенците ги ставаме во купелот или ги полеваме со водата, тогаш практично сите гревови, кои се направени, дали е мало дете, кое ги носи гревовите од неговите родители или предците, или е возрасен, кои ги направил тој (своите лични гревови), вклучувајќи го и првородниот грев, човекот  што се крштева, се ослободува од сите гревови. Кога новокрстениот човек излегува од купелот и водата, тој излегува како нов човек, човек без гревови.

На Светата тајна Крштение се пее песната „Вие кои во Христа се крствивте, во Христа се обелековте“ (сп. Гал. 3, 27). Што значи од тогаш па понатаму, ние сме се откажале од сатаната, од сите негови дела, од сето негово служење, од сета негова гордост, и сме го примиле Христа за наш Бог и Спасител. Но поради слабоста на нашата човечка природа, ние повторно грешиме и токму затоа мораме да се ослободиме од гревовите кои повторно ќе ги направиме, преку повторното крштение, покајанието и исповедта.

Повторното крштение е всушност покајанието со исповедта. Кога ќе се покаеме пред свештеникот за направените гревови, односно кога ќе пролееме многу солзи за направените гревови и ќе направиме спротивни дела на гревовите што сме ги направиле, тогаш, ќе бидеме сигурни дека Христос ни ги простил гревовите, односно ако умот и срцето, повеќе не нè водат кон тие гревови, тогаш ни се простени гревовите.

Конечното простување на гревовите завршува со пристапувањето, кон Светата Тајна Причест, односно со примањето на Телото и Крвата на Христа нашиот Бог и Спасител. Преку Причесната, конечно се очистуваме од сите гревови, па токму затоа, Причесната ја примаме при сите Свети Тајни, односно, по Крштението и Миропомазанието, по Светата Тајна Покајание и Маслосвет, по Светата Тајна Венчание и по Светата Тајна Свештенство. Значи оваа Света Тајна Причест е над сите Свети Тајни, односно Причесната е најголемата Светиња, таа е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, преку Кој ние се ослободуваме од гревовите. И конечно, обрезанието е всушност старозаветниот закон, што е заменет како што кажавме со Крштението.

Ние духовно се обрезуваме, тогаш кога од нашето срце и ум, ќе ги отстраниме сите грешни мисли, помисли и фантазии, кои слегле од умот во срцето, грешните желби, грешните похоти, грешните чувства, грешните страсти и грешните дела. Тогаш ние сме примиле духовно обрезание, односно сме го очистиле срцето, умот и душата, и на тој начин ние стануваме чисти и непорочни, не преку нашите заслуги, туку преку милоста Божја и преку Света Тајна Причест, која нам ни се дава.

А Свети Василиј Велики, како што кажавме, браќа и сестри, е голем светител, кој целиот свој живот му го посветил на Бога. Овој голем светител или столб на Црквата, бил еден од најучените луѓе во тоа време. Десет години бил епископ на Црквата пред да премине од овој во оној свет, во времето кога имало големи гонења на Црквата Христова. Светиот Василиј не се исплашил од никого.

Еднаш, кога бил повикан пред царот за да биде суден за тоа што бил христијанин, нему му било кажано дека, ако тој продолжи така, ќе му биде одземен сиот имот што го има, а потоа, дека ќе биде протеран од земјата и на крај конечно ќе биде и убиен. На тоа Свети Василиј, одговорил пред царот со следните зборови: „Нема што да ми земете, имам само една облека, една риза и една мантија, тоа е мојот имот и неколку книги. Ако ме протерате, секаде е земјата Господова, ако, пак, ме убиете, побргу ќе ме соедините со Христа мојот Бог и Спасител“.

Така одговорил овој голем и силен маж, со цврст карактер, кој напишал многу книги, а исто така, нашишал и осумдесет правила за нашата црква и за монасите.

Свети Василиј бил голем подвижник и голем ерарх на Црквата, и токму затоа Црквата го слави. Напишал и оставил зад себе Божествена Литургија, која десет пати во годината се служи, меѓу кои и на денешниот ден.

Преку молитвите и застапништвото на Свети Василиј Велики, Господи Исусе Христе Сине Божји, Кој си обрезан во осмиот ден по тело, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар